Компромис или компромитација – зависи од преводот

Подолго време често го среќаваме зборот компромис. Компромис во бракот, компромис на работното место, компромис во политиката, компромис со децата. Кога на Гугл ќе го внесете терминот компромис во полето за пребарување ќе добиете резултати од Дигиталниот речник на македонски јазик, сајтови на медиуми со теми за политика, сајтови на претежно женски магазини за љубов и врски и форуми на кои се дебатира на темата компромис за… Неодамна при размислување на одредена тема дојдов до заклучок дека јазикот што го говори еден народ може сосема да ја смени перцепцијата за одреден феномен. Мојата теза во еден разговор беше дека терминот компромис е поврзан со терминот компромитиран. Моето уверување го темелев на англиското Preview (opens in a new window) значење на терминот compromise. Имено во англискиот јазик поимот компромис (compromise) има широко значење и се употребува и како именка и како глагол.

Компромисот, според Речникот на Кембриџ е дефиниран како спогодба меѓу страни со различни позиции, со која луѓето ги намалуваат своите барања или го менуваат своето мислење за да се спогодат. Ова е дефиницијата за именката компромис. Во англискиот јазик зборот компромис, во истата форма претставува и глагол. За глаголската форма, Речникот на Кембриџ познава три диференцијации: 1 – компромис како спогодување, со прифаќање и намалување на своите барања или менување на своето мислење за да се спогодиш со некого; 2 – компромис како намалување на стандардите, прифаќање со попуштање на сопствените цврсти принципи или намалување на сопствените стандарди или морал; 3 – компромис како штета, ризикување со последица штетен ефект кон нешто.

Во македонскиот јазик компромис е именка од машки род. Со компромис се означува постигнувањето спогодба меѓу две или повеќе страни, постигната со заемни отстапки. Од именката се изведува и придавка, која се употребува за нешто што е постигнато со компромис: компромисен договор, компромисно решение. Постои и именка од женски род, која според англискиот превод е синоним на компромис (compromise), но според македонскиот јазик е негова варијација, односно има значење во негативен контекст во однос на некоја спогодба или релација. Компромитација се дефинира како уривање на угледот на некого, предизвикување неповолно мислење, односно состојба на тој што е компромитиран. И оттука зборот компромитација се доведува во врска со глаголот компромитира, кој се дефинира како направи, прави да се изгуби доверба во некого, да се создаде неповолно мислење. Второто значење на глаголот компромитира, во формат „се компромитира“ означува изгуби, губи углед, реноме, се срамоти, се осрамотува. И компромитира на англиски се преведува како compromise.

Се обидов да најдам фреквенција на употреба на зборовите компромис, компромитира, компромитирање и компромитација. За жал, ваква алатка за слободна употреба не најдов. При недостиг од можност за анализа на фреквенцијата на зборови употребувани во македонскиот јазик, продолжив со квалитативно истражување на разликите во нашето поимање на зборовите компромис и компромитирање. На македонски јазик не постојат доволно квалитетни ниту присутни анализи на темата, па неопходно е да се истражува на англиски јазик. Како обид на дистинкција на термините компромис од компромитација во пребарувањето го вклучив терминот етика. Во прилог ќе искористам неколку наводи од трудот „Етика на компромисот“, од Кери Менкел-Медоу, дел од Глобалната енциклопедија на јавна администрација, јавни политики и владеење. Авторката ги наведува поимите што се синоними на „етика на компромисот“: резолуција на спор, етичко носење одлуки, правда, хуманизам, легислатива, морални принципи, преговори, политичко носење одлуки, прагматизам, одговорност.

Таа почнува со прашањето: „Зошто компромисот во правото, политиката и филозофијата има толку лошо име, кога во семејниот и љубовниот контекст нам ни е кажано дека компромисот е толку посакувана работа? Заклучува дека компромисот е концепт со различни и често конфликтни дефиниции и вредносни атрибути во различни околности. Ги цитира мислите на Бенџамин (1990) и на Лубан (1985) дека во филозофијата и во политиката, компромисот се толкува како „откажување“ од чистиот принцип и доследност кон правото и вистината, демонстрирајќи немоќ или недостиг од интегритет. Етиката во компромисот ја поставува границата помеѓу предиспозициите кога е добро (правично, фер, правилно) да се направи компромис од она кога е „погрешно“. Таа наведува дека неетичниот аспект на компромисот е што човекот правејќи компромис се одрекува од сопствените принципи, она во што самиот верува, а овие вредности впрочем го конституираат она што го дефинира како личност.

Од друга страна, Медоу го консултира Бурк (1775) дека човековата интеракција е производ на компромиси, резонирајќи на прагматично ниво дека не би имале семејни односи, легислативи, владини политики, економски односи и меѓународни конвенции ако не постои процес на разменет и балансиран сооднос, кога страните меѓусебно си прават отстапки во име на позначајните придобивки. Компромисот се смета и како етички неопходен, како човекова вредност на емпатија или признание на другиот, и на процесуално ниво (слушање, констатирање) и на субстантивно ниво (кога правиме нешто за другиот, што тој силно го посакува или му е потребно). Во коренот на компромисот е етиката на реципроцитет и сочувство за другиот. Во однос на хуманистичката верификација на компромисот, авторката на анализата ги наведува размислувањата на неколку теоретичари – моралисти, политиколози, и специјалисти за преговори, дека најмоќната оправданост на компромисот е потврдата на „другиот“ како ентитет, човечка личност, која има свои права што треба да бидат пресретнати, прифатени, и од кои може да се научи нешто со кое би можеле да ги модифицираме нашите принципи.

Се наметнува заклучокот дека границата меѓу компромисот и компромитацијата може да биде тенка кога се нарушени постулатите заради кои се влегува во компромис. Доколку отстапките од принципите и етичноста ги доведуваат во прашање вредностите од позначајниот спектар на темелните атрибути, тој може да се претвори во својата спротивност

(Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ)