Лазањите на Грета, чевлите на Владо и нека ми прости ЛГБТИ-заедницата, ништо за нив

Русјаков, ја слушаше Грета?
Секако. Секогаш ја слушам Грета. Морам да ја слушам.
Како мислиш секогаш?

Па секогаш кога има што да ми каже. Грета е неверојатна. Исклучителен другар. Фантастичен архитект. Да пробаш само какви лазањи прави.

Ама за која Грета ми зборуваш ти?
За мојата најдобра пријателка Грета. Некогаш бевме силно вљубени.
Ама ти се заебаваш со мене, а? Ти зборувам за Грета, Швеѓанката што распали во Обединетите нации за тоа како никој не се грижи за планетава. Сакаш да кажеш дека не ја слушна? Интернетот гори.

Поим немам за што зборуваш. Го чув само говорот на Трамп. Заврши времето на глобалистите. Ова е свет на суверенисти и патриоти. Ми се допадна тоа. Штета што немаме и ние такви политичари.

Баш те заболе за планетава, а?
Баш ме заболе за планетава. Ја разорувам со војни кога ќе ми прдне. Ја дупчам и бушам кај ќе стигнам. Фрлам осиромашен ураниум. Сечам шуми, подигам корпорации. А кога сакам да ги направам сите малоумни, најмувам опскурни ликови да плачат за климатските промени и други еко-заебанции. Додека јас оргијам со планетава, кутрите владетели на светот наречени глобалисти пишуваат книжевност, читаат книги и стрипови, водат љубов и се дружат. Таков гад сум. Злобен и безмилосен. За разлика од кутрите нежни глобалисти загрижени за екологијата.
Цинизмот нема никаде да те одведе.
Никаде и не сум тргнал.

Да тргнеше ќе можеше да ја видиш промената. Порано за време на Грујо, кога глумци протестираа против режим, гадни работи се случуваа. Ги пукаа со гумени куршуми. Ги ставаа во притвори. Ги силуваа на сцена. Ги ликвидираа по улици. А сега гледаш како е? И глумците поддржувачи на режимот можат да играат.
Ако добро се сеќавам, единствен повреден актер имаше на протестите против промена на име. Кога ЕБР-кретен фрли шок-бомба во нозете на глумицата. Ѝ нанесе гадни повреди.

Ајде, ајде, за една шок-бомба ли ќе креваш сега врева? Што е таа шок-бомба во споредба со минатиот режим? Кога глумците ги ликвидираа по улици, па мртви мораа да глумат.

Знам, ужасно беше. Заебани времиња. Ај што ги ликвидираа физички, ама и уметноста ја убиваа во нив. Режимот смисли гадна тактика како да ја убие. Најпрво ги вработи речиси сите. На државна цицка. Така ги фрли во удобност. Оти се знае, невработен глумец е постојано во уметноста. Кога ќе го вработиш станува мрзлив. Но, монструозниот режим не застана тука. Им ги покачи платите. Практично им ги дуплираше. Сега имаат повеќе пари да јадат, пијат и трошат. А тоа е луксуз. Уметникот треба да гладува за да твори. Вака, зема висока плата, па аздисува. Ќе беше добро режимот да запре тука. Ама не запра. Тргнаа да градат театри. Нови театри. Во Скопје. Низ Македонија. Што ќе им се на актери нови театри? Ним им требаат стари и гнили градби што се распаѓаат. Даски што живот значат. Во буквална смисла. Ако пропадне низ нив. Актерот треба да почувствува како е да си на дното. Да гори на лимен вжештен покрив. Убавиот живот да му биде недостижен трамвај наречен желба. Нови театри се непотребна удобност. И ете ти разгалени актери незаинтересирани за уметност. Стварно гаден режим. За среќа, има актери што не ги допре тоа. Нив театар „Баљшој“ и „Бродвеј“ да им кренеш, попусто им е. Затоа глумат политика. И одвреме-навреме се ситат кога блескавата власт забранува серии, филмови и книги. Или затвора актер како Владо зашто зборувал на протест. Му се сити и си мисли дека може да влезе во неговите чевли. А тешки тие чевлите на Владо. Во нив можат да влезат Хамлет, Тартиф, Иби. Никако некој што злорадоста му била единствен монолог.

А-ха, знам на каде целиш.
Целам накај усните на Грета. Планирам да ги бакнам.
Па ти си ненормален. Она девојче…
Дугарка ми Грета не е девојче. Ме викна на лазањи. И јас секако ќе ја бакнам. Затоа ќе те замолам, да го привршиме разговоров.
Беше на протест?
Каков протест?
На новинарите.

Што има новинари да протестираат? Кои се бре они да објавуваат документи или прислушувани разговори? Се знае дека тоа смеат да го прават само Заев, СДСМ и новинарите што нив ги поддржуваат. Кај го има тоа? Не може правилата што важеа за Груевски да важат и за Катица. Грујо беше диктатор, а Катица мит, така? Или сега новинариве. Фатиле да пишуваат за криминалите на власта. Што е, се прават наудрени? Не гледаат дека криминалите на оваа власт се всушност криминали на ВМРО-ДПМНЕ додека беа на власт? Само ги напикале по фиоки, во плакари и под тепих, па сега блескавиве наседнуваат. Отвораш фиока да видиш што има во неа и оп, наместен тендер. Или отвораш плакар за да видиш да не се кријат внатре неколку криминалци, суетен новинар и нека ми прости ЛГБТИ-заедницата, еден обичен педер, кога таму стварно неколку вмроовски криминалци, суетен новинар поддржувач на мафијата и нека ми прости ЛГБТИ-заедницата, еден обичен педер под вмроовски халуциногени дроги и ете ти афера за рекет подметната од претходниот режим. Фаќаш да изнесеш тепих пред Влада за да го затресеш од прашина, кога и под него вмроовски криминали. И сега новинарите лажат дека се на блескавата власт. Среќа што Обвинителството е бранител на блескавите. И сите новинари треба да завршат пред судот отворен како пупка и да бидат затворени во најтемната дупка. Сосе она шведско судство „сваровски“, кое се дрзна да поништува блескави судски одлуки. И најважното… Мицковски да каже зошто вмроовците, кои ги слушавме во прислушуваните разговори, намерно, додека зборувале, ги сечеле, лепеле и монтирале своите мисли, па сега излегува дека во СДСМ го правеле тоа.

Твојот гаден цинизам… Исплука сè што заблеска во државава. Ама затоа ќе го премолчиш коментарот на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ дека треба да нè менаџираат пет меѓународни институции.

Кој ќе премолчи? Се согласувам со него. Само тоа мора да бидат пет врвни психијатриски клиники.