Колумна во која повремено се споменува и Марс

На крајот, и ние белите, и тие црните, ќе го береме памукот за идните администратори, од кој ќе си прават свилени ракавици за мерење двојни аршини и шамичиња за бришење солзи и секнење мрсули од преголема тага, зашто низ Африка беснее страшен вирус наречен глад, кој годишно зема неколку милиони животи, и, кај и да е, ќе почнеме со имунизација на населението, само уште малку да поклечиме пред администрацијата и нејзината грандиозна хуманост, која во моментов е зафатена со грижата за човековите права на Марс

Три работи ќе споменам, оти Нордистан е здодевна приказна. Јавноста се возбуди околу предизборниот спот на бугарското ВМРО БНД, каде што оној Џамбаски нешто се заканува и присвојува. Демек, Бугарија има територијални претензии. Па рипнаа сите да фрлаат дрва и камења по Бугарите. Море, и протестни ноти имаше. Не бе, драги мои, во погрешна цел пукате. Спотот што го гледавте е надворешна политика на Европската Унија.
Во Нордистан стигнаа вакцини. Прва пратка што ЕУ се сети да ја испрати, оти граѓаните на моќната НАТО-членка масовно се вакцинираат во Србија. И, види чудо! Пред камери се истопори цел западен дипломатски кор, на чело со американската амбасадорка. Чиниш само што се вратила експедицијата на Нордистан од првата човечка мисија на Марс. Нормален човек се прашува, трчаше ли американскиот амбасадор следен од своите евродипломатски пудлици да се топори пред камера кога, што знам, во Србија, на пример, стигнаа вакцини. А стигнаа кинески, руски, американски, британски. ЕУ нема произведено свои, оти сите капацитети ѝ се насочени за производство на проблеми. Секако дека никој не се топореше пред камери во Србија. Не се сите дипломати испратени да се глупираат. Некои од нив ги праќаат да бидат и амбасадори. Тука кај нас е поинаку. Топорењето е порака за народот. Господарот преку своите сатрапи ги поддржува октроираните вазали. Тоа е големата слика.

Трето, најсмешно и последно. Нордистан нема вакцини. Ама е членка на НАТО и со тоа се фали како да остварила дипломатски односи со Марсовци на онаа мисијата од претходните пасуси. Како членка на тоа НАТО, Нордистан сенешто се расфрла со санкции против Русија. Што нè враќа на почетокот, каде што беше споменато дека членкава на воена алијанса нема вакцини и не е способна да ги набави. И што се случува? Па, како сериозна воена сила, Нордистан купува тенкови од Соединетите Американски Држави, а Русија доаѓа и носи вакцини. Геополитика, а? Понатаму заклучоци извлечете сами. Ако ви е премногу бесмислено, слободно пријавете се како доброволци за втората нордистанска мисија низ марсовските приказни. Толку за Нордистан.
Надвор од него, Србија држи лекции по солидарност. Така ти е тоа кога НАТО малку ќе те бомбардира со осиромашен ураниум и ќе ти убие пар илјади цивили. Веднаш стануваш организиран и солидарен, па на оние што те бомбардираа или барем дадоа дел од небото за да ти се уништува инфраструктура и популација, сега си им главна дестинација за лечење. Таква е иронијата на битисувањето и добро е што Србија не се однесува како злопамтило, туку обратно, на зло враќа со добро, оти така се рззголува лицемерството на оние што продаваат цивилизација, иако е очигледно дека робата им е фалшива. Добро сега, за да не биде сликата сосема убава се погрижи самата Србија, апсејќи доктори што креваат глас против истите тие вакцини, а тоа е типично балкански, малку помагаш на странци, малку се глупираш дома. Толку и за Србија.

Ми останаа уште продавачиве на цивилизација и демократски вредности, кои историјата ги запиша како обични трговци што почнаа со извоз на ќебиња полни сипаници, па го проширија бизнисот со африканска популација на плантажи и во зоолошки градини, за конечно во 20 век да произведат врвни администратори што низ светот промовираа стартап-проекти за ефикасно прочистување од Евреи, Словени, Роми и други човечки брендови. Оваа администрација им даваше франшизи и грантови на помали држави, па и тие здружно се фатија за работа.
Вредностите на таа администрација денес се цврсто забетонирани во темелите на новиот административен поредок, секако модернизирани и надградени во нешто што се нарекува нова нормалност, која најцивилизациски им се вшприцува преку услови, вета и закани на оние што сакаат да станат дел од успешната приказна.
При модернизирањето се направени неколку исклучителни промени, па, така, она што во средината на 20 век беше познато како администрирање на човечки животи, денес е проширено врз идентитетите на цели народи. Интересно е што има и такви што ја користеле франшизата на оваа администрација, ама бидејќи се многу скромни, не сакаат да се фалат, па одрекуваат дека и тие биле дел од
приказната. А бидејќи скромноста е врвна човечка вредност имаат силна поддршка од своите шефови. Гледате како сето ова звучи убаво кога се користи новоговорот на политичката коректност и добрососедските односи меѓу апсурдот и гротеската.
Вака духовно и умствено прочистен од љубов, разум и животна енергија, седнувам да гледам светско првенство во уметничко лизгање и рамнодушно констатирам дека на оние најдобрите што некогаш се нарекуваа Русија, во новиот административен поредок им е забрането да ги користат своето име, знаме и химна, па си мислиш дека се претставници на марсовската лизгачка федерација од претходните пасуси. Мене ми е ова нормално, зашто и самиот припаѓам на нешто што не постои, ама е измислено и затоа треба да се забрани. Така ми објаснуваат новите администратори од административната унија на западната ексепшенал раса, кои, патем, одлучија да ја забранат историјата каде што се споменува нивната поврзаност со ќебиња, сипаници, плантажи, зоолошки градини и концлогори.

По завршувањето на лизгачките натпревари, се префрлам на фудбалски квалификации. Уживам да гледам како фудбалерите клечат на колена. Ова коленичење е поврзано со вредностите на гореспоменатите администратори, од времето на плантажи и зоолошки градини. Оние што некогаш ги администрираа тие плантажи и зоолошки градини се толку хумани, широкогради и отворени кон други што сакаат сите да нè внесат во нивната приказна, па ни објаснуваат дека клечејќи симболично покажуваме како и ние имаме одговорност за нивното администрирање, иако немаме врска со тоа. Ама прифаќаме, па клечиме пред фактот дека црните животи се битни за понатамошно нивно искористување во модерните плантажи и зоолошки градини, денес познати како политичка коректност на новата нормалност. На крајот, и ние белите, и тие црните, ќе го береме памукот за идните администратори, од кој ќе си прават свилени ракавици за мерење двојни аршини и шамичиња за бришење солзи и секнење мрсули од преголема тага, зашто низ Африка беснее страшен вирус наречен глад, кој годишно зема неколку милиони животи, и, кај и да е, ќе почнеме со имунизација на населението, само уште малку да поклечиме пред администрацијата и нејзината грандиозна хуманост, која во моментов е зафатена со грижата за човековите права на Марс.