ДАВЧЕ НАСЕВСКИ

Ја пуштам оваа колумна во немирната струја на сечко. Не знам дали патиштата (ќе) ни се пресечат во посветла иднина или струите ќе нè здробат на некој гребен. Гледам во едното око на Џинот и помислувам дека правдата е слепа на двете. Се плашам дека џинот во шишето, иако исполни и повеќе од три желби, нема да биде слободен, дури самиот не се ослободи, а пред сè од привидот

По јануарските случувања, што и да читам (а да не ги допира непосредните општествени случувања), бележам еднакво неразделни и тревожни асоцијации со општественото. Како сè да е натопено со четките на експресионизмот, каде што највидливо е насликано невидливото, со нагласени движења на четката. Ќе споменам само два-три примери.

Прво. Го читам првиот роман на бугарскиот писател Георги Господинов. Второто поглавје почнува со случка од деведесеттите години во Бугарија, која го пресликува мизерувањето на луѓето во државата во периодот, состојба што се помни и од оваа страна на границата, особено по сцените на граничните премини. Во случката – случка (измислена, возможна, веројатна): се случува грабеж, а домаќинката без отпор дозволува да ѝ биде одземено сè, освен телевизорот. За да го задржи, таа е решена на сè. Спогодбата е склучена: и се одзема сè, освен телевизорот, а таа е обесчестена залепена за него. Поглавјето започнува со пролог: апокалипсата е возможна и во една одделно избрана земја. Второ. Го читам текстот што е меѓу последните од Блаже Конески дадени за објавување во далечната 1993 година, насловен според првото книжевно дело на велешкиот преродбеник и учител Јордан Хаџи Константинов-Џинот, „Таблица перваја“. Во третиот дел на овој прозен текст, Конески соопштува: „Во два следа се врти и историјата: по периодот на цицање крв со памук следи период на пуштање крв со нож“.

Трето. Песна на рускиот поет Вјачеслав Купријанов: „Страотно влечеме кон туѓото/Тежок страв да бидеш со блиското…“ Тука не застанува „часот по пеење“, ниту списокот на тревожни асоцијации, но и тие се премногу за „плеќите“ на оваа колумна.
Како во раце да држам пораки од шишиња, фрлени во водите на транзицијата пред две декади (и нешто згора), а исфрлени на брегот на денешницата, како предупреда.

Се верува дека пораката во шише потекнува уште пред новата ера, кога грчкиот филозоф Теофраст го тестирал течението на морските струи, фрлајќи пораки затворени во шише. По делата на По и Дикенс, практиката на фрлање порака во шише се популаризира, па и денес ја задржала симболиката на авантуристичка комуникација со непредвидлива одисеја и непознат примател. Но не секогаш нивното патување било од авантуристички мотиви. Многубројни се примерите што сведочат за тревожните околности во кои се испраќани вакви пораки, како онаа од еден патник од Титаник или од војник од Првата светска војна, како последни обиди за збогување, а кои го завршуваат своето патување по речиси цел век.

Но што е колумната како запис, ако не своевидна порака во шише „фрлена“ во струјата на новите текови? Со нејасна одисеја и непознати приматели, и со кратко време на (физичко) патување, следејќи ја судбината на дневниот весник, кој веќе наредниот ден заминува на големото ѓубриште на историјата? Останува само надежта на испраќачот дека дел од пораката ќе струи и натаму во својот читател. Нејсе, примерите ми вестат тревожни (не)возможности, под површината на новите струења.

Прво. Демонстриравме подготвеност како народ да бидеме ограбени, да се спогодиме по секоја цена, да се обесчестиме како држава, само да го задржиме погледот на големиот рамен екран, слободен од сопствените нерамнини. Без голем отпор се испазаривме – чест за пазарен привид, за животот што нè одминува, убедени дека тој (животот) е на некое друго место. Се чини сè поверојатно дека и навистина е така, но поради чинот на обесчестување, а не како негов изговор. По сè, веројатно ќе останеме вгледани само во еден долг серијал на откажувања, додека во убавите филмови не се влегува гледајќи ги. И „Однесено со виорот“ одамна не е филм, туку „стриминг“ во живо.

Овој феномен може да се именува и како „привид на зелената амбалажа“. Кога пивото затворено во зелено шише би можело да се изјасни, ќе рече дека светот надвор е сиот зелен, додека за сите други, она во шишето е пиво како и секое друго. Свеста за привидот ја поништува моќта на привидот, а привидот понекогаш е единствениот ѕид што го држи човек затворен, како џин во шише, што ме води до второто.

Јордан Х.Константинов-Џинот, прекарот не го добил поради својата појавност, напротив, самиот бил со среден раст и слаб, но духовно силен, просветителски џин. Неговиот животен пат е како упатство за тоа како се станува голем. Како борец за воведување на народниот јазик во училиштата, учителствувал и книжевно творел, но неговите просветителски активности не поминале незабележливо, особено не од грчките владици, поради што бил затворан и осуден на 101 година и ослепен на едното око, но со другото гледал отаде „рамниот екран“, во нерамното што мора да се „изора“ со сопствени сили.

Првото негово книжевно дело е еден практичен училиштен текст „Таблица перваја“. По модел на неговата форма ќе настане и истоимената проза (мошне необична) на Конески, уште еден „џин“ од „малата“ земја. Првично игриво потпишана со името на Џинот, стигнува како порака во шише по речиси еден и пол век. Но такви се духовните патувања на пораките што си ги праќаат „џиновите“. Нив не ги покиснува струјата на времето, отпорни се на потопи, а испливуваат во плитките води како евангелија, суви, а благородни, каков што бил и растот на Јордан Џинот.

Во својата пиеса „Минерва и девет музи“ , преку улогата на Остримеч, Џинот ќе констатира дека граѓаните не „седат“ да учат, а малку, колку да пишуваат наопаку ќе принаучат, а потоа ќе се вообразат… Џинот остро го воочил слепилото и поделеноста на народот, што нè води до третото – песната на Купријанов, уште една порака во шише, што нè „затекнува“ на брегот ова февруарско утро.

Истрајни единствено во поделбите и неединството, а во одговор на реакциите на претстојните претседателски избори, навестуваме „способност“ да ја поделиме и божјата честичка откриена од научниците од ЦЕРН, откако ја докажавме способноста на џинот во шишето – да исполнуваме фантастични желби: Македонија гради блискост, се именува по желба и зборува неразбирливо, свртена кон екранот на иднината, во задушна и затемнета стаја што треба да потсетува на дом. Шишето со спогодбата што ни падна врз главите на бреговите од Преспа како она празно шише од „кока-кола“ во култната комедија „Боговите паднаа на теме“, а што како и во филмот беше дочекано како дар од боговите, веќе ја навестува својата улога на раздор.

Кога во 1915 година потонува трансатлантскиот брод „Лузитанија“, погоден од торпедо на германска подморница, еден од патниците успева во последен миг да фрли една порака со шише во морето: „Уште сме на палубата неколкумина. Последните чамци заминаа. Брзо тонеме… Крајот е близу. Можеби оваа порака…“ Пораката е незавршена.

Ја пуштам оваа колумна во немирната струја на сечко. Не знам дали патиштата (ќе) ни се пресечат во посветла иднина или струите ќе нè здробат на некој гребен. Гледам во едното око на Џинот и помислувам дека правдата е слепа на двете. Се плашам дека џинот во шишето, иако исполни и повеќе од три желби, нема да биде слободен, дури самиот не се ослободи, а пред сè од привидот. Не знам ни дали и каде оваа „колумна во шише“ ќе стигне, но за секој случај допишувам: денес е четврти, сечко. Прозниот текст под број 4 на „Таблица перваја“ од Блаже Конески завршува со зборовите: „Мит е дека богатиот, цивилизираниот Запад е создаден само со труд“.
Уште сме на палубата. Брзо тонеме. Можеби оваа колумна…

Авторот е магистер по мир и развој и поет