Конески – поет на смачкано племе (3)

(По повод сто години од раѓањето)

Записи во несоница

„Така рикаше маката во мeнe дека сум роден во смачкано племе.“ – Б. Конески: „Спомен по многу години“

Да. Оти оваа кукавичка, малодушна генерација што немаше храброст да ѝ се спротивстави на преспанската трагедија не е племето што ќе ги слави хероите на родот. Тоа допрва ќе се чека за да го родат македонските невести. Покрај во Прличев и во некои други девственици-мартири и херои (Гоце, Даме, Јане, Вапцаров, Неделковски…), Конески како алтер его е шифриран впечатливо и во архетипалните ликови на македонската колективна историска и метафизичка судбина како што се Болен Дојчин и Марко Крале. Пред сè. И двајцата тие се (авто)портретирани во тешки судбински мигови. Болен Дојчин за време на неговата тешка болест, која го навасува во мигот кога е „преполн со сила“ што „надојдува како речна глава“ и кога додека е вреден за подвиг и „достоен за слава“, парадоксално (типичен македонски судбински парадокс) паѓа „како црешово дрво од премногу род“. Паѓа тогаш кога сепак „раскостен коска од коска“ ќе крикне за подвиг и во смртта што веќе го поклопила на креветот на кој искинал „до девет постели“: „Јас копнеам гроб темен и студен – / нема крај без мојот подвиг суден“. И тоа, драг читателу, е во согласје со блажеконеската болка и копнеж за решителниот подвиг, макар и во смртта, кој е заветен кај македонските мартири, светци и херои. Кај илинденските комити и војводи, а потоа и кај асномските херои, сега „ликвидирани“ со смртоносното пенкало на тој од Муртино и неговата квислиншка влада. Хероите што го носеа по цена на својот скапоцен живот (не како нашиот кукавички) знамето со бесмртниот слоган „Слобода или смрт“. Тие што ѝ припаѓаат по род, генеза, светлина и храброст на Гоцевата раса, која се римува многу повеќе и со многу други нешта, отколку само со тераса. Расата чиј духовен супрематизам не е расистички, туку универзален космополитски и апсолутно културолошки.

Сличен до поклопување кај Конески со Болен Дојчин е и ликот на Марко Крале, тој силник и пијаница од народните песни, кој сега тука е исто втонат во длабока, необична за него меланхолија и пронижан од безброј сомненија, јанѕи и болка за родот. И тој не случајно кај нашиот поет е длабински портретиран во трагичниот миг кога ја губи силата. Во песната „Одземање на силата“. Песната што како и „Болен Дојчин“ ја сугерира суптилно интуитивно судбината на колективот, безмалку како истата таа да е накалемена на матрицата на библиските тажаленки на Еремија за духовниот и морален распад на Израел. Или и на беседите на Исаија. Сеедно. И таа песна за Марко Крале (очигледното поетово алтер его – е некој вид прекор упатен кон Создателот, тука старозаветен, кој е безмилосен во казната кон индивидуата и колективот што се одметнал без прашање по патеката на слободната волја кон Слободата: „Потсмешлив / ти ме направи прв во царството што пропаѓа, / ко лаѓа што тоне со товар на маки и гревови, / да крепам, да спасувам, / а матната вода поклопува. / О сити се ти горе, / ти што ме роди бележан меѓу сите / о што ми дари после ваков дар.“

Да. Тоа е Марко Крале (речи го, драг читателу, и Блаже Конески) еден од средишните архетипови на македонската судбина, нејзин автентичен застапник и пливач против струја, тој што според легендата запишана од Цепенков ја затнува опасната стерна под Маркови кули и така го куртулисува од поплава прилепското поле, да не стане како Охридско Езеро. Но останува отворено прашањето дали Марко успеал да ја затне стерната, која јас тука ја читам како шифра на отворената рана на племето на поетот, драг читателу. А дека, пак, не ја затнал неа ни моќниот, сега скрушен јунак, поетовото алтер его, сведочи и песната „Песјо брдце“, чиј мотив исто така се кристализирал од талогот на колективното несвесно. Во неа станува збор за решителната битка што треба да ја води Марко Крале како некој Армагедон, на Песјо брдце: „Излегувам рано на ова песјо брдце, / гневен на булуци го гонам ѓаволскиот кот, / замавнувам лево и удирам десно, / и мавам / и гмечам / и сечам / како што сечат честа гора кога прават пат.“ Да. Но резултатот од битката не е охрабрувачки: „И еве пак е ноќ / и пак е ниедна доба. / Наслушувам: / приидува лошотијата / како матна вода што поклопува. / И ми се чини – / сè пропаѓа вземи / како никогаш да го немало, / како никогаш да не сум направил ништо.“ Ништо, оти и Марко Крале и Болен Дојчин и Прличев, заедно со преостанатите девственици на Конески, херои и мартири, во сите битки за родот стасувале само до поразот, но со невидено херојство. Токму и затоа нивната смрт има магиска моќ да го плаши и од гробот непријателот како заштитничка на родот. Двете завршни строфи на „Песје брдце“, имено, и го сугерираат и даваат на показ тоа, вглобени во меланхоличниот заветен монолог на Марко Крале, а што го словат усните на Конески: „Ковајте ми коња наопаку, / клајте барабани на ветар да бијат, – нека ги страши уште мојот призрак, / да не ја видат мојата смрт! // Само никој да не ја види мојата смрт, / да бидам сам со неа / како со невеста / во ноќ на затруднување!“

Да. Ама таа смрт со која се венчаа „како со невеста во ноќ на затруднување“ македонските херои и мартири се случи како колективна смрт на нивното племе и во Преспа на 18 јуни 2018. И Конески пророчки ја претчувствуваше и предвиде неа, драг читателу, па во јанѕа рече: „Големо ни е Името, ќе повтат да ни го земат.“ Оваа негова предупредувачка изјава, за да бидеме на штрек, ја има запишано во своите мемоарски записи акрибичниот Божин Павловски и благодарение на него ја знаеме, оти Конески не водеше дневник. Така и Михаил Ренџов запомнил уште една предупредувачка реч на поетот од Небрегово, а која е дијагностичка за нашата идиотизирана ситуација и гласи: „Опасно е кога немоќен човек ќе проговори од моќно место.“ Како што е тоа денес случајот со премиерот и неговата антимакедонска сурија во владата и парламентот.

Конески имаше две големи страсти: науката и поезијата, и тешко е да се каже која од нив двете надвладуваше во него. Науката чија основна тема беше јазикот како основна идентитетска супстанција на родот, тој ја тераше не само како страст, што е случај и со поезијата, туку и со императивен тестаментален налог за одбрана на страшно загрозениот идентитет на смачканото племе. Иако, како што видовме досега, и неговата поезија не е ни најмалку лишена од тој свет императив. Сепак науката тука како да имаше предност, оти со неа Конески втемелуваше и зацврснуваше и некои битни институции насушно потребни за Македонците да фатат културолошки чекор со преостанатите југословенски народи, кои немале како нив проблем со историскиот и националниот идентитет. Имено, само така може да се објасни хијатусот меѓу „Везилка“ (1955) и „Записи“ (1974) со пречник од цели 20 години. Но по „Записи“, откако поетот ги беше испозавршил главните стратегиски работи на научен и културолошки план, за да има цврста основа неговото племе за рамноправен „културен натпревар меѓу народите“, конечно можеше да ѝ се врати со полн интензитет на својата генеричка страст за поезија. Можеше конечно да го изрецитира она на Хуго фон Хумболт: „Човекот како вид е суштество што пее“. Така и се нижеа потоа една по друга новите стихозбирки на поетот. Речиси секоја наредна година нова. Тие, рака на срце, ја немаа цврстата херметичка структура на „Записи“, како еден монолитен дијамантски блок од првиот до последниот стих. Но тоа е карактеристично и за некои големи светски и наши поети. Исклучок кај нас на тој план е можеби единствено поезијата на Чедо Јакимовски, остварена од почеток до крај под ист напон на интензитетот на инспиративниот нагон и естетскиот и метафизичкиот квалитет. Онака како што е тоа, на пример ако треба да повлечеме споредба, кај Георге во германската и кај Маларме во француската поезија.

Конески не ги сакаше ригорозните естетски или филозофски поетски системи. Тој е поет на една крајно спонтана и пловна имагинација, која понекогаш зафаќа сè на својот пат, не само возвишени, туку и обични, прости мотиви. Неговата песна се искачуваше и на метафизички височини, но потоа слегуваше и во низините на животот, како што сакаше да каже тој, за да се одмори од нив во едно простосрдечно душевно настроение. Така на пример тој не се плашеше да внесе во неа и некои за некого „банални“ мотиви, како што е тоа во песната „Куманово“ во која го опева „кумановскиот суџук“ на „ѓупскиот празник Ѓурѓовден / во време на цревца“. А по аналогија на тоа, во својата широка лирска боемија, тој знаеше да се опушти и во римата, која поретко ја употребуваше, па изненадувачки за пробирливите пуритански естетичари да го исфрли како од ракав стихот: „Возот бодина низ Војводина“. Итн. Тој што не ја познава душата на поетот, а со тоа и на поезијата, може многу лесно таквите и сличните места во песните на Конески да ги окарактеризира како падови. Но воопшто не е така, бидејќи таа поезија мора да се посматра како амалгамска целина за да се сфати нејзиниот хабитус и крвоток, конечно и нејзината арспоетичка филозофија. Да. Имено така. За нашиот поет поезијата, како што е тоа и за Рилке, е искуство, постоење во најшироката смисла на тие битни поими, и во неа животот е cфaтен како неразлачно единство во кое нема строга поделба на високи и ниски мотиви. Поетско-филозофскиот императив на Конески е, како што го бара тоа од неа во „Везилка“, песната да биде „проста и строга“ за да го изрази според него не само индивидуалното, лично, туку и колективното битие на родот. Така ја замислува тој, имено, „простата и строга македонска песна“. Во овој случај неговата песна што се нафатила со задача покрај личната да ја изрази и колективната македонска историска и, следствено на тоа, метафизичка болка. А и двете слеани како неразлачен монолит една во друга. Да, „проста и строга“ песна, поетика што им е туѓа на пробирливите и церебрални естети што интелектуализираат и го сушат лирскиот сок. Блаже веројатно знаеше дека ќе му биде замерено за тоа, па да им ja олесни работата на разноразните учени естети, критичари и теоретичари, па појасни дека всушност тука не се работи за проста туку за „сложена едноставност“. Формулација што фрла дополнително светлина на неговиот поетски егзистенцијализам.

Потоа, има уште една битна нијанса што може да изгледа парадоксална по однос на поетовиот императив во „Везилка“ за „проста и строга песна“. Парадоксална затоа што може погрешно да се изведе заклучок дека Конески пледира на поетски рационализам, на некој вид поетичко картезијанство. И пак, за да нема забуна и тука, тој неа ja објасни исто така на нему својствен начин во стилот на „едноставната сложеност“ арспоетички, теориски и во неговиот збит есеј „Еден опит“. Во него сме сведоци на една речиси надреалистичка егзегеза на поетскиот чин поврзан со настанувањето, раѓањето на песната безмалку како резултат на „автоматски ракопис“. Нешто што неупатените и брзоплети учени критичари по аналогија веднаш би го поврзале со поетиката што ja форсираше бардот на францускиот надреализам Андре Бретон. Но тоа е стапица. Речено со јазикот на Цепенков, неговата „автоматска“ поетика може да се опише со синтагмата „што на ум, тоа на друм“. Таа е затемелена главно на принципот на таканаречените слободни асоцијации што ги произведува несвесното и кои го воведе широко во психоанализата како психијатриски лек за неврозата на модерниот човек Фројд. Имено, тој си го припиша овој пронајдок, кој всушност пред него го обзнани и озакони како психијатриска пракса Броер. За да се запознае, пак, поблиску со тој магичен механизам на функционирање на синџирот наречен „слободни асоцијации“ Бретон отпатува од Париз на гости кај виенскиот психоаналитичар. Но сеедно. Да не се отклониме од срцевината на нашата основна тема, драг читателу. Зборот ми е дека поетичката доктрина на Бретен што им ја наметна супериорно како патријарх на француските надреалисти („автоматски ракопис“), а која многу поимагинациски резултати даде во сликарството, во поезијата се покажа во добар дел артифициелна и механичка. Оттука, и тој што спонтанитетот на блажеконеската поетика ќе го поврзе со „автоматската“ на Бретон ќе направи груба грешка, затоа што поетиката на поривот на нашиот поет дијаметрално се разликува од, сепак рационалниот картезијански поетски метод (ист и кај Фројд) на францускиот бард на надреализмот. Имено, надвор од некој рационален концепт, Конески му дава целосна поддршка на природниот емотивен порив на поетот за песна, чие раѓање тој in medias res го поврзува со поривот на изворот да ја изнесе на површина длабочината од подземи. Па и неговото признание: „јас песната заправо не ја пишувам ами ја откривам“ говори во прилог на тоа. Така. Оти тоа е нејзиниот основен императив што треба да го оствари тоа, притоа не прашувајќи се за смислата на таа „операција“ на душата и срцето, која има и онирички карактер. И тоа е, имено, блажеконеската песна што одбива да биде строго рационална и јасна. И, таа поетичка филозофија е маестрално претставена во катренот на песната „Реки“: „Ги пуштив реките да течат / дека се матни, дека мислат гласно, / и може негде некому да речат / што не сум знаел да изразам јасно.“ Така, иако тој блажеконески порив воопшто не е лишен од јасни и препознатливи егзистенцијални состојби и емоции. Во песната „ars poetica“ го гледаме тоа, каква треба да биде пeсната на „стариот џивџан“, кој неа им јa објаснува на пилиштарците: „Деца, / таа треба да биде леко и меко, / силно а милно / жално ем пално / со горчлив опит, /со згрутчена мака.“

(продолжува)