Лажни вести и новинарски патки

Новинарските патки или лажните вести ќе живеат додека живеат медиумите. Тие може да се намалат, но не и да се елиминираат. Зашто нив ги прават луѓето. По аналогија, додека има луѓе ќе има и лажни вести. Особено додека има политичари на кои изговорениот збор им е важен колку и ланскиот снег. Иако се знае дека нема поголема новинска сензација од објавената вистина, светски тренд е таа да ја губи трката со лагата. Светски тренд е да не се верува во добрите вести. А и мнозинството читатели, слушачи, гледачи, поголем интерес покажува за лошите

Печатените весници, најстарите информативни гласила на светот, најмалку четири пати биле прогласувани за мртви: кога се појави телефонот, кога се роди радиото, кога стигна телевизијата со слика и кога почна да завладува интернетот. Но тие се покажаа пожилави и поиздржливи отколку што предвидуваа пророците. Забот на времето нив ги начна, но не ги голтна, иако речиси никаде во светот не се тоа што некогаш беа. Како и сѐ друго во светот што не е исто како пред дваесет, пред педесет или пред сто години. Иако денеска живееме во време на брзи технолошки промени, весниците сѐ уште се печатат и сѐ уште се на многу висока цена по својот авторитет меѓу читателите. Последниве неколку години како една од опасностите што им се заканува на медиумите и што го загрозува медиумскиот простор се таканаречените -лажни вести. Во офанзива се и оние што ги шират како и оние што се борат против нив, при што не се знае кој повеќе ги полни џебовите во таа битка. На удар се и весниците и другите медиуми, особено порталите, кои и во Македонија никнуваат како безимени печурки по дожд.

Иако лажните вести од многу страни се прикажуваат како нова медиумска појава, постарите новинари и читатели знаат дека историјата на лажните вести се протега до првите печатени весници. Само тие, до скоро имаа друго име. Се именуваа како – новинарски патки. И како што не умреа весниците не умреа ни новинарските патки, сега викани лажни вести. Напротив, се разлетаа на сите страни. Колку повеќе медиуми толку повеќе патки, уште повеќе и паткари, наплив што во поново време ги преплавува и македонските средства за информирање.
Дали некогаш сте се запрашале зошто патката, а не гуската или кокошката, станала симбол, синоним за измислица, за лажна вест? Според она што се знае и што го тврдат лингвистичките истражувачи и журналистички хроничари, постојат три објасненија како настанал изразот „новинарска патка“.

Општо земено, и најчесто објаснувано, е дека тој потекнува од кратенката НТ со која, во првите времиња на печатот, уредниците на весниците ги обележувале непроверените вести или другите сомнителни информативни текстови. Кратенката била од првите две букви од латинскиот израз „нон тестатум“, што во превод значи – не е проверено, не е потврдено, не е посведочено, не е тестирано или нешто слично.
Значи, некогаш одамна, кога весниците почнале да го освојуваат светот и кога се држело до сериозен професионален морал и авторитет, зад сите непроверени, а објавени вести се допишувала кратенката НТ. Постои приказна дека овој начин на оградување од точноста прв го практикувал некој уредник на весник што излегувал во германскиот град Келн. Настојувајќи да биде чесен кон читателите, тој се трудел да ги одвои службените вести од приватните иформации. На оние вести за кои не бил сто отсто сигурен дека се точни, ја додавал кратенката „н.т.“ односно „ен-те“, како што се изговараат двете латинични букви.

А зборот „енте“ во германскиот јазик значи „патка“. Еден таков текст, обележан со „енте“, навистина не бил вистинит и точен и токму тоа било повод оттогаш терминот „новинарска патка“, најнапред како шега, а подоцна како општоприфатен термин да се користи за објавена лажна вест, за објавена дезинформација, за некоја измислена или намерно поттурена информација.
Другата приказна е поинаква. Имено, сакајќи да се подбива со лековерната читателска публика, некој мошне популарен белгиски хуморист лансирал новинска статија за неверојатно лакоми патки. Во текстот пишувало дека некој полициски наредник купил дваесет патки и наредил една од нив да биде заклана, исечена на парчиња и да им се даде како храна, сосе пердуви и коски, на другите деветнаесет. Истото тоа почнал да го прави и со втората, третата, четвртата и така со ред стигнал до дваесетта, која наводно била ненаситна и за кратко време ги изела деветнаесетте другарки. Таа бесмислена информација ја пренеле и други весници и за тоа во градот се прикажувало со денови.

По некое време авторот ја открил тајната на својот „експеримент“ и кажал дека сѐ било „новинарска патка“. Случајот бил набрзо заборавен, но оттогаш и во Белгија, а и на други места, секоја лажна вест почнала да го добива називот „новинарска патка“. Интересно е што многу години подоцна некој американски весник ја објавил истата приказна, приспособена на американска почва и резултатот бил ист: приказната била примена со големо интересирање и ефектуирала со зголемени тиражи.
На овие тврдења, прифатени како вистини во теоријата на новинарството, треба да се додаде и третата дека зборот „патка“, со значење на лажна вест, односно чиста измислица, постоел и пред да биде „официјализиран“ во печатот. Според некои лингвисти, во францускиот јазик фразата „новинарска патка“ е изведенка од паткиното гакање „ква-ква“.

Имено, во преносна смисла таквиот термин се однесува за оној што квака, поточно што раскажува лаги. И во обичниот говор, кога некому нешто му се подметнувало се употребувала изреката „му пуштам патка“. Некаде лагите се обележувале со изразот „сина патка“, бидејќи некој, наводно, видел сини патки и ги лажел сите наоколу, раскажувајќи за нив и за нивната убавина. Ете, можеби сите тие приказни придонеле и самите новинари да добијат прекар по кој тие пејоративно се ословуваат како „луѓе патки“.
Ете, така, патката, ни крива ни должна, стана синоним за неточни, непроверени објавени информации, денес ословувани како лажни вести. Не само тоа. Фразата „пуштање патка“ и денес се користи за некоја намерно пласирана лажна вест со свесна намера некого да го дискредитира, да го деградира, да го делегитимира, од нешто да го елиминира. Да го посрамоти пред пошироката јавност, да му го урне авторитетот, да му нанесе материјална или нематеријална штета или духовна и психичка болка. Во желбата и намерата некому да му се наштети, често, и од патката може да се направи слон, ако се дава како десерт пласиран да ја нахрани гладната маса за шпекулации, манипулации, заговори, афери.

Новинарските патки или лажните вести ќе живеат додека живеат медиумите. Тие може да се намалат, но не и да се елиминираат. Зашто нив ги прават луѓето. По аналогија, додека има луѓе ќе има и лажни вести. Особено додека има политичари на кои изговорениот збор им е важен колку и ланскиот снег. Иако се знае дека нема поголема новинска сензација од објавената вистина, светски тренд е таа да ја губи трката со лагата. Светски тренд е да не се верува во добрите вести. А и мнозинството читатели, слушачи, гледачи повеќе се интересира за лошите. Не е вест ако куче касне човек, вест е ако човек касне куче. Не е читана вест ако се изгради мост, поголема читаност им веста ако тој мост се урне.
Значи, на светските процеси не е имуно ниту македонското новинарство, збогатено со голем број медиумски интернетски, пишувани, аудиовизуелни и други форми на информирање. Ако внимателно се следат, лесно може да се заклучи дека токму весникот „Нова Македонија“ каде што се објавува овој текст е весникот што не подлегна во натпреварот на објавување лажни, непроверени вести.

Затоа е единствен во државата што толку трае, што досега се појавил 25 илјади пати, што е читан и почитуван од верни читатели, кои го претпочитаат вистинското, чесно, некомпромитирано и неподмитено новинарство.
И не запржува чорби, како што запржуваат некои медиуми или како што е во приказната за паткината чорба на Насрадин-оџа. Еден убав сончев ден Насрадин-оџа, шетајќи покрај реката, видел неколку заспани патки. На ум му дошла голема идеја. Си рекол: „Одамна немам јадено месо, добро би ми дошла една пржена патка“. Бргу отрчал до дома, зел леб и ќумур. Кога се вратил крај реката, патките веќе одлетале. Насрадин разочаран го извадил лебот и почнал да го мака во реката. Некој што минувал тука зачудено го запрашал што прави. А Насрадин нажалено одговорил: „Ете, јадам паткина чорба“. Ете, така, и Насрадин-оџа смислил и пуштил една „новинарска патка“.

[email protected]

.