Кратка историја на осаменоста

Бројот на луѓето околу тебе не ти гарантира дека не си осамен. Кога е човек вистински осамен, тој всушност, и да влезе во толпа, ќе се чувствува уште полошо и поосамено. Што значи тоа?

На еден чуден и несфатлив начин, на кој знаеме да возиме велосипед (а не знаеме како знаеме), така сите знаеме и дека нема ништо полошо од чувството на осаменост во група. Денешново време ни покажа една сосема нова форма на осаменост, за која историјата претходно не знаеше: осаменост во БЛИСКО друштво на многу луѓе и безброј комуникациски машини, кои треба да ја победат осаменоста.

Порано, луѓето често по казна биле прогонувани, за да го скончаат животот во егзил, „на друго место“, осамени: осаменоста била една од најболните казни. Пример: Наполеон Бонапарта и неговото прогонство на пустиот остров Света Елена, кој дури пред година и половина ја доби првата авионска врска со светот. Во таа смисла, кога би имал време (како што немам), би се зафатил со пишување на една ИСТОРИЈА НА ОСАМЕНОСТА. Таа би ги опфатила интернациите во логори, затвори и лудници (за што веќе пишуваше Мишел Фуко), но и модерните постисториски форми на осаменоста, чија главна особина е нивната НЕВИДЛИВОСТ.

Да речеме, би пишувал за уметничката осаменост. Романтичарскиот ескапизам, или бегството од светот, затворањето во себе со внатрешно себепреиспитување, во минатото биле едни од највозвишените форми на осаменост, кога уметникот самиот, доброволно се праќа во егзил. Тоа е сосема поинаква ситуација од идеолошкиот егзил, кога на пример, Комунистичката партија те праќа на Голи Оток затоа што не си го делел идеолошкото убедување на мнозинството. И денес постои уметничката осаменост, ама за разлика од СВЕСНИОТ чин на осамување кај романтичарите, кај реалистите па дури и модернистичките уметници, тоа осамување денес е несвесно и многу често, на НЕРВНА БАЗА. Сè повеќе луѓе денес се занимаваат со „пишување“, како што сè повеќе луѓе тренираат атлетска гимнастика или џогираат. Бидејќи сум писател, знам дека постои поплава од поетски и прозни ракописи, и тоа од целосно млади луѓе што допрва треба да го живеат животот, наместо да мудруваат за него без да го запознаат. Но, има и многу ракописи од луѓе што веќе се реализирале во други професии (правници, инженери, економисти, дури и природонаучници), што само говори за нивната потреба да се осамат и „да си олеснат на душата“. Тоа е една важна форма со која луѓето очигледно се бранат од депресија и осаменост, и бидејќи тоа го прават преку уметничка форма (уште Старите Грци знаеле дека уметноста има седативни својства), многу ретко во нив има и нешто уметничко навистина исклучително и вредно.

Во таа идна историја на осаменоста повластено место би имал митот за „самосликот“ (неодамна научив дека така се вика на македонски), или популарното „селфи“. Што значи тоа што онаа убава девојка спроти мене ја подава раката колку што може, за да се фотографира? Да, сама е, ама може да ме замоли мене, или келнерот, или кој и да е од кафулево да ја сликне. Но, не е тоа поентата – поентата е во тоа што таа ПРЕД СЕБЕ најубаво се чувствува кога САМАТА се слика. Сама е, може да експериментира со своите фаци до 101 и назад, како мајмун кому му дале огледало. Затегни го устето, не, не: отвори го устето; крени ги веѓите, не, не чини; насмевни се широко и покажи ги забите – не, не, не е добро, ајде уште еднаш. Крај нема тој мимико-тренинг. Ако уште само малку да повежба, готова е за приемен испит за артистка. Всушност, таа сака да се запознае себеси, да види која сè БИ МОЖЕЛА да биде, за да не биде сама.

И тоа е невидлива осама, како и аматерско-уметничката, за која веќе стана збор. Но најголемиот парадокс е токму осаменоста во масовна толпа, како на стадион, или на политички митинг, или по социјалните мрежи. Бројот на луѓето околу тебе не ти гарантира дека не си осамен. Кога е човек вистински осамен, тој всушност, и да влезе во толпа, ќе се чувствува уште полошо и поосамено. Што значи тоа? Дека ОСАМЕН ЧОВЕК Е ОНОЈ ШТО СЕ НЕМА СЕБЕ. Може да има илјадници околу себе, но степенот на осаменоста ќе му се зголемува, додека не се праша: КОЈ СУМ, ВСУШНОСТ, ЈАС?

Тоа прашање денес ретко кој си го поставува, затоа што секој станува такво „јас“ што користи ГОТОВО ЈАВНО МИСЛЕЊЕ во општеството. Станува или „лев“, или „десен“, или „екозелен“, или член на некое здружение за заштита на некое малцинство, или член за заштита на животните, на некоја малтретирана група, и мисли дека со тоа го решил прашањето КОЈ СУМ ЈАС. Но „јас“ не може да се редуцира на едно здружение или една идеја. Пребогато е за таква редукција. Така, парадоксално, произлегува дека нашата осаменост расте со бројот на комуникациските средства, наместо да опаѓа. Колку повеќе комуницирате со другите, помалку комуницирате со себе, а комуникацијата со себе е најважна да се прекине осаменоста. Затоа и корисниците на социјалните мрежи се или целосно интровертни (свртени „аутистично“ кон себе и своето типкање на тастатурите на комуникациските средства), или отворено агресивни. Неодамна, во Хрватска, еден таков средношколски зависник од средства за масовна „комуникација“, пробал да комуницира надвор од виртуелната реалност, да оствари жив контакт, па жигосал едно девојче со буквата „У“ (усташ), оти не знаел како на друг начин да оствари жив контакт со неа. Според тоа, и агресијата е само форма на постосаменост.

Кој од нас го слуша советот на стариот добар Шопенхауер, па секоја вечер комуницира со себе, правејќи рекапитулар на денот – што направив и што требаше да направам, каде згрешив и дали му згрешив некому, во крајна рака – бев ли денес „јас“ или некој друг, и кој, всушност бев денес јас? Толку.