Крај на неказнивоста или замаглување на „амнестијата за име“?

Со практика на судот во Стразбур, Врховниот суд на Грција и со одлуката на Унгарија, многу е веројатно и дека доколку Врховниот суд на Македонија ги потврди пресудите, случаите на СЈО ќе завршат во Стразбур со поинаков исход

Во македонската политика последните денови се случуваат такви пресврти што политичките коментатори со најбујна фантазија не можеа да ги предвидат. Во земја каде што последните неколку години се случија 24 декември, мартовски и пржински договори, Куманово, СЈО, 27 април и други преседани и мислевме дека имаме видено сѐ, со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски се отвори нова серија настани, кои тешко се објаснуваат и водат во дилемата дали во Македонија ќе се случи крај на неказнивоста или тоа што се случува е замаглување на „амнестијата за име“. И тоа донекаде не е нова дилема, и уште во март 2015 година во „Бомбите, пучот и меѓународната заедница“ се постави дилемата дали за две можни сценарија: спорот за името и борба против корупцијата. И секако дилемата не мора да биде исклучива „или или“, туку може да биде „и и“, односно барање за деликатен баланс меѓу борбата против корупцијата и договорот за името.

Новата серија ја отвори Никола Груевски со бегството во Унгарија, кое е „Бегство меѓу ’се договориле‘ и ’неспособни се‘“, за што аргументирав минатата седмица. Брзо одобрениот политички азил говори во прилог на добро осмислен план, кој мора да има домашна и странска, најмалку унгарска, и политичка и правна и логистичка поддршка. Од друга страна, притворите за Орце Камчев и за другите, како и за Сашо Мијалков, може да се толкуваат како крај на неказнивоста, но од друга страна тоа може да биде само дефокусирање и замаглување на „амнестијата за име“. Ова второто пак е под прашање, бидејќи притворот на Сашо Мијалков можеби го подрива планот „амнестија за име“. Тоа не води кон амнестијата.

Првото спомнување на помирувањето, предизвика лавина реакции, пред сѐ, од поддржувачите на СДСМ. Во емисијата „Топ тема“ на Телма, Павле Богоевски, пратеник на СДСМ, одбиваше каква било можност помирувањето да се толкува како амнестија. И тоа е така, бидејќи амнестијата, и за 27 април, уште повеќе за случаите на СЈО, е неприфатлива за околу 60 проценти на граѓаните, според анкета на Телма и на МЦМС, спроведена од „М проспект“. Неприфатливоста е уште поголема меѓу симпатизерите на СДСМ и изнесува над 80 проценти. СДСМ дојде на власт меѓу другото и со ветувањето правда („нема правда, нема мир“). Поради тоа политичкиот ризик мораше да го преземе лично премиерот Зоран Заев, кој јавно потврди дека ќе има амнестија. Наспроти јавното и партиското мислење, Зоран Заев ја има обврската за спроведување на договорот со Грција, за што се потребни гласови од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои, стана јасно, може да се обезбедат само на „балкански начин“, според комесарот Хан, а тоа е со планот „амнестија за име“. Колку осумте пратеници и да даваат спротивни изјави, јасно е дека клучната мотивација за нивните одлуки се ветувањата за амнестија. Контроверзноста на амнестијата е двојна, од една страна е спротивна на заложбите на СДСМ за крај на неказнивоста, а од друга страна ја јакне перцепцијата кај опозицијата дека повеќето случаи се намерно креирани да се врши притисок врз опозицијата и нивните пратеници, и дека станува збор за политички прогон.

Приведувањето на Сашо Мијалков, за кој се верува дека е клучен спроведувач на „амнестијата за име“, од трета страна може да биде убиец на планот, бидејќи ако може да се приведе клучниот, што може да очекуваат пратениците доколку заврши нивната употребна вредност. Што значи дека ќе инсистираат на законско решение, кое може да ги спаси од постојните обвиненија, но не и од идните. Оттука се поставува прашањето дали одлуките на СЈО се поттикнати од еден центар или, можеби, од најмалку два центра, кои можеби немаат во целост идентични цели. Останува да се види кој ќе биде деликатниот баланс меѓу борбата против корупција и договорот за името.

Во сето тоа нов момент внесе доделениот политички азил на Никола Груевски, односно неговото образложение, за што веќе во текот на летото на Твитер предупредуваше корисникот под име Крафт. Азилот на Никола Груевски се повикува на политички прогон меѓу другото и бидејќи се суди за дела за кои е аболиран, иако претседателот Ѓорге Иванов ја повлече аболицијата. Груевски укажува на одлуката на Врховниот суд на Грција, за случајот на Бошковски и на Грујевски, во која се потврдува дека не може да се води постапка за дела за кои е дадена аболиција и дека таа не може да се повлече. На истото тоа укажува Крафт, кој наоѓа и одлука во таа насока, на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, „Лекса против Словачка“ од 2008 година. И одбраната на Сашо Мијалков се повикува на истите аргументи. Со практиката на судот во Стразбур, Врховниот суд на Грција и со одлуката на Унгарија, многу е веројатно и дека доколку Врховниот суд на Македонија ги потврди пресудите, случаите на СЈО ќе завршат во Стразбур со поинаков исход. Ова е прашањето што Владата, Министерството за правда, СЈО и судовите треба да го одговорат. Поинаку сѐ се сведува на замаглување на „амнестијата за име“ и продолжување на неказнивоста.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek