Кој и кому да му верува?

И што остана? Оние што веруваат во Бога и оние што веруваат во коцкарска среќа? Некој ќе рече – чекај малку, останаа и партиските верници, ама се лаже, зашто партиски верници имаше во комунизмот, а сега има само партиски војници. Разликата е јасна: верниците не примаат плата, а војниците денес се платени

Еве, уште едни избори се пред нас. И повторно треба да се верува. Во себе, во другиот, во ветувањата. А ние изгледаме уморно. Виолинскиот клуч што им определува вредност на нотите испишани врз петолинието на нашиот живот веќе одамна не е верата, туку сомнежот. Минатиот пат советував да не ги слушате зборовите, туку интонациите, за да сфатите дека живееме во време или на самоцелен гнев, или на апатија. Слушајте и натаму интонации: ќе видите дека денес сомнежот управува со луѓето, а не верата. Сомнежот, и тоа оној најлошиот: на граница со цинизмот и потценувањето на другиот. Но може ли воопшто да се живее во состојба на перманентен сомнеж, без вера?

Не мислам само на онаа вера што се искажува преку одење во црква или во џамија, не мислам ни на онаа „вера“ што се именува како фундаментализам и злоупотребување на Бог за наводно виши идеолошки и политички цели, дури ни на она народно симпатично суеверие при кое домаќинките, кога од негрижа ќе им загори бурек во рерната, дури и во тоа гледаат некаков „предзнак“, па си велат: „Поарно што загоре, месото ми беше сомнително, којзнае од какво труење нè спаси Господ.“ Мислам на една вера како човечка насушна потреба, без која нема живот. Таа вера е вера во животот, вера во човекот, во институциите, во државата и, пред сè, во самиот себе. Изгледа дека сите имаме сериозни проблеми со таа елементарна вера (некои користат попрофан термин – верба), вера во животот што го живееме.

На пример: студентите се запишуваат на факултет најпрвин со вера дека ќе бидат примени, а потоа и со вера дека ќе го завршат. И во двата случаја тие веруваат во себе и во своето знаење, а потоа и во праведноста на институцијата факултет, која нема да ги мести испитите. Откако ќе завршат, тие продолжуваат натаму во животот со вера дека ќе најдат работа. Кога ќе поднесат документи за некое работно место, се јавуваат со вера дека конкурсот не е наместен и со вера дека нивните способности одговараат на она што се бара во конкурсот. Земјоделецот сее со вера дека тоа што го посеал ќе никне, со вера дека Господ ќе го зачува родот од некој град или поплава, но и со вера дека државата ќе му обезбеди доволно добра откупна цена. Значи, верува во своите земјоделски способности, во Бога (среќа, добро време) и во државата. Хирургот влегува на операција со вера во своите знаења, ама бидејќи работите секогаш можат да тргнат наопаку кога се отвора нешто што самиот човек не го создал (на пример атомот, или човековиот организам), тешко дека нема да помисли и на виша сила што треба да му помогне. Кога летаме со авион, постои една претпоставена вера дека авионот е проконтролиран од стручни лица и дека пилотот не ја поминал ноќта во некоја меана. Една автоматизирана вера постои дури и кога менуваме пари: веруваме дека банкнотите што сме ги добиле не се лажни, што подразбира вера во институцијата менувачница.

Три вери се тоа: во себе, во Бога (атеистите го сведуваат само на „среќа“) и во другите луѓе, или – во институциите што тие луѓе ги претставуваат. Како стоиме денес, во просек, со тие три форми на животна вера?

Изгледа дека најслабо им веруваме на институциите и на другите луѓе. Сè почесто се слуша кај младите, кои конкурираат за работа, дека „конкурсот е наместен“. Се тврди дека однапред се знае кој ќе биде примен: тоа е поразот на верата во институциите и во другите луѓе, нејзино сосекување во корен. Ја погребавме меѓусебната доверба. Таква доверба нема веќе не само во општеството туку и во семејствата: зачестената љубомора и насилството се знаци на недоверба во партнерот. Родителите сè помалку им веруваат и на своите деца. Сè почесто веруваме дека другите нè лажат, што значи дека почнуваме да веруваме дека лагата ѝ го зела местото на вистината, што води во песимизам, очај и депресија. Ако и во општеството лагата ѝ го зела местото на вистината, тогаш каква смисла има воопшто да се надеваме и да живееме?

А веруваме ли во себе, настрана од тоа како нè проценуваат другите? Откако се рашири верувањето дека сите околу нас (и луѓето и институциите) лажат, повеќето од нас почнаа, без покритие, и претерано да веруваат во себе, дури и да се преценуваат. Тоа е законот на акција и реакција; кога некој ќе ве повреди (на пример, ќе изгубите на наместен конкурс), инстинктивна реакција е да почнете да ги преувеличувате сопствените способности. Така, полека влегувате во нарцизам. И тоа е болна состојба, како и очајот, кога други ве лажат. Сега вие самите се лажете: јас сум гениј, другите се идиоти. Притоа заборавате дека и да бил конкурсот наместен, постои теоретска можност примениот кандидат да е способен човек. Па дури и да е идиот, тоа реално не ги зголемува вашите знаења и способности; ги навредува, ама не ги зголемува. Како и да е, и нарцизмот не е ништо друго туку – губење на свеста за себе и на верата во себе: нарцисот верува во фиктивната слика за своето „јас“.

И што остана? Оние што веруваат во Бога и оние што веруваат во коцкарска среќа? Некој ќе рече – чекај малку, останаа и партиските верници, ама се лаже, зашто партиски верници имаше во комунизмот, а сега има само партиски војници. Разликата е јасна: верниците не примаат плата, а војниците денес се платени. Затоа, сепак ни остануваат само верниците по светилиштата и коцкарите по обложувачниците. Тешко нам ако само тие се луѓето што веруваат во нешто во ова општество. Зашто и едните и другите веруваат барајќи само сува корка леб. А тоа е нешто што секој, во секоја хумана држава, треба да може да го заслужи со сопствен, човечки труд, без да верува во нешто натчовечко и без да му додева на Бога за човечки „ситници“. Толку.