Корупција наместо Ал каеда

Преиздавањето на извршната наредба на претседателот Бајден главно го сврти вниманието на геополитичките диктати во регионот (вклучувајќи ме и мене, со колумната објавена на овие страници). Т.н. прогресивци (не само помирени со диктатите туку и среќни поради нив) инсистираа на другата димензија – најавата за жестока пресметка на американската администрација со корупцијата. Малкумина ја забележаа новината во безбедносната агенда што се протна низ редовите на оваа „наредба“ (зборот е под наводници бидејќи според меѓународното право, колку тоа и да ви изгледа утописко и непрактично, сепак една држава не може да наредува за внатрешни работи на суверени држави илјадници милји далеку од неа). Имено, САД (а со тоа и НАТО, по дефиниција) не можат да опстанат во кооперативен и мирољубив свет. Ним им се неопходни непријатели, видливи или невидливи, сеедно. Военоиндустрискиот комплекс е аждерот што бара ангажмани, иако орвелијански прекрстени во мирољубиви акции, затоа што огромен дел од она што е економски/корпоративен сектор вработува и храни американски семејства. Да не зборуваме за цели сектори и за самата држава што уште замислува дека е империја… (Под сектори мислам на корпоративните медиуми, но и на невладините организации, образовните пакети, па дури и холивудските идеологеми што го легитимираат милитаризмот во мека или во тврда форма.)

Вметнувањето на корупцијата како закана за националната безбедност на САД (и за земјите од т.н. Западен Балкан) е навидум нешто што е во контекст на демократските реформи, па дури и компатибилно со Копенхашките критериуми за влез во ЕУ. Но корупцијата е амбивалентен „непријател“ и во безбедносните, па и стратегиските планови на Империјата. Ако по крајот на Студената војна и распаѓањето на Варшавскиот пакт, причината за постоење на западни безбедносни механизми се откри во крвавиот распад на СФРЈ, од 9/11 непријателот стана глобалниот тероризам (Ал каеда, Исламската држава и сличните изданоци). На листата на непријатели се вметнаа и државите од „оската на злото“, како легитимни цели за „преемптивна војна“. Доволно е да се погледне состојбата во Авганистан, Ирак, Сирија и Либија за да се оцени „успехот“ на оваа империјална авантура за која сè почесто отворено се зборува како за колосален (воен и политички) пораз. Особено Авганистан сведочи за тоа дека историски познатата гробница на империите, сега ја забележи победата и врз американската (заедно со НАТО-сојузниците, меѓу кои и Македонија). Како тука се вклопува војната против корупцијата? Така што таа добива геополитичка (и геоекономска) димензија, па секој обид да се влезе во економска соработка со старо/новите архетипски непријатели на Западот (Русија и Кина) се третира не само како нелојалност туку и како корумпираност. Македонското собрание со убедливо мнозинство изгласа законот за изградба на автопати без тендер, од кој ќе се офајди американската корпорација „Бехтел“ (во соработка со турскиот партнер „Енка“). Потпишувањето на меморандумот со оваа компанија го реализира (вице)премиерот Артан Груби, во присуство на министерот Бочварски, директорот на ЈП „Државни патишта“ – Ејуп Рустеми, и американската амбасадорка Кејт Брнз. Пендаровски, тој лојален американски пион, побрза да го потпише указот и се оглуши од сите што опоменуваа за кршење на законите и Уставот.

Имајќи го предвид билансот на сето она што досега го има (или нема) сработено „Бехтел“, овој чин не е ништо друго, туку озаконета геополитичка корупција. „Бехтел“ доаѓа со сериозен багаж уште од ерата на Реган. Во 1982 година е обвинета за поткуп на Владата на Јужна Кореја за добивање спогодба за градење нуклеарни постројки. Во времето кога се дознава за овој скандал, секретарот за одбрана Веинбергер и државниот секретар Шулц биле во врвот на извршните органи на „Бехтел“ и морале да знаат за случувањата. Приказната (во која е инволвиран и американскиот амбасадор во Сеул) до јавноста ја соопштува „свиркач“. Во поново време, бившиот потпретседател на „Бехтел“ во 2014 година се изјасни за виновен пред судот за примање поткуп од египетската влада. Поблиску до нас, примерот на Косово го покажува следното (секоја случајност е намерна), преку напис на „Форин полиси“ (Foreign Policy, 2015): „Една од најсиромашните европски држави сакаше пат, па американскиот мегаконтрактор ’Бехтел‘ ѝ продаде автопат… со помош на моќниот американски амбасадор. Чудно е што автопатот едвај и да се користи, а амбасадорот сега работи за ’Бехтел‘“. Новинарот објаснува дека амбасадорот Дел бил предмет на сатира како „главен макро“ во стрипот на локалниот уметник Фисник Исмаили, кој ја опиша локалната елита што командува со косовската демократија и ја распродава земјата на компанијата со највисока понуда, а за сметка на косовските граѓани. Во Македонија за хуморот и сатирата се задолжени грантисти поддржани од западни влади, па затоа не очекувајте вакви реакции.

Сатирата е прохибирана како говор на омраза и исфрлена од јавниот простор, особено кога станува збор за „сојузниците“.
Заклучокот (уште пред шест години) беше дека балканските инфраструктурни проекти ја замаглија линијата меѓу американската надворешна политика и интересите на корпорациите. Сега, во залетот на мултиполарниот ривалитет, ова е уште поточна дефиниција од кога било порано. Сега кога ставија трага на ова парче земја, нема шанса да пркне ниту една друга инвестиција или проект што нема да има значење (профит) за САД. И не станува збор само на коруптивните бизниси, прескапите проекти што домашната економија не може да ги поднесе и дополнително се задолжува, туку и за робовладетелскиот однос кон градежните работници за кои нема да важи националното работно законодавство, односно се лишуваат од работничките права. Социјалдемократската влада нема проблем со сево ова сè додека Стејт департментот им дава индулгенции и ги брише гревовите на домашните олигарси за нивните валкани раце во домашните граници. Рака рака мие и врана на врана очи не ѝ вади.
Прашањето на корупцијата е такво што речиси спонтано носи консензус: таа е рак-рана на општеството, го разјадува владеењето на правото, носи економска и правна несигурност, лошо владеење, неморални елити и општо чувство на неправда. Сето тоа е точно, но прашањето е: што е навистина корупција, а што не е во конкретни околности и кој одлучува за тоа? Кога ќе прочитате со какви комплименти американската губернаторка (пардон, амбасадорка) му се обраќа на лидерот на ДУИ и кога ќе го видите оној хармоничен семеен портрет со Заев и компанија (плус ревидиран извештај на Стејт департментот) сфаќате дека „тази корупција не е корупција“ кога доаѓа од послушните вазали. Внесувањето на корупцијата како ставка од интерес во извршната наредба на Бајден е секјуритизација на еден политички феномен, па така наместо решавање со соодветни средства и методи во политичката/јавната сфера, овој се изместува и се става во контекст на безбедноста, каде што сите (вонредни) мерки се дозволени, бидејќи станува збор за „опстанокот“. Бидејќи овде, нели, станува збор за прашања поврзани за националната безбедност на САД, ова со опстанокот земете го условно – т.е. како нешто што не се однесува на македонската држава. Оваа закана за ставање на „црна листа“ и евентуално подложување на санкции се однесува на државните власти и националните економски субјекти.

Корупцијата е сега основа за вонредни безбедносни мерки речиси идентично како кога станува збор за опасност од Ал каеда, ИСИС, Русија или Кина. Некој ќе се сети дека ситуацијата во Црна Гора (каде што националниот долг е двојно повисок од БНД), која е до гуша задолжена со кинески кредити, не е многу поразлична. И тоа е сосема точно. Бидејќи на (секоја) периферија важи африканската поговорка: без оглед дали слоновите водат љубов или се тепаат, секогаш страда тревата. Прашањето е на „избор“ каде и со кого ќе влезете во должничко ропство под закрила на изградба на (посакувана) инфраструктура. Но нашиве немаат ни избор, бидејќи кога веќе си ги ставил на распродажба не само името, Уставот, суверенитетот, историјата, територијата, тогаш „Бехтел“ доаѓа како најнормална работа во провизориум што божем слави 30-годишен јубилеј од независноста. Затоа, целата онаа драма за „логото“ и „знамето“, невкусот и несоодветноста, се мачкина кашлица и дефокус. Каква држава, такво лого, и таква „независност“ – ништо не зависи од неа!
За информација, зборот корупција ги има следниве значења (обидете се да најдете едно што не го препознавате овде, со помош на САД или без нив): 1) отсуство на интегритет или чест (подложност на поткуп); 2) морална перверзија и дегенерација (газење на доблестите и моралните принципи); 3) уништување на нечија (групна) чест или лојалност; 4) поттикнување јавен службеник со нечесни средства да ја прекрши својата должност пред законот и Уставот; 5) гнилеж; 6) состојба на прогресивно гниење и распаѓање. Во Македонија зборуваме за „совршена бура“: за гниење однатре потпомогнато со „извршни наредби“ однадвор. Резултатот ќе стигне скоро, пред истекот на следните триесет години.