Кратка анатомија на злосторството

(Рембрант: Час по анатомија)

Македонија сега, драг читателу, по оној недостоен договор за наше преименување со Грција е слична на онаа славна слика на Рембрант „Час по анатомија“, на која лекарот Тулп на насобраната љубопитна група ѝ држи час по анатомија над отворениот со скалпел труп ставен на маса во мртовечницата. Дa. Конечно Македонија и Македонците се сега како тој труп на доктор Тулп на Рембрантовата слика. Над него сега се изведува евроцивилизациски час по анатомија, студен и мрачен. Европејците држат во рацете скалп и го сецираат тој немоќен труп во својата цивилизациска мртовечница. Погребална процесија која, погребувајќи други, еден ден ќе се погребе и самата себеси. Како што и го стори тоа таа во двете монструозни светски војни, во кои едвај се извлече од апсолутна смрт. Тоа е таа цивилизација, драг читателу, која и сјајниот германски експресионист, поетот Готфрид Бен ја дефинира дијагностички во еден стих од песната „Лекар“: „Круна на создавањето свиња, човек.“ Или човек-свиња, со должно извинение на свињите. Страшна дијагноза за цивилизацијата што произведува такво хибридно суштество – човек-свиња. Нека ѝ е на здравје нејзиниот модерен архетип.

Тоа и таква е оваа цивилизација на банкари, материјалисти, колонијалисти и воени профитери, заглавена во филозофијата на профитот и капиталот што се трупа врз крвта и солзите на малите и сиромашните. Несвесна за тоа, и таа е веќе како жив труп легната во својата цивилизациска мртовечница, како на сликата на холандскиот гениј. Немој да ми замериш за нарцизам, но воленс/ноленс јас сум сега во неговата улога за малку да го сецирам тој веќе во безнадежно (барем морално) распаѓање цивилизациски труп, но истовремено со тоа кратко, колку што е можно тоа во една колумна, да ја опишам и анатомијата на злосторството што тој го изврши кон нас за да не ликвидира идентитетски. Еве, Европа повеќе од столетие и половина во поновата историја (да не одиме длабоко пред тоа) се труди со сите средства да го затвори мачното за неа македонско прашање. Да ги уништи Македонија и Македонците и физички и идентитетски. Да угаси секаков материјален и духовен знак за нивното повеќемилениумско постоење. Версај, Париз, Лондон, Сан Стефано, Букурешт… Цела една серија од геноцидни европски договори за наше ништење. Букурешт 1913, се чини, беше најстрашниот удар врз темето на Македонците за негово парчосување.
Но и тој страшен европски идиотски удар се покажа недоволен за да се затре македонското семе, кое, парадоксално, им даде толку многу драгоцени културно-цивилизациски дарови на своите гробари. Се случи македонското „вампирско“ чудо со АСНОМ 1944. Пролетерската интернационала, правдољубива, нѐ извлече од бездната и нѐ постави на светската сцена на нациите и народите. Се разбира, во рамките на Југославија, поради што „мајсторите на смртта“ од Запад беа малку смирени, третирајќи нѐ како едно безмалку залутано флотантно племе во неа. Но се излажаа, затоа што по нејзиниот распад, планиран од ЦИА, Македонците во 1990-та, на вчудовидување на „мајсторите на смртта“, создадоа своја независна држава Република Македонија.

И тоа беше аларм за тревога, кој повикуваше на подготвување брз стратегиски план за целосно уништување на таа несреќна република и на Македонците во неа. Само тие. Никој друг. Сѐ почна перфидно, во француски блазиран манир со препораката на Бадинтер за влез во ЕУ. Тој ја препорача од другите југословенски републики за тоа и Словенија. И таа беше експресно примена во европскиот клуб. Но Македонија не. Наместо тоа, започна нејзиниот од по маките. Перфидниот француски правник за таа цел ни го скрои на почетокот и за Македонците антидемократскиот, наречен според неговото име, Бадинтеров закон, кој го нема дури ни кај племињата во Амазонија.
И така сѐ по ред. Но врв на европскиот цинизам и цивилизациски садизам кон Македонците, драг читателу, е Лисабонската декларација, со која нам ни се забранува влез во модерните европски цивилизациски текови под сопственото име. Треба да го промениме. Со таа декларација е конечно широко отворен македонскиот пат кон Голгота. Ставени сме во менгеме за притисок, и активирани се сите расположливи евроинквизициски справи за мачење што треба да ја зголемат нашата мартирска слава, која и онака не ни недостига. Дејствуваат здружено Брисел и Вашингтон. Меѓу основните алатки за наше мачење на нивните пеколни садистички справи се и нашите соседи: Грците, Албанците и Бугарите. Пред сѐ. Албанците во улога на терористи ги искористија во терористичката 2001-ва, со која ни го честитаа влезот во третиот милениум по Христа. И морално и воено терористите беа потпомогнати од цивилизираните Брисел и Вашингтон. Блиц криг. Потоа следуваше за нас капитулантскиот Охридски договор, основен генератор не на мирот, туку на многубројните етнички кризи, кои се гаснат со бескрајно задоволување на бескрајно лакомите апетити на Албанците, балкански миленици на НАТО и Америка.
Сето тоа и уште многу други нешта, драг читателу, спаѓаат во перфидниот план на западните „мајстори на смртта“ докрај да се стигматизира и понижи македонското колективно битие. За таа цел и ни се доведени од страна на Брисел и Вашингтон директно во власта и парламентот и албанските терористи од 2001-та. Тие и денес се таму на челни позиции. Но планираните тензии со методот познат како контролиран немир, продолжуваат и понатаму во рамномерен ритам: Смилковско Езеро, Диво Насеље… Сето тоа се потези за целосна девастација на македонската држава, а со цел идентитетско бришење на Македонците: Тиранската платформа подготвена од ЦИА, Договорот за добрососедство со Бугарија во кој, страшно парадоксално, предавнички се вклучени и архијереите на МПЦ, кои си ја бараат изгубената мајка не во сопствената длабока генеза, туку во мајчината, во Бугарската егзархистичка црква, која исто така идентитетски нѐ таманела колку што можела.

Итн. До бескрај, драг читателу. И како што гледаш, работата со нашето идентитетско уништување, новиот тип европски геноцид, е доведена при крај. Еве го ѓаволскиот договор меѓу мефистофелите Заев и Ципрас. Гробот што ни е подготвен за идентитетска смрт, се вика „Северна Македонија“. И сега, апостол Павле веќе не дошол кај нас Северните, туку во Македонија, што значи во Грција, бидејќи со тој идиотски договор на нашата идиотска влада и премиер целокупната наша, не само античка, меморија им ја подаруваме беневолентно на нашите јужни соседи, кои главно се хранат со лебот од насилнички приграбената со геноцид Егејска Македонија, од нејзините плодни житни полиња натопени со крвта на Македонците во грчката граѓанска војна. Парадигмата погоре со апостол Павле дека е загубен идентитетот е кристално јасна и логичка, но нашите тапоглави политичари, шарени „интелектуалци“ и некои ментално залутани медиумски суштества, не го разбираат тоа. Ниту ќе го разберат.

Но што е најчудно, а веројатно и најстрашно, драг читателу, тоа е фактот што уште и непотпишан геноцидниот договор за Македонците меѓу Заев и Ципрас го поздрави светската политичка елита. Се јави генералниот секретар на ООН, Португалецот Гутиереш, небаре син или внук на Салазар, а по него и целата жална бриселска политичка елита (Могерини, Хан, Туск…), а Русите беа малку дипломатски воздржани и амбивалентни. Матушка Русија сепак има кон нас голем културно-цивилизациски долг. И што поздравија тие. Поздравија геноцид. Идентитетски. Знак дека, како што би рекол Шпенглер, западната цивилизација од либералдемократски аспект е на мртовечка постела. Е во морална атрофија. Пропаѓа. Македонскиот случај покажува дека сенките на фашизмот се ниско полегнати над неа. Туку да не ни бидат криви само западните, оти во тој геноциден план, во тоа идентитетско убиство на Македонците се вклучени и нашите „мајстори на смртта“, во прв ред Заев и неговата влада. Заев. Тој рече еднаш дека по никоја цена не доаѓа предвид да се менува Името, колнејќи се во родителите и предците, па дури и во синот и ќерката. Таков морал има тој човек. Не знам дали и синот и ќерката се колнат во него. Сеедно. Лажач над лажачите, целиот со душа (ако ја има) и тело составени од атомите на лагата. На тој план тој може да се споредува само со мегалажачот барон Минхаузен. Па, сепак, споредбата не е адекватна. Зошто? Затоа што Минхаузен, за разлика од нашиот локален барон во Муртино, лагата ја користи кристално чисто во уметнички цели. Лагата како уметност, арс poetica за која се залагаше и еден Оскар Вајлд, критикувајќи го реалистичкиот дух на својот париски пријател Андре Жид. Да. Но лагата на нашиот премиер не е од тој квалитет. Таа работи во корист не на уметноста, туку на злото на својот народ. Тој ѝ стави печат на целата оваа генерација Македонци на предавници.

Толку. Но еве ти на крајот ми го поставуваш и клучното прашање: што ќе правиме сега конкретно ние кога сме турнати и во бездна. Во идентитетска смрт. Кога сме кај безживотниот труп над кој стои со љубопитните посматрачи лекарот Тулп на знаменитата слика на Рембрант Ван Рајн. Труп што и мртов го касапат во страв да не се повампири, да не воскресне пак, како толку многу пати во историјата досега. А знај, драг читателу, дека сигурно ќе се случи тоа. Може дури и по столетие-две, па можеби и по цел милениум тој ќе воскресне, ќе си го поврати своето генеричко Име и пак ќе застане исправен во него. Господ нема да го заборави. Цврсто верувам во тоа. Борбата почнува од овој миг, од оваа секунда, минута, саат, ден, натаму. Ќе си ги вратиме нашите предци и прапредци што ни ги украдоа сосе гробовите. Ќе им овозможиме и на нашите идни поколенија што спијат во бакнежот на љубовниците да се раѓаат како Македонци, а не како некои кретенизирани од домашни и странски кретени Северни. Освестени во себе и во своето генеричко украдено Име тие засекогаш ќе ги презрат гробовите и имињата на предавниците и сите други сорти отпадници од родот. Те поздравувам најсрдечно и збогум до нашата идна средба, драг читателу.