Крајот на историјата

При спомнувањето на „крајот на историјата“ првата асоцијација (барем кај учените) е на легендарната книга на Френсис Фукујама во која триумфалистички го најави рајот на земјата по (идеолошката) победа на неолиберализмот над „комунизмот“. Тој подоцна се обиде да го објасни светот, кој очигледно не тргна кон траен мир, но тоа е друга тема. Овде реферирам на (бес)смислата на историјата, т.е. нејзиното изучување. Во петокот се одржа глобален марш (со мал одек во оваа наша периферија, која се тревожи меѓу епизодите на „рекет“ и „датум“) против климатските промени и катаклизмичните прогнози за опстанокот на човештвото.

 

Една парола гласеше: „Образование на нашите деца за иднината е бесмислено ако иднина не постои“. Иднината е навистина заложник на грст богати моќници, кои заради профит ги жртвуваат преостанатите (99 отсто).
Неспособна да се одделам сосема од оваа проклетија, сепак пишувам за еден друг глобален процес: ново пишување/ревидирање на историјата (и историската наука), повторно под палката на моќните. Поводот е подолга статија во „Фајненшл тајмс“, која ги анализира потфатите на Орбан во насока на негово етаблирање како најголема историска личност преку ревизија на унгарската историја (и особено фрлањето во сенка на ликот на Имре Наѓ). Освен спецификите карактеристични за овој случај, анализата всушност потсетува на толку многу слични примери и од минатото и од сегашноста. Забеганите политички вождови (инакви како и да нема) се идентификуваат со месии, а националната/државната историја ја третираат како свој вилает. Фразата дека победниците ја пишуваат историјата е одамна излитена.

Сепак, за секој припадник на интелектуалната елита се смета за пожелно и прогресивно од (морална) височина да гледа на таа најневажна работа (историјата), додека замислено гледа кон светлата иднина. (Зошто светла, навистина не знам – кога сѐ укажува на спротивното). Уште Наполеон цинично заклучил дека историјата не е ништо друго освен приказна/мит околу кој постои согласност. Треба ли да се каже дека до „согласност“ може да се дојде на различни начини?

Затоа, секоја ера, секое политичко водство, смета/ло дека има „морално право“ да ја коригира историјата (вклучувајќи ги и фактите, т.е. да ги третира како продукти во самопослуга, кои можат да се одберат или отфрлат како токсични или такви со изминат рок) во согласност со своите потреби и гледање на „вистината“. Непрекинатите рециклирања, сега помогнати и со информатичките средства, нужно предизвикуваат скепса, па и одиум кон историската наука. Чуму историја ако не можеш да ѝ веруваш? Секој од позиција на моќ може да стави крај на една историја, за да наметне нова, подобра, па и политички коректна. (На пример, бришеш од споменици „бугарски“ за да развиеш добрососедски односи, мачкина кашлица, нели? Или, додека светот чекори кон катаклизма, ти ветуваш „европски перспективи“ со некаква формула наречена „датум“. Чекаш датум за да почнеш да се бориш со криминал, климатски промени, итн.). Орвел е болен „до коска“. Бракот меѓу политиката и историската наука (впрочем, секоја наука) има своја важна функција: одржување на моќта! И не само во тоталитарните системи, туку и во наводно демократските, моќно одѕвонува мислата дека „оној што го контролира минатото, ја контролира иднината. Тој што ја контролира сегашноста, го контролира минатото.“ Со други зборови, оној што во моментот ги држи спрегите на моќта, ја редизјанира историјата на начин што ќе му обезбеди иднина (во моќта). Сегашноста, минатото и иднината се во маѓепсан круг, и едно без друго не одат – барем во политичката матрица. А камбаните бијат…

Додека читав за Орбан, нужно ми се наметна по малку забавна мисла дека тој можеби учел од нашиот азилант. Или двајцата имале исти учители… Реторички, се прашав дали „Фајненшл тајмс“ или некој друг медиум би се заинтересирал за национално-историскиот инженеринг на кој е подложена Македонија (за нив, Северна)? Дали би објавиле критички став за операцијата без преседан, бидејќи новото пишување на историјата се одвива не само под притисок, туку и со директна уцена, под влијание на две помоќни соседни држави, а со благослов на Западот? Дали нивната (наводно прогресивна) кауза е доволна за да се забошоти очигледното: моделирање на вештачка сегашност преку цензура на минатото, а за насочување на иднината? Или како што изјави некој грчки политичар: ќе ги научиме соседите дека не постојат Македонци и дека сите тие се само граѓани на Северна Македонија. Две членки на ЕУ, кои имаат документирани случаи на кршење на малцински права (во Стразбур, но и ОН), добија „право“, кое по ништо не се разликува од она на Орбан. Всушност, Орбан може да се повика на каков-таков внатрешен легитимитет, додека нашиве соседи и сојузници си го присвоија тоа право по основа на моќта, а не легитимитетот. Контролата на сегашноста ја извршува послушничка власт со сомнителен легитимитет. Сѐ позабрзано, преку образовниот систем, на првачиња што сѐ уште се обидуваат да се снајдат во „машинеријата“ (која, за жал, ќе се обиде да им инсталира ставови, а нема да ги научи да мислат надвор од кутијата) првата песничка што ја учат наизуст е чиста лага: „Северна Македонија е мала, ама секој ја знае и за неа пее“. Петтоодделенец добива задача да напише состав за татковината Северна Македонија, и со загрижен поглед ѝ вели на мајка си: „Што да правам, мамо, не сум јас крив! Така ни кажа наставничката, дека ние малку си го сменивме името!“ За некоја година ќе му кажат дека малку сме си ја подизбришале и историјата, заедно со Гоце и Јане.

Сево ова е веќе искусено и во бивша Југославија. Се креира селективна историја прифатлива за сите (во земја во која покрај НОБ имало и граѓанска/братоубиствена војна), за да се промовира иднина под парола „Братство и единство“. Се чини дека потфатот дава резултати кај младите генерации, но кога ѓаволот ја однесе шегата, истражувачите на мирот и конфликтите укажаа на шизофрената состојба што тлееше во навидум мирното општество: децата на училиште учеа едно, но дома слушаа за усташи, четници, балисти и слични. Крајот почна со броењето на коските на загинатите/убиените, со откривање на ДНК, и слични операции што ѝ излегоа од контрола на полураспаднатата држава… Цената ја знаеме сите, иако најчесто одбираме да гледаме напред, „кон светлата иднина, НАТО и ЕУ“. Дали некој воопшто може и да замисли какви генерации воспитуваме и какви последици ќе има оваа операција? Мислите ќе донесе критички граѓани, мир и прогрес? Не, децата ќе ги учиме дека наставничката е малку збунета/уценета и дека е подобро да си премолчат, но да веруваат на домашната верзија на вистината.
Членовите на комисиите за новокомпонираната историја бесрамно лицитираат со ДНК-анализи на Гоце (за кој светот беше премал за културен натпревар меѓу народите), прават обдукција на човечки животи, гатаат… И најдрско од сѐ, бараат да ги третираме како научници и да покажеме сожалување за нивните заблуди и (симболичкото) копање по гробови (дури и на сопствените семејства). Истовремено нѐ убедуваат дека иднината е важна, а не минатото. Чувството на мачнина расте и разјадува однатре. Каква историја и да произведат (историчари што се одрекле од науката и неисторичари што сакаат да бидат на победничката страна), таа ќе биде полажна од таа на комунистите, на Груевски, или на Орбан. Ни Вардар, ни Егеј, нема да ги исперат. За интелектуалец е навидум лесно да се одрече од историјата и да ја прогласи за грда, штетна, националистичка, назадна… Но, не е така! Хауард Зин, авторот на „Народната историја на САД“, книга на која ѝ беше забранет влезот во училниците, напиша: „Историјата е важна. Ако не си ја знаеш историјата, тоа е како да си се родил вчера. А ако си роден вчера, секој од позиција на моќ може да ти каже што било, а ти нема да имаш можност да ја провериш вистинитоста.“ Ние сме токму во таква ситуација: со „квантен скок“ од античка историја, до историја што почнала вчера и што не смееш да ја доведуваш во прашање. Мораш слепо да ѝ веруваш. Единствената „мала“ разлика е што историјата на „Северџан“ ја прават и пораѓаа(т) многу бабици, секоја со свои интереси и техники. Зборувајќи за студентите, Зин изрази стравување дека од нив ќе направат пасивни приматели на официјални вистини, кои ќе им бидат инсталирани одозгора, од Белата куќа, медиумите, учебниците, наставниците и свештениците.“ Пораката до моите студенти е: сомневајте се во сѐ што доаѓа од позиција на моќ, со уцена, закана, убедување дека „ќе се навикнеме“ – и она зашеќерено со лажни ветувања! Ако поверувате во „малите“ лаги, лесно ќе ги проголтате и големите за тоа дека не се соочуваме со крајот на историјата на човештвото поради самодеструкција. Или, дека не се тие виновни за ова глобално злосторство. De Omnibus Dubitandum!