Корона-кризата, мерки и дилеми

Познато е дека секое намалување на БДП значително влијае на зголемувањето на сиромаштијата. Во услови на демографско стареење на населението е потребно да се преземат сериозни мерки и за време на пандемија за обезбедување услови старите лица да бидат третирани рамноправно со другите, целосно да се намали нивната маргинализација, која води кон непродуктивност во економски, социјални, културни и други состојби

Во повеќе земји во светот здравствената и економската криза и натаму се многу актуелни. Кај нас во последно време особено е загрижувачко што е забележан рекорден број на заразени лица од ковид-19. За три дена беа регистрирани 243, потоа 225, 191 и одново 225 новозаболени, а вкупниот број на починати се зголеми на над 770. Во такви услови со забележителни протести и бојкоти од засегнатите категории граѓани започна новата учебна година за основците, средношколците и студентите. Недела пред тоа проработија и повеќе детски градинки. Се прават напори сето тоа да се стави во предвидениот колосек. Сѐ уште поголем број фирми се наоѓаат во кризна состојба со намалено производство и доход. Забележително е што најчесто се исплаќа само минимална висина на плати, а кај најпогодените од угостителството и други гранки и тоа изостанува. Бројот на невработени за шест месеци на корона-кризата од 193.500 се зголеми на 228.820 или за над 35.329 лица Сето тоа интерактивно дејствува на намалувањето на придонесите за Фондот на ПИОМ. Проблемот се усложнува и со предлогот од први јануари наредната година задолжително да се пензионираат сите вработени што наполниле 64 години. Исклучок од тоа ќе бидат само дефицитарни кадри, како што се лекари, медицински сестри и вработени во високото образование. Се проценува дека на тој начин ќе имаме над 10.000 нови корисници на пензија. 

Во таква атмосфера, како продолжение од претходните три, беше промовиран владиниот предлог на четвртиот пакет мерки како финансиска помош на економијата и домаќинствата. Станува збор за 31 мерка во вредност од 470 милиони евра што треба до крајот на годината да придонесат да им се помогне на стопанството, работниците и на граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата на ковид-19. Поддршка на платите се предлага да има и кај хотелските субјекти и туристичките водичи и грантови за 500 туристички агенции. Овој нов владин предлог треба да биде усвоен од македонскиот парламент, со што ќе се овозможи повеќе компании и занаетчиски дејности да исплатат плати за последниот квартал од годинава во условен износ од 14.500 до 21.776 денари. Платежни картички во износ од 6.000 денари се планира да добијат најголем број пензионери, како и самохрани родители, пасивни баратели на работа, студенти и филмски работници. Конкретно, сите пензионери што примаат пензија до 15.000 денари треба да добијат еднократна помош – ваучери од 6.000 денари за купување домашни производи. Таа привилегија првпат годинава ќе ја имаат околу 183.000 пензионери, што е над 71 отсто од вкупниот број. Од нив најголем број се од третата група, најниски пензии, кои се движат од 9.751 до 10.240 денари. Тоа беше и моја јавна заложба во неколку колумни објавени во „Нова Македонија“.

Меѓутоа, се чувствува потреба ваучери во износ од 3.000 денари да добијат и други пензионери бидејќи за шест месеци на коронавирусот имаа непланирани трошоци за лична заштитна опрема, а се случи и поскапување на електрична енергија, на цените на праските, јаболкото, доматите, пиперот и други земјоделски производи. Треба да се знае дека и според најновите податоци од ФПИОМ највисока пензија примаат мал број корисници на пензија. Највисок износ, од 53.961 денари, имаат само 54 пензионери. Околу 200 пензионери добиваат по 51.000, а 916 по 41.244 денари. Кај највисоките пензии се сметат и пензиите од 39.592 денари на 131 пензионер. Сите други корисници имаат значително пониски пензии.
Во овој последен квартал од годината во интерес на пензионерите е потребна и измена на Законот за ПИО за усогласување на пензии за да може од 1 јануари 2021 година тоа да се врши по 50 отсто од процентот на зголемувањето на платите и на животните трошоци. Во 2019 и 2020 година усогласувањето се вршеше само со процентот на зголемувањето на животните трошоци што имаше многу негативно влијание на реалното зголемување на пензиите. Во овие години се манипулираше дека пензиите вонредно ќе бидат зголемени со процент на бруто-домашниот производ во април доколку е поголем од 4 отсто. Но реалниот раст на БДП во 2019 година изнесуваше 3,6 отсто, а во првата половина на 2020 е минус 6,3 отсто. До крајот на оваа пандемиска година се предвидува БДП кај нас да биде минус 5 отсто, а во идната 2021 година да изнесува 3 отсто.

Колку ваквите ветувања беа нереални покажува и анализата на движењата на бруто-домашниот производ во десетте земји од нашето опкружување. Во 2019 овој раст само во Србија и во Косово беше 4,2 отсто, а во Црна Гора 3,5, во Бугарија 3,4, Хрватска 2,9, Босна и Херцеговина 2,6, Словенија 2, 4, Албанија 2,2, Грција 1,9 и Турција 0,9 отсто. Сите овие земји во 2020 година поради последиците од пандемијата забележуваат голем пад на БДП, особено приморските земји. Така, минус 9,5 отсто има Грција, -9 отсто Албанија и Црна Гора,- 8,5 Хрватска, -7,5 Словенија, -5,5 Бугарија, по -5 отсто Босна и Херцеговина и Косово, а Турција и Србија имаа негатива од 3,5 проценти. Во сите овие земји предвидувањата за идната 2021 година се пооптимистички и тоа со раст од 3 отсто во Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина, 3,5 во Хрватска и Словенија, 4 во Грција и Косово, 4,5 Албанија и 5 отсто Турција и Црна Гора.
Познато е дека секое намалување на БДП значително влијае на зголемувањето на сиромаштијата. Во услови на демографско стареење на населението е потребно да се преземат сериозни мерки и за време на пандемија за обезбедување услови старите лица да бидат третирани рамноправно со другите, целосно да се намали нивна маргинализација, која води кон непродуктивност во економски, социјални, културни и други состојби. Сметам дека и натаму треба да зајакнуваат меѓугенерациската соработка и солидарноста за да се обезбеди достоинствен живот за сите.

Авторот е новинар,публицист експерт за трета доба