Кој срам за ЕУ и интеграциите

Преведено на маалскиот силеџиски јазик на Каракачанов, ЕУ ѝ препорачува на страната што е булирана, која е силувана, да се договори со силеџијата, со силувачот!

Ете и до тоа се стигна, најголемите приврзаници на ЕУ и на ЕУ-интеграциите на Македонија да молчат од срам за дејствувањето на ЕУ кон и во Македонија. За многу кратко време се случуваат заканата со бугарско вето за датум за преговори за македонското членство во ЕУ и растечкиот скандал за наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите. И во двата случаја срамот всушност не е од дејствувањето, туку од недејствувањето, од одмолчувањето.
За заканата со бугарско вето за датум за преговори за македонското членство. Не е првпат Македонија да се наоѓа условена со добрососедство, туку првпат се наоѓа условена со барања за самопоништување како нација, идентитет и јазик. Да, и Грција во основа немаше проблем со името, туку со македонското постоење, но успешно го водеше својот случај како спор за името, не за идентитетот. Бугарија, со последниот меморандум, излезе од сите рамки на добрососедството и просто кажано бара самопоништување како нација, идентитет и јазик и ревизија на историјата од Втората светска војна, кој победил, кој изгубил. И што се случува од ЕУ? Молк… страшен молк. Колку за утеха, се огласи амбасадорката на Германија и толку. Доколку и некој од ЕУ нешто кажа, упати на дијалог меѓу двете страни!? Кој срам.

Преведено на маалскиот силеџиски јазик на Каракачанов, ЕУ ѝ препорачува на страната што е булирана, која е силувана, да се договори со силеџијата, со силувачот! Разбирам дека ЕУ е клуб на членови во кој Македонија не е член, а Бугарија е член, и дека ЕУ има обврска да ги брани членовите. Но разбирањето на ЕУ е дека е клуб на вредности пред сѐ! Не може членството да биде пред вредностите, или ЕУ ќе се сведе на географија, не на морален и вредносен систем.
Единствен исклучок е ЕУ-парламентот, кој во резолуција за Бугарија, меѓу другите прашања, ја повика Бугарија да ги почитува малцинските прашања и да обезбеди услови за регистрација на македонски организации. Оваа резолуција дава малку надеж дека во ЕУ, освен за интереси има место и за вредности. Исто така, како поука за Бугарија, дека дури и кога Македонија со договор за добрососедство ќе се обврзе дека нема македонско малцинство, тоа нема да ги задуши барањата за човекови права.
Вториот случај е растечкиот скандал за наводна злоупотреба на ЕУ-фондови во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. И тука проблемот со ЕУ е молкот. Во чаршијата веќе цела година се говори за наводни злоупотреби од вработени во агенцијата, без знаење на раководството. Во мај до Државната комисија за спречување на корупцијата има пристигнато најмалку пет пријави за наводни злоупотреби во агенцијата, за што ЕУ-делегацијата веројатно имала информации. И на сето тоа отсуствува каква било реакција на ЕУ-делегацијата.

Деновиве на прес-конференција Лидија Димова, директорка на агенцијата, бранејќи се себеси ја префрли вината врз ЕУ-делегацијата кога тврдеше дека во претходниот период имало криминал од 2,2 милиони евра, кој, еве, три години се истражува и дека системот за евалуација бил лажен, бидејќи наместо четириесетина оценувачи, функционирале само осум. ЕУ-делегацијата потроши значајни суми на кампањи од типот „ЕУ за тебе“ да објасни како и зошто се трошат ЕУ-фондовите. Сето тоа ќе биде попусто фрлено во ветар ако ЕУ-делегацијата не отстапи од молкот и активно пристапи на досега веројатно најголема наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите, како за обвинувањата за претходното раководство, така и за актуелното.
Многу кратко за актуелните наводни злоупотреби. Сосема е легитимна поддршката на стручното образование, како фризери. Прашање е дали приоритетите се соодветни (дресура на магариња), но тие биле избрани во конкурс и натпревар на идеи. Тоа што е спорно и бара истражување е дека на прв поглед В.Е.З. „Трејд“ нема институциски капацитет за 270.000 евра грантови.
Има уште една причина зошто ЕУ не смее да го одмолчи скандалот за наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите. Не верувам во конспирации, а против агенцијата имало обвинувања и во претходната година. Но сите актуализирани скандали, од фризерница до набавки на возила, се од 2018 и 2019 година, сега сме 2020 година. Зошто сега се објавуваат? Едно можно објаснување е блискоста на сегашното раководство на агенцијата со еден новоизбран министер и можеби е обид за таргетирање на тој министер.

Или можеби е политичкиот момент. Во момент кога Зоран Заев зборува за подготовка на граѓаните дека можеби преговори со ЕУ нема да има овој декември, се случува скандалот за наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите, кој повлекува цела лавина сеир, потсмев, презир на ЕУ и на граѓанскиот сектор, кој, нели, треба да се забрани. За оваа ЕУ ли ќе предадеме идентитет и јазик, сѐ што ни значи? Е токму затоа ЕУ мора да проговори, мора да дејствува.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ