Коронавирусот на западната цивилизација (6)

Поимот капитал е основната и, како што стојат работите, единствена ознака денес на поимот цивилизација што не го вади од уста евроамериканскиот запад. Некои проникливи умови, како генијот од Јасна Полјана Толстој, уште во почетокот на минатото столетие ја насетија смрдеата што се шири од него. Имено, за луѓето што веруваат слепо во тој поим, тој вели: „Тоа се луѓе што живеат во изобилство, речиси дембелски во споредба со работниот народ, и само заради тоа што постои таа цивилизација денес која е крајно лукава и перфидна, која знае да ги користи умовите на интелектуалците за свои цели, па така и Ханингтон под нејзин диктат ја напиша, за да ја скрие перверзијата на капиталот, книгата „Судир на цивилизациите“.

Демек тоа е основниот проблем: судирот меѓу христијаните и муслиманите. Тоа, а не лакомоста на либералкапитализмот и, во основа, неговиот демонски капитал, неговите мастодонски банки што ја мелат како воденички камења сиромаштијата на светот. Да. Ама тоа е систем кој перверзно се фали со својот божемен хуманизам (каматен, експлоататорски во основа) завиткан во целофанот на поимите како што се „демократија“ и „човечки права“, кои се во суштина мошне опасни кога ги употребува тој. Честопати придружени и со смртоносни бомбардери.

Сме пишувале за тоа, знаеш драг читателу. Впрочем на свој начин, комбинирано, ние Македонците тоа го искусивме во Преспа. А го искусивме со Тиранската и други разноразни слични платформи и денес. Така пропадна тезата на Фукујама за крај на историјата, која демек ќе ги укинела демократијата и економскиот просперитет на либералкапитализмот. Една намерно скроена утопија за „среќната“ и „праведна“ цивилизација.
И со голо око, драг читателу, пандемијата со коронавирусот ни ги нуди како на дланка аналогиите со сликата на либералкапиталистичката коронавирус-цивилизација, таа што не се стеснува да ги уништи докрај ресурсите на природата, незаситна во својата материјална лакомост.

Но природата и планетата се бунат против таа нејзина лакомост. Не е тука само глобалното затоплување што ги топи половите и што утре ќе го подигне нивото на морињата и океаните до ниво на општа катастрофа, до потоп како во времето на Ное за да се испере гревот на проклетото човештво, чиј репрезент сега во таа смисла е човекот на капиталот. Арно ама тој човек не мисли на катастрофата што му е на прагот, и нема ни брод ни Арарат во срцето за да се спаси од неа. А и да има брод, тој на него нема да ги товари како Ное птиците, животните и семињата за повторна обнова на светот по потопот, туку ќе го товари само тешкиот капитал, за што побргу да потоне на дното со него.

И сегашната пандемија на коронавирусот, драг читателу, е потврда за тоа. Со еден збор, сè на сè таа покрај другото јасно ја сугерира и сликата на Апокалипсата, или Откровението од евангелието по Јован во Новиот завет. Сликата на крајот на светот, кого толку многу го чекаа уште раните христијани па ја пееја песната, која по идентитетскиот колеж во Преспа ја пееме и ние Македонците: „Господе, дојди што поскоро“. Оти денес Општиот Човек веќе нема глас, а ни волја за песна. Либералкапитализмот го нагази безмилосно него и му ја исцицаа душата и елементарната радост со која тој постоеше во епицентарот на своето обожествено Јас како антена на Бог и Божественото.

Сè уби во него тој со својата лакомост и го доведе до најстрашната психолошка ситуација, што не е очај туку апатија како на индивидуалната така и на колективната душа. И тоа можеме пак да го илустрираме со македонскиот случај поврзан со идентитетската ликвидација. Цели три децении од 1990 г. до денес, не сметајќи го историското искуство пред тоа, беше применуван истиот експеримент на постапна, планска стигматизација на Македонците додека тие не се доведоа до состојба на целосна апатија, до перверзно ослабнување на силите на колективниот нагон за постоење, па така речиси без противење како стока подготвена за клање беа идентитетски ликвидирани во Преспа. И тоа беше главно експеримент подготвен и диктиран во етапи од либералкапиталистичкиот Запад. Од Вашингтон и од Брисел.

Кога го пишувам сега ова, драг читателу, не случајно ми доаѓа во умот мојот омилен писател Франц Кафка, кој ингениозно ја даде сликата на цивилизацијата за која говориме ние во романот „Процес“. Имено, сликата во која е жртва, без да знае за што, Јозеф К., кој е турнат во лавиринтите на еден апсурден судски процес (воленс/ноленс ми доаѓа пред очи и нашата Рускоска што ги суди измислените „терористи“), за на крајот да излезе од него како жртва. Убиен е по месечина ноќе од двајца со нож и облечени во долги мантили. Таа слика јас ја читам, драг читателу, како алегорија на убиството на Невиноста во безбожниот свет; и неа, ако се знаат некои биографски детали, Кафка ја доживеал страсно трауматично. Верувам дека тој тука се чувствувал и како неговиот главен јунак во романот. Оти и тој бил рамнодушен, апатичен кон сопствената судбина во светот чија суровост болно ја доживувал.

Една реченица од писмата на Милена Јасенска, неговата љубов до пријателот Макс Брод јасно упатува на тоа. Имено, во тоа писмо до Брод, кој не ја исполнил желбата на писателот неговите ракописи да бидат запалени по неговата смрт, таа нему му пишува дека, едноставно, Кафка е неспособен за живот. Тоа набргу се покажало како апсолутно точно; генијалниот писател си го одзел животот. Е, некако сè ме тера да мислам дека и основната стратегија на либералкапитализмот е да го направи, за да може што полесно да владее со него и да го цица, човекот неспособен за живот. Тоа ни го стокми тој и нам, Македонците, и којзнае дали и кога ќе се извлечеме од таа трауматична апатија, отсуство на волја за живот, која е присутна, за жал, во македонското колективно битие денес.

Но не му е лесно и на лакомиот по капитал „еднодимензионален човек“ (Маркузе) на прејадената од натрупаните колонијални богатства либералкапиталистичка цивилизација. Тој сè до што се допрел обесветил и обесмислил. Тој го обесмислил не само животот туку и смртта, која ја игнорира, а всушност ужасно се плаши од неа. Оти смртта е важен дел од животот. Таа на некој начин и го осмислува него. Животот и смртта, а тоа многу подобро го знае архаичниот од „екстра цивилизираниот“ човек, се единство, јазол на заеднички синергии. Јин и Јанг. Во некои епохи, како што е тоа посебно, на пример, Стариот Египет човекот целиот свој живот на некој начин, покрај другото, го употребувал и за подготовка за смртта. Но западниот човек на либералкапитализмот, испразнет до дно од духовна есенција, денес изгубил секаква врска со златната нишка на традиционалното искуство на претходните цивилизации и епохи во кои човекот ги барал внатрешните патишта на духот и душата за интеграција со космосот и Бог. Уште од Алтамира наваму.

За тоа на многу места во својата книга „Антропологија на смртта“ говори и Луј Вансен Тома. Вели: „Осиромашувањето на говорот својствен на смртта, стеснувањето на симболошкото поле, отфрлањето на обредот, таков е знакот (или последиците) на збрката што ја доживува денешниот човек на Западот. Но тоа и не можело да биде поинаку, бидејќи кај него во поголемиот дел од времето ’моќта‘ претежнувала над ’разумот‘, ’профитот‘ над почитувањето на личноста, стравот од смртта над радоста од животот. Сè додека продажната вредност ќе се наметнува на сметка на употребната вредност, човекот ќе биде неспособен да живее добро, еднакво како и да умре добро!“
На мал простор мала атомизирана антрополошка студија за (анти)духовната ситуација во која се наоѓа, заглавен во живиот песок на капиталот западниот „еднодимензионален човек“. Обесчовечен човек, бескрупулозно материјално лаком и експлоататор на оној „на трудот црн народ“ за кој пееше Рацин.

Но дали е среќен тој со натрупаниот капитал од кој по некои тајни канали излезе и коронавирусот, перверзно естетски дизајниран и како кралска круна за Кралот на Злото, кој како што се гледа, пак, и самиот не е поштеден од него. И тоа е основниот негов парадокс. Парадоксот на цивилизацијата на капиталот, Големиот Инквизитор, како што би рекол Достоевски, кој во својата темна сатанистичка лабораторија и коронавирусот го замисли како средство со кое ќе го владее преостанатиот дел од светот. Арно ама тој му побегна од контрола и се врати и кај него за да ја осветли уште повеќе неговата круна на Антихрист. De profundis, nocturno, memento mori. И ѝ нема крај на светската ноќ.

(крај)