Лас Македонија

Стигнуваме до делот кога била во Македонија. Грлото почнува да ме реже зашто насетувам разочарување. Искрите во нејзините очи се гасат. Спласнува возбудата. Не се ни сеќавам што точно ми изнараскажа за Скопје

Сосем случајно, оваа моја прва колумна се поклопи со мојата работна посета на Франција. И бидејќи станува збор за прва колумна од серијата колумни, кои ќе имате можност редовно да ги читате тука, имав подготвено работна верзија на колумната и на темите за кои сакав да пишувам. Но, една интересна случка од моето патување во Франција ме убеди да ги сменам планот и тонот на колумната.
Имено, како претставнички на нашето здружение, јас и мојата колешка, заминавме на конференција во Париз на која се дискутираше за важноста од физичката активност и како да се мобилизираат поголем број Европејци да бидат спортски активни.

Конференцијата беше од голем размер, имаше повеќе од двесте учесници и учеснички и се одржа во просториите на Францускиот олимписки комитет. Убаво здание, на неколку ката, веројатно поубаво од повеќето министерства во нашата земја. Настанот, како и што очекувавме, беше испланиран до најмали детали и организиран до совршенство. Уште на отворањето заклучивме дека сме на вистинското место. Активно слушаме додека траат интерактивните презентации, се вклучуваме во дискусија, се размрдуваме со т.н. вежби за енергија, се вмрежуваме и разменуваме контакти. Потајно си ги мериме силите и капацитетите, споредувајќи се со другите претставнички од граѓански организации со седиште во европските земји.

Експертизата ни е идентична, а ентузијазмот за работа дури и поголем од нивниот. Знаеме дека условите за работа ни се многу различни и дека тоа што тие ќе го постигнат за една недела не ќе го постигнеме за еден месец или повеќе. Ништо ново. Навикнати сме дека кај нас сѐ оди тешко и бавно.

Панелите и презентациите во рамките на конференцијата се едукативни, а некои и многу иновативни, сепак, најомилен дел ми се паузите за ручек и кафе кога во опуштена атмосфера се одвива запознавањето и вмрежувањето (многу трендовски термин во граѓанското општество). Тогаш успевам да ги запознаам луѓето и да ги чујам нивните приказни. А бидејќи сум писателка и секогаш сум во потрага по добри стории, тогаш сите сетила ми се будни. На алерт сум зашто инспирацијата може да пристигне од секое ќоше.

Во екот на ручекот се запознавам со една девојка од Аргентина. На конференцијата била поканета зашто треба да прими награда во име на нејзиниот директор, кој се разболел во последен миг и наместо тој допатувала таа. Инаку, наградата е за пренамена на стара и напуштена зграда во фитнес-зона (многу интересна пренамена). Нејсе. Се претставуваме кои сме и од каде сме и таа радосно ми соопштува дека била во Македонија. Охрид многу ѝ се допаднал, а кога јас ѝ реков дека сум од Скопје и дека таму е канцеларијата на здружението, ме погледна резигнирано но само за миг, за потоа да ми каже дека Скопје не е убав град и дека ниту малку не ѝ се допаднал. Не можев да ѝ се налутам, Скопје ниту мене не ми се допаѓа. Ах, да може да се врати она мое старо Скопје, чувар на среќното и безгрижно детство.

Потпивнувам од пијалакот, чувствувајќи носталгија по мојот некогаш убав град. Се прашувам дали и некој друг во просторијата чувствува носталгија по својот роден крај. Се развртувам, сите наоколу уживаат во ручекот, целосно внесени во возбудливите разговори. Мојата симпатична соговорничка се опушти кога сфати дека не ме навреди со нејзината искреност. Љубопитна сум да знам повеќе. Ја прашувам поради која причина била кај нас. Македонија сепак не е близу Аргентина и мора да постои посебна причина зошто одлучила токму кај нас да дојде.

„Фасцинирана сум од вашата историја. Александар Македонски е мојот идол. Сѐ знам за него“, ми вели во еден здив и продолжува занесено да раскажува.

„Мајка ми за осумдесеттиот роденден на мојот дедо, нејзиниот татко му ја подари книгата за Александар Македонски напишана од италијанскиот автор Валерио Масимо Манфреди. Но тој не успеа да ја прочита зашто по некој месец почина. Книгата со години стоеше во неговата соба, додека јас еден ден не почнав да ја читам. Првпат ја прочитав на тринаесет години, а ја препрочитував уште трипати. Бев толку фасцинирана од неговото јунаштво што ја молев мајка ми да ги купи и другите две изданија (станува збор за трилогија). Кога ни пристигнаа по пошта и двете ги читавме деноноќно. Јас буквално пораснав со него“, ми се доверува мојата соговорничка.
Ѝ верувам. Очите ѝ светкаат кога раскажува за тие книги.

„Кога наполнив дваесет и девет години“, продолжува таа, а јас внимателно ја следам, „мајка ми ме донесе на одмор во Македонија. Таа знаеше дека мечтаев да се најдам во земјата на мојот идол. Мечтаев да се запознаам со народот на мојот идол. Кога дознав дека ќе дојдеме бев премногу возбудена. Секој ден планирав каде ќе одам и што ќе посетам“, дополни, набројувајќи дел од локациите. Стигнуваме до делот кога била во Македонија. Грлото почнува да ме реже зашто насетувам разочарување. Искрите во нејзините очи се гасат. Спласнува возбудата. Не се ни сеќавам што точно ми изнараскажа за Скопје. Знам само дека го спореди со Лас Вегас. И дека оттогаш никогаш повеќе не ги допрела книгите на Масимо Мафреди.

Набрзо, разговорот зеде друг тек и ние почнавме да дискутираме за нашата работа и за проектни активности. Кога ги исцрпивме сите теми за разговор се поздравивме и се завртивме настрана. До крајот на денот запознав уште многу учесници и учеснички и со нив разговаравме на интересни теми. Сите беа фасцинирани од нашата работа и посветеност на нашата визија. Сѐ на сѐ, работната посета во Париз беше и повеќе од делотворна. Постигнавме сѐ што сакавме; добивме интересни идеи, стекнавме нови контакти, договоривме состаноци за соработка и создадовме нови партнерства. Одлично ја претставивме нашата организација на европската спортска сцена. Требаше да бидеме горди и задоволни од нашиот успех.

Но, тоа што остана до крајот на патувањето беше горливото чувство во стомакот. Чувството на нерационалност и на неправедност. Чувството на жртва на подмолните политички игри. Чувството на изолираност и неприпадност. Чувство на изиграност. Чувството на Лас Вегас.

(Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ,
Скопје. Започнувајќи од денеска, секој втор четврток, Митевска на оваа станица ќе ги
изнесува своите согледувања за повеќе општествени области.)