Конески – поет на смачкано племе (1)

(По повод сто години од раѓањето)

„Така рикаше маката во мене дека сум роден во смачкано племе“
– Б. Конески:
„Спомен по многу години“

Како што е Пушкин кај Русите, Данте кај Италијанците, Хердер и Гете кај Германците, Блаже Конески е кaj Македонците. Гении и реформатори на кои понекогаш некои народи чекаат по едно, па и повеќе столетија да се родат и да донесат светлина и просветление (сатори кај будистите) за родот на кој му припаѓаат. Таков е случајот и со Конески, една од неколкуте најсветли личности во турбулентниот XX век за Македонците. Тој заедно уште и со Мисирков и Рацин е светото тројство, ’рбетот на македонскиот идентитет во тоа столетие. Тројцата тие, јунговски речено, беа втемелени во натсвеста, трансценденталниот откровенски кат на психата на родот. Тие укажаа на неговата длабока генеза и креативен дух и гениј.
Конески малку го познавав лично. А можеби и не му приоѓав, премногу фасциниран од неговата личност на светец што тој целосно ја заслужуваше и спонтано рефлектираше. Нешто слично, по аналогија, каква што била ситуацијата и со Блок кон религиозниот филозоф и бард на рускиот симболизам Владимир Соловјов. Сепак, најпосле се сретнав со него мигновено на една негова промоција во „Мисла“ на која тој ја потпишуваше новата стихозбирка. Добив потпис и jac откако се приближив, а тој го крена погледот и ме праша, иако знаеше, дали моето лично име е со в или со ф. Но тоа не беше провокација, или иронија со која се китат обично интелектуалците за да се одделат од преостанатата паства. Посебно таканаречените во мода постмодерни универзитетски интелектуалци. Оти Конески не беше од нивниот сој. Неговиот индивидуализам беше вглобен во колективниот архетип и амалгамизиран со психата на родот, а тоа не е мала разлика. Оттука, имено, драг читателу, мислам дека извираше и неговата меланхолија толку многу карактеристична за него, како што беше таа целиот живот и за Микеланџело, ако треба да се решам за аналогија. Но таа не беше пречка, како што го правеа тоа Рацин и Мисирков, а тука е и Димитрија Чуповски, да ја крене на ента степен својата внатрешна духовна енергија за доброто на родот што го родил. Сите тие заедно со тешкиот Архимедов лост на духот го префрлија преродбенскиот товар на XIX во XX век. Оти преродбата што ја начнаа и водеа Пулески, Прличев, Цепенков, Миладиновци и преостанатите требаше да се дозаврши. Оти Чуповски, Мисирков, Рацин и Конески знаеја дека таа преродбенска енергија, речено со јазикот на физиката, веќе во добар дел спакувана од претходниците во пакети од кванти духовна светлина, треба конечно да се финализира (Рацин за тоа дејствуваше и со пушка) и да се отворат широко културолошките и идентитетски хоризонти на македонското колективно битие.

Тоа, драг читателу. Повеќе од нужна дигресија како вовед во темата Конески – поет на смачкано племе, а по повод сто години од неговото за Македонците откровенско раѓање. А, занесен во дигресијата не ти го дадов мојот одговор на прашањето на поетот со В или Ф во моето лично име. Му реков: професоре јас сум поет (одвај го изговорив снебивајќи се тоа поет) и пловам против струја, против правилата строго утврдени, па наместо граматички исправно според законот на едначење по звучност, сум со ф, Ефтим. Не Евтим. Тој, човек на нијанси, а не на тврда догма совршено ме разбра, кимна потврдно со главата и ја распростре врз усните неговата речиси одвај забележлива тиха насмевка, која мене ме потсети на Рациновите бели мугри што се музички прелудиум за неговата misa solemnis во оноj негов „силно светнат ден“ во „Копачите“. А таква беше и насмевката на Конески, која првин тиха, го осветлуваше со блага светлина облакот на неговата меланхолија, а потоа ќе се појавеше на работ од него светкавицата што ќе го истуреше громот полн со закрепнувачки озон. И таа слика, како што ја опишувам сега, драг читателу, сум ja видел во една синестетичка проекција (во која окото слуша, а увото гледа) еднаш на Струшките вечери на поезијата во Струга, кога во едно тесно друштво и јас седев заедно со поетот на една маса наспроти шанкот во хотелот „Дрим“. Конески пиеше мастика, неговиот омилен алкохолен еликсир. Не се сеќавам точно што беше и како беше, дали некој кажа некој виц, кога тој ја разлеа преку усните тихата насмевка, а потоа таа грмна со таква експлозија на смеа полна со озон, која сите нас дополнително нè разведри и ни даде елан за уште по една чашка. И таа и таква насмевка на Конески што беше откровенска траеше молскавично, можеби не повеќе од секунда, и јас видов како неговиот лик повторно го покри, иако сега едвај забележливо, облакот на меланхолијата.
Ете, така го видов, на кратко, и доживеав јас Конески, драг читателу. Кога би го имал талентот на Стефан Цвајг за биографско портретирање, би можел и да се зафатам за реализирање на еден таков портрет на поетот. Да. Ама за еден таков посеопфатен портрет тој не остави доволен биографски материјал. Колку што ми е познато, тој не водеше дневник. Тоа беше традиција на писателите од XIX и почетокот на XX век, со ретки исклучоци потоа. Толстој и Достоевски не седнуваа на работа над своите романи пред да ги стават на хартија нивните дневнични биографски белешки.

А по нив тоа го правеа Цветаева, Рилке, Пастернак… Да. А не ми е познато дали некој сега/засега ја собрал на едно место и епистоларијата на нашиот поет, која претпоставувам е скржава на интимен план во разоткривање на душата. Сепак ако е тука во дефицит, евентуалниот биограф што ќе повте да ја осветли од биографска гледна точка душата на Конески, доволно автентичен и богат материјал за тоа може да најде, имено, во неговата лирика, која извонредно се вклопува во дефиницијата на Пол Валери дека поезијата на секој еден поет е всушност еден вид „биографија во форма“. Токму така. Се разбира, пак, францускиот симболист тука мисли не на надворешната „туристичка“, туку на внатрешната духовна биографија реализирана во песните на поетот како еден вид автентичен, како што би рекол Мартин Хајдегер, „ракопис на битието“. Друга, пак, работа е што дефинирањето на поимот битие од претсократовците до денес сè уште не е прецизно дефиниран во филозофијата, а чија дефиниција и германскиот филозоф повтел во неговите брилијантни есеи за Хелдерлин, Рилке, Георге и Тракл да ја најде, имено, токму во поезијата. Исто како и нашиот знаменит поет. Тој што добро знаеше дека битието не е само строго лично, туку и колективно Јаство. Јин и Јанг во едно. Битие во кое, да се послужиме со претставата за него на Индусите, се спојуваат Атман (личното) и Брахман (космичкото јаство). Дури и целокупната индуистичка поезија, почнувајќи од ведската поезија на Калидаса, па до Кабир (во средниот век) и Тагоре во модерната поезија е втемелена во таа света синергија на Атман и Брахман.
Нешто слично е и кај нашиот Конески. Со таа разлика што неговото интимно јаство е поклопувачки слично со принципот на индуистичкиот Атман, додека неговиот Брахман (општото врховно јаство) наместо космичка метафизичка димензија, има конкретна архетипална супстанција, која ги сугерира и зрачи родот и љубовта кон него. Така. И тој и таквиот Брахман е супериорно нагласен кај него, не метафизички туку конкретно историски и интимистички, полн со судбинска болка и рани. Малку потаму, драг читателу, ќе го објаснам тоа и ќе ја тргнеме скрамата на леонардовското сфумато од душевниот пејзаж на поетот. Сега нешто појасно за неговата поезија без некое „специјалистичко“ умување и замаглување, како што знаат тоа да го прават литекспертските интелектуално омозгани прокрустовци.

Тоа, за да не го исцедиме сокот и исушиме нејзиното лирско дрво. Да не заличи тоа на онаа јалова смоква што го пречекува со голи гранки Исус во пустината. Затоа, имено, и е потребно првин да ја детектираме арспоетичката поетско-филозофска точка од која расте и се разлистува тоа блажеконевско лирско дрво. Која е Ајнштајновата формула на нејзиниот микро и макрокосмос. Неа јас ја наоѓам, драг читателу, во завршните неколку стиха на песната „Планина“: „Ништо не лекува / само не слекува / до основната болка.“ In medias res. Пoдобра атомизирана поетско-филозофска формулација за неа, се чини, и не може да има. Во неа има нешто сегашно, ововремено, и митско егзистенцијално истовремено. Се осмелувам да речам дека таа како Аладинова ламба со еден потег го осветлува и растајнува религиозниот егзистенцијализам на Киркегард, а потоа и психолошкиот на Јасперс и онтолошкиот на Хајдегер. А тука е, ако сакаме, и егзистенцијализмот на Сартр и Ками за животот сфатен како апсурд наспроти смртта и „мачнотија на постоењето“.
Конески речиси откровенски со така фиксираната сонда се спушта длабоко и до самата генеза на човековата болка, иако на прв поглед имплицитно. Се спушта до почетокот на создавањето и крикот „Боли!“ на глината од која Бог го создаде Адам, а потоа од неговото ребро ја извади и Ева не помалку болно. Плус потоа болката посебно се зголемува по исфрлањето на нашите прародители од Рајот, безмилосно фрлени во постоење во кое човекот, сега како човек-човештво (Шлаермахер) во ликот на нашиот поет, кој ја спознава со својот личен судбински опит дека „ништо не лекува / само нè слекува / до основната болка“. Таа болка како основна супстанција на битието Конески ja спознава и во светлото на човековата осаменост и јанѕа што се нејзин составен дел. Тоа, ако сме доволно проникливи како читатели, можеме да го видиме и во некои шифрирани алтер ега на поетот, како што е тоа, на пример, во песната „Елен самак“, во која гледаме како „мизерни мршојадци му одат по трагите“ и „напрегнато го демнат“ осамениот елен „сè дури не го свитка тој не за сон, а за смрт / своето десно колено“. Слична е ситуацијата и со „волкот на љубовта“ во песната „Волк“, постојано преследуван и гонет од пците и загарите што гребат со нокти по мразот осветлен од месечината“, додека се слуша гласот на ловџиите „Ујда-да-да, по него држте го бре“ и додека завивањето на волкот значи „пак ќе наминам“. Така, за на крајот од песната поетот да резимира со сликата на својот внатрешен психолошки и онтолошки пејзаж на егзистенцијалната јанѕа, осаменост и страв: „Тоа е еден опис на обична ноќ / во смрзнатата шума на моето срце“.

Да. И кога одбира за лирски мотиви животни Конески, како што се тоа „еленот самак“ или „волкот на љубовта“ не станува збор за таканаречената, како што би рекле антрополозите, мистична партиципација во нив, карактеристична за архаичните магиски култури. Не. Нашиот поет само преку нив индиректно, шифрирано ја дава сликата на сопствената онтолошка и егзистенцијална ситуација. Да се потсетиме во таа смисла и на Пастернаковиот стих „Како ѕвер ме гонат“ од една негова песна. Тоа се буквално песни-шифри полни со контекстуални асоцијации, аналогии и содржина.
Конески не е од оние поети што веднаш дебитираат моќно. Поети што не го манифестираат силно својот гениј со првата книга, туку постапно, слично на растот на дрвото, кое полека но сигурно се крева, разлистува и цвета со целиот свој интензитет. На тој тип поети како Блаже, да дадеме споредбен пример, им припаѓа на пример и Рилке, кој дури по неколку почетни бледи книги се извишува во моќен раст. Таков е случајот и со Конески. Тој по првите две стихозбирки („Земјата и љубовта“ 1948 и „Песни“ 1953), дури со третата „Везилка“ (1955) го објавува во полк расцут својот поетски талент. Книга со збит и раскошен лиризам, која моќно ja осветлува интимистичката фаза во современата македонска поезија од средината на педесеттите години на минатиот век. Во нејзиното средиште е лирски моќното поетово Јас чисто како кристал, цврсто, јасно, поставено на длабока психолошка и онтолошка основа. Дека, пак, поетот го нашол својот супериорен имагинациски клуч посведочува и следната негова стихозбирка на брилијантни песни во проза „Записи“, објавена цели две децении по „Везилка“ 1972, кога тој за неа јa добива и престижната Хердерова награда за книжевност. Тоа е книга со херметичка структура и шифриран, близок до поетиката на симболизмот, поетски израз. Јас ја имам читано барем десетина пати, а трижпати повеќе некои песни во неа, како што се тоа „Беласица“, „Јоргован“, „Струмиче“. „Записи“, според мене, е поетскиот врв на поезијата на Конески.

И тоа не затоа што таа се појавува две децении по „Везилка“, па можеме наивно да наседнеме на резонот дека станува збор на долго зреење и искачување до врвот, кој веќе е и освоен пред тоа. Не. Тој огромен за еден таков тип спонтан и расен лиричар дводецениски хијатус се должи, пред сè, на реформаторските преродбенски потфати за кои беше назначен ол Самиот Создател, и кои Конески, продолжувајќи ја преродбенската линија на XIX век сега по Мисирков, Чуповски и Рацин, требаше неодложно да ги реализира за неговиот народ рамноправно да учествува во „културниот натпревар на народите“ (Гоце). Тука беше основањето на МАНУ, Институтот за литература, Филолошкиот факултет, граматиката, речникот и историјата на македонскиот јазик. Да. А тоа, драг читателу, можеше да го изнесе на плеќи, како Атлас што го потпирал небото за да не се урне врз земјата, само тој. Само Конески. Колку што ми е познато мене, и покрај толку силни плејади академици, притоа и многу осамен (елен самак), само и само Конески. Блаже Конески. И тоа е непобитен факт.

(продолжува)