Колумна во која пишувам како не ми се пишува колумна

Прочитав што сум напишал досега. Ништо особено. Вниманието за миг ми го одзеде она дека Стево му подари дрес на папата. На социјалните мрежи се смеат за гестот. Не смејте се! Можеше да му подари дел од историјата. Тоа е древен нордистански ритуал. Погребен ритуал наречен раздавање. На погребот на идентитетот раздаваш национални интереси

Четврток наутро. Не ми се пишува. Зборовите одбиваат послушност. Мислите спакувале куфери. Сакаат да фатат пат во непознат правец. Очите бегаат од монитор. Зјапањето низ прозор им се гледа како поинтересна авантура. Има такви денови. Особено ако секоја недела, дванаесет години, вадиш колумна за читателите.
Четврток наутро. Не ми се пишува. Вчера Унај Емери по четврти пат ја освои Лига Европа. Трипати со Севилја, сега со Вилјареал. Штета што Аргентина не учествува во Лига Европа, и со неа ќе ја освоеше. Нема тренер со ваков просек. Од пет финалиња, четири титули. А за две недели почнува Европското првенство. Она ланското што не се одржа. Едвај чекам да почне. Тогаш уште помалку ќе ми се пишува. Ќе дремам пред телевизор како Џамбаски на твитер-профил на руска амбасада. Одозгора на тоа, ова ќе биде специфично првенство. Учествува и Македонија. Таков дух владее во репрезентацијата… македонски. Последните атоми на македонизмот пред да го задуши новата нормалност на нордистанскиот неофашизам.
Четврток наутро полека преоѓа во четврток претпладне, а мене уште не ми се пишува. Понекогаш тоа е сосема нормално, да не знаеш што да пишуваш. Особено ако безумноста има главен збор. Во такви случаи креативноста има два избора. Или да спакува зборови, па да здувне во друга димензија или да се соочи со фактот дека наскоро ќе биде ликвидирана. Безумноста се плаши од креативност. Оти сама по себе е деструктивна. Така било во фашизмот, во нацизмот, во комунизмот. Така е во неолибералнава лудница на Нордистан каде што се обединуваат наброените форми на безумност од претходните реченици.

Четврток претпладне. Не ми се пишува. Пијам кафиња. Пушам цигари. Мијам садови. Преместувам предмети од едно место на друго. Потоа ги враќам онаму каде што биле. Патем, наоѓам стихови на полиците што потфатиле прашина. Откривам заборавени воздишки, солзи и насмевки од пијани прегратки. Фрлам поглед низ прозорецот, долу населбата си ги тера своите приказни. Само зборови за колумнава не наоѓам низ собата. Ми се случувало да немам инспирација. А и да ја имам, сеедно. Честопати, она околу мене, ми ја убива инспирацијата. Белорусија присилно спушти патнички авион за да уапси млад опозициски новинар. Не ми се допадна информацијата. Не верувам дека типчето е до толку опасно по државата. Сеедно што копиљот е член на неонацистички групи во Белорусија и во Украина. Не ја разбирам потребата на некои држави дополнително да си ги качуваат на глава западниве лицемери. А Западот нормално списка. Друго и не очекував. Ама има мал проблем. Сеедно што модерниот човек, роб на новата нормалност, има паметење пократко од Дори, другарката на Немо. Во 2013 година авионот во кој се возеше Ево Моралес присилно беше спуштен во Виена. Демек во него се криел Едвард Сноуден. Ама па властите го малтретираа Моралес. Може го криел Сноуден по џебови. Е тогаш никој не списка за присилното слетување на авионот. Лицемерството на Западот е неподносливо. Ама и здодевно за пишување. Илјадапати досега сум навел факти. Асанж не знам колку пати сум го споменал. Молкот за него е толку гласен што не се издржува.
Четврток претпладне на половина час од пладне. Мене сè уште не ми се пишува. Во меѓувреме напишав песна. Додадов уште една страна во новиот роман,„Милан – Ливерпул 3:3“. Поминав десет страници од веќе напишаниот роман. Му правам задна проверка. И кога гледам… види чудо(!)… сум напишал половина колумна. Колумна во која пишувам како не ми се пишува колумна.

Четврток пладне. Размислувам да запрам со непишувањево. Секогаш ја предавам колумната во петок до единаесет часот претпладне. Може до утре ќе се случи нешто интересно за коментирање.
Не, нема да се случи. Нема ништо интересно да се случи. Гледај бре што се случува! Може ли да се каже дека тоа е интересно? Илир Мета се „тепа“ со Вашингтон. Каракачанов се „тепа“ со Путин. Милановиќ го жали Нордистан. Пендаровски и Радев без Марика летаат со авион. Стево му даде дрес на папата. Па си прави цепки со него околу неучествувањето на Аргентина на Европско. Добро е што не беше и Зоќи. Ќе го искараше папата затоа што Аргентина слабо гласала за Гарванлиев на „Евровизија“. Тоа се тие Аргентинчиња и Македончиња. Ебате Балканот забеган!
Четврток попладне. Не ми се пишува. Одлучувам да ја оставам колумнава за некои подобри времиња. Како…
…четврток вечер. Небото се мачи да заврне. Јас се мачам нешто интересно да извадам од себе. Не ми оди. Ќе се вратам на читањето Платонов… не, Платон… Андреј Платонов… руска пропаганда.
Петок, рано наутро. Кафе, цигари. И пак не ми се пишува. Тоа е, немате среќа оваа недела. Прочитав што сум напишал досега. Ништо особено. Вниманието за миг ми го одзеде она дека Стево му подари дрес на папата. На социјалните мрежи се смеат за гестот. Не смејте се! Можеше да му подари дел од историјата. Тоа е древен нордистански ритуал. Погребен ритуал наречен раздавање. На погребот на идентитетот раздаваш национални интереси.

Посетата кај папата е поврзана со 24 мај. Денот на сесловенските просветители. А Кирил и Методиј родени во Солун. Како што Гоце Делчев е роден во Кукуш. Градови во денешна Грција. Во некои времиња без новата нормалност околу нас, тоа се нарекуваше Егејска Македонија. Нордистан и Грција потпишаа договор во Преспа со кој нордистанците се откажаа од историјата и малцинството во тој регион. И уште потпишаа дека Грците се Македонци, а нордистанците граѓани на Северна Македонија. Па зошто тогаш Нордистан преговара преку комисии со Бугарија за Кирил и Методиј и за Гоце Делчев? Нека си направат Грците и Бугарите комисија и нека се договорат дали гореспоменативе се Бугари или Македонци. Оти ако светите браќа и даскалот се Македонци, а се знае дека Македонците се Грци, како можат да бидат Бугари? Тогаш што се плетка Нордистан кај што не му е место? Си има он своја историја и нација. Темелите на нордистанската нација со која почна и нејзината историја се удрија на шарената револуција преку идентитетски геноцид на македонизмот. А нам, на кои ни забранија да бидеме Македонци, ама никогаш нема да станеме нордистанци зашто ни се гади од нивната нова нормалност и ни се прди за Европа како што на Европа ѝ се прди за Нордистан, но и немаме капацитети на интелектуална бижутерија, ни останува само да бидеме сведоци на безумноста преку која по пат на генетски инженеринг и лоботомија се создаде првата зомби-нација.
Петок наутро. Не ми се пишува. Ама гледам колумната е напишана. Ете, кај мене и отсуството на желба за пишување раѓа креативно лудило, кое бара немањето инспирација да го ставам меѓу редови.