Коронавирусот на западната цивилизација (1)

Едноставно, лакома за материјален профит по секоја цена, западната цивилизација го вглоби човекот во лентата на производствениот конвејер, изедначувајќи го со серискиот производ што се тркала по него: како филџани за кафе или чинии за супа.
Со ништо друго

Еве, да не речеш дека сум рамнодушен кон трагедијата на човекот и светот, драг читателу. Трагедијата што повеќе како естетско-филозофски факт ја чувствуваа и изложуваа англиските романтичари во XIX век: Вајрон, Сели и Китс. Тие ја развија како сопствена поетика теоријата за светскиот бол и тага, но целиот свој живот го поминаа во естетска екстаза и хедонистички оргии. Нешто слични како нив беа и француските симболисти, чеда на романтизмот, кои во сличен стил го фрлија во оптек концептот „проколнати поети“, сметајќи се себеси за такви. Синтагмата му припаѓа на Пол Верлен. Проколнати, иако во удобна боемија шмркаа бурмут и други опиуми по париските крчми за да го досегнат потребното ниво на творечка инспирација.

Така, додека пак вистинските поети-проколнатици беа на периферијата на Европа и во другите посиромашни региони во светот. За мене, пак, ако сакаш драг читателу, архетип на проколнатик меѓу поетите воопшто е Кочо Рацин, поетот на Белите Мугри што ќе го огреат „црниот народ на трудот“. А Рацин тука го придружуваат уште и Вапцаров, Коле Неделковски, Ацо Караманов и други. Долга низа. Воопшто проколнатиштвото е друго име за македонската судбина. Колективен феномен. Идентитетскиот колеж во Преспа, како трет фашистички удар на Европа, по Букурешт 1913 г. и бомбардерите на Черчил 1948 г., го потврдува тоа.

Ова е краток вовед, потребен за нашата тема во оваа колумна, драг читателу. Толку колку за да се вклопи контекстуално во ороспилакот на Вавилонската дама сега со седиште во Брисел, и во нејзиниот „беневолентен“ садистички потег за почнување на преговорот за влез во нејзиниот политбордел. Почнување, но без датум. Чиста метафизика, оти датумот што ни се нуди (па и кога ни го дале формално конкретно) е метафизичка спекулација, и тој го носи името Вечност. Тоа е понудата на западниот Антихрист, архетипот на оваа цивилизација. За тоа прв во неа така силно дијагностички и јасно прозбори ингениозниот Гете, за кого можеби чула внуката на фирерот госпоѓа Меркел, но не ја прочитала и усвоила неговата размисла.

Имено, тој во своето генијално дело „Фауст“ го слика портретот на Фауст, интелектуалец, како архетип на западната европска цивилизација, кој си ја продава душата на Мефистофел (ѓаволот) за интелектуално знаење и сензуална наслада за што е жртва убавата и невина Маргарита. Маргарита, која тука, по сè што ни се случи нам од страна на перфидната Европа, по аналогија коинцидира со Македонија, при што пак Фауст се трансформира во францускиот маркиз Де Сад. Доколку дозволи една таква аналогија, безмилосно прецизна, месје Тимоние.

Тоа е тоа. Но во врска со „отворањето“ на перверзните преговори со ЕУ, јас лично, драг читателу, тоа го доживувам како бласфемија по идентитетскиот масакр во Преспа над мојот народ. Над мене, над тебе, над сите нас. И затоа секогаш, сеќавајќи се што ни направила и што ни прави сè уште таа, јас при спомнувањето на поимот Европа добивам нагон за повраќање како некој вид Павлов рефлекс. Искрен сум. А така е и со НАТО на госпоѓа Шекеринска и на преостанатите истоглавци. НАТО, планетарниот монструм што ги плаши не само Русите (кои баш и не се од плашлива сорта) туку и целиот правдољубив свет. Та барем јас и ти, драг читателу, можеме ли да заборавиме дека тој монструм во 2001 г. беше на страна на албанските терористи против Македонија и Македонците. И сè уште е и ќе биде, оти нив ни ги доведе потоа, по понижувачкиот капитулантски договор што ни го скрои во Охрид, и во Владата и парламентот. Итн.

А ние не собравме сили како Србите, на кои тој монструм врз нивна територија создаде држава на своите балкански слуги, да го развееме знамето на самопочит, туку го свиткавме колективниот ’рбет како безрбетна влечуга, како ингениозниот безрбетник Заев, пред таа планетарна ала. На тој начин го демонстриравме како никој друг таканаречениот стокхолмски синдром на заљубеност на жртвата во нејзиниот џелат. Во нашиот случај, за што е сведок најмногу идентитетскиот колеж во Преспа, тоа се сега засега славните планетарни опасни влечуги ЕУ и НАТО. А се разбира тука е и Америка (САД) за што ќе стане збор. И на тој стокхолмски перверзен синдром ретко кој кај нас му даде отпор, драг читателу, оти него најмногу го испочитуваа оние од кои најмалку би требало да се очекува да го сторат тоа: академските и таканаречените универзитетски „интелектуалци“, а тука се и писателите и преостанатите уметници. Со сосема ретки исклучоци, кои едвај можат да се соберат на прстите од двете раце.

Одвратно. Кукавички. Стокхолмосиндромци над кои се згрозил и Сартр, послужувајќи се со устата на еден од своите ликови во драмата „Заточениците од Алтона“ што вели: „Ги мразам жртвите кои ги почитуваат своите џелати.“ Сега, презирот на францускиот филозоф е презир и кон Македонците. Пред сè кон нивните квислинзи (Заев, Шекеринска, Димитров…), кои по вина на нас преостанатите доблесни Македонци успеаја да нè претстават пред светот како безлична раса на кукавици на кои им недостига нагон за постоење. Презрени сме најмногу од „обожаваната“ Европа: од Меркел, Макрон и преостанатите нејзини ѕверки. Па, се разбира и од нивните амбасадори кај нас распослани на ќелепур-трпеза и во Ничија Земја.

Да полуди човек. Да. Ама нема лудило, бидејќи тоа е психосупстанција на екстра емотивните и интелигентни души. Наместо него, кај нас мајсторите на секаков вид смрт го реализираа проектот на апатија, на безволност и мртвило во која колективот е задоволен што мрда биолошки, иако како што тргнале работите и за тоа не се знае до кога ќе трае. Некој одговорот на тоа прашање би го побарал во Тиранската и сличните на неа платформи, кои кај нас катадневно се лиферуваат.
Добро. Сега веќе не ти се извинувам за предолгиот вовед, оти сфаќаш, драг читателу, а и јас сфатив дека тој апсолутно се вклопува во општата струја на нашата колумна насловена како: „Коронавирусот на западната цивилизација“.

Оти таа чума веќе стана метафора, или попрецизно метонимија (аналогијата препознавање по сличност) на општата дијагноза на цивилизацијата. Ама на Западната, која се наметнува како тоталитет за овој поим. Цивилизацијата, како што констатиравме понапред, фаустовска во основа, која сепак во едно подалечно време, во епохата на средниот век, потоа во барокот, па и во класицизмот, како што мисли и фасцинантниот германски филозоф Освалд Спенглер во Пропаста на Западот“ поседува интелигенција и инстинкт за длабочина и далечина, за перспектива, која влече кон бескрајот, за што тој се служи со примери од подрачјето на музиката и воопшто уметноста.

Музиката и архитектурата се доминантни сведоци за тоа. Ама која е сепак таа длабочина, таа перспектива на третата, а од неа и на четвртата димензија, која акрибично ја проучи и изложи за уметниците на италијанската ренесанса генијалниот архитект Бруналески? Нема ни трага од тоа денес. Зошто? Затоа што Западот ја отфрли духовната длабочина на неговиот архетип Фауст, и од трампата со Мефистофел ја задржа само сензуалната наслада, карактеристична за садомазохистичкиот карактер на Сатаната, која ја демонстрира во сликата на сексуалната перверзија, за што се послужи со демонската имагинација на Маркизот де Сад, како архетип, по Фауст, на западната (без)душа.

Де Сад, Французинот што, всушност, беше предвесник на либералкапиталистичката економија подоцна, која го промовира во жестоко темпо сериското индустриско производство што носи конкретен материјален профит. Онака, како што го сведе на исто ниво и сексуално материјализираното тело во борделот промовиран како архетип на крајното отуѓување на таа цивилизација целосно отклонета од поимите љубов и човекољубие.

На тој начин од фаустовска, на што инсистираше Шпенглер, таа стана целосно мефистофелска. Цивилизација на ѓаволот. Се согласувам со тебе, драг читателу, прејак израз. Но должен сум во понатамошниот тек на текстот да го објаснам и оправдам него. Основниот пресврт на таа цивилизација е што драстично го оддели телото и телесното од душата и душевното, иако Фауст и по продажбата на душата на Мефистофел сè уште барем го задржа, можеби и во извесна носталгија на неа, сеќавањето за душата. Но сега во модерната западна либералкапиталистичка цивилизација нема ни трага од тоа. Капиталот, богот на парата избриша сѐ што има знак на сакралност и душа. Ги избриша докрај и „трагите на светото“ по кои како меланхоличен пророк ламентираше и поетот на раниот романтизам Хелдерлин, пречувствителен, идеосинкратичен на таа загуба, па полуде и следните четириесет години од животот ги помина кај дрводелецот во кулата во Тибинген.

Едноставно, лакома за материјален профит по секоја цена, западната цивилизација го вглоби човекот во лентата на производствениот конвејер, изедначувајќи го со серискиот производ што се тркала по него: како филџани за кафе или чинии за супа. Со ништо друго. А така беше третиран, како сериска профитабилна стока човекот и во јавните бордели на таа цивилизација, промовирани уште и како напредок на демократијата, како пронајдок на нивниот супериорен демократски ум.
И тие бордели на развратот, драг читателу, што ги обновуваа во уште поголем развратен сјај библиските Содом и Гомор, се согласувам тука со Толстој, беа израз на материјалната збеснатост, на она што го знаеме под името la belle epoque (убавата епоха) на западната цивилизација, што ја подготви воленс-ноленс Првата, а потоа и Втората светска војна.

Па потоа се чудиме на бомбардерите на Черчил што ги убиваа македонските деца на Грамос и Вичо и на нашиот идентитетски колеж во Преспа! Ситница за нив. Оти Западот, драг читателу, денес ништо друго не го интересира, освен Капиталот и пазарната економија со која толку многу се фали (иако суперуспешната Кина мисли поинаку), промовирајќи ја уште и како крунски пример на демократијата. А веројатно не е така. Зошто? Затоа што тоа е par exellence бескрупулозен дарвинизам во кој беспрекорно функционира концептот на канибализмот, кој со научната тетратка подмишка акрибично го анализираше Дарвин на Галапагос.

Концептот што им одговара на дарвинистичките чудовишта какви што се Ротшилдови, Бил-Гејтсови, Фордови, Клинтонови итн., кои имаат аналогни кај нас во нашите новопечени олигарси со полиња од капитал и опиум. Да не ги именувам. Ни еден од нив не е ни уметник, ни научник. Сите се политичари и шпекуланти. Оти јас не знам дека биле барем приближно колку нив богати такви какви што се: Тесла, Њутон, Ајнштајн, Ван Гог, Пушкин или Достоевски.

(продолжува)