Кога правото ќе стивне во (квази)вонредна состојба

Кога врвен професор по уставно право ќе оцени дека предлозите на Комисијата за заразни болести се оправдани, без оглед какви се, односно дека во услови на пандемија примарно е јавното здравје а не Уставот, тоа е сериозна порака. Што е Уставот во однос на пандемија? – гласеше неговото реторичко прашање. Ако тргнам назад да ги барам постарите изјави во врска со Преспанскиот договор, лесно ќе најдам слични коментари во стилот (парафразирам) „Што е Уставот во однос на нашата евроатлантска иднина?“, „Што е Уставот во однос на мирот?“ итн. Очигледно, Уставот е одамна прогласен за „умрено“ (што би рекол еден бивш реис). Тој е едно големо НИШТО (освен како тема за учебници напишани на стотици страници)! Уставот стана беден смоквин лист (а есен е, и лисјата паѓаат), со кој најчесто се кријат голотијата и срамот на празната државна школка, во која нема ни институции, ни јавно добро, ни правила на кои почива заедницата. Остарев, а сè уште се прашувам зошто воопшто сум студирала право. Зошто сум ги земала сериозно учебниците и предавањата во кои се тврдело дека без устав нема право, без политика во граници на правото нема демократија (и сето тоа во еден стар режим, божем никаков и идеологизиран). Токму тие што ме учеле си вршат „самоубиство“ (симболичко, се разбира) на јавна сцена. Стануваат како Тито кога им порачуваше на судиите да не се држат за правото како пијан за плот.

Личноста на професорот не би била воопшто битна да не бевме држава во која конституционалисти, и генерално врвни професори по право, се бројат на прсти. Видете само колкумина се присутни секогаш кога треба нешто да ѝ се соопшти на јавноста и да се оправдаат политичките потези на власта. Невладеењето на правото лесно се персонифицира низ лесно дадени изјави за медиуми со кои се легитимира владејачката волја. Ова не е нов феномен, се разбира: инструменталната и поданичка улога на интелектуалците и учените во однос на центрите на моќ постоела отсекогаш, особено во авторитарните општества. А Македонија денес е општество што, под влијание на различни фактори, транзитира од авторитаризам (демократура) во карикатурален тоталитаризам. Ако треба да издвојам два фактора, едниот се однесува на геополитичкото виткање на рацете (заедно со вратот и ’рбетот), а вториот е поврзан со пандемијата. Интересно е што кетманите се инструментализирани како „корисни идиоти“ во двете констелации (можеби затоа што „немеТ лујѓе“, што би рекле охриѓани). Кога велам „идиоти“, на ум го имам старогрчкиот назив за слободните граѓани што не сакале да се занимаваат со политика (идиотес). Така, инсистирајќи на некакви „повисоки цели“ и „натпартиски интереси“, корисните идиоти се апстрахираат од односите на моќ, верувајќи им на сопствените лаги дека се само непартиски, неполитички и непристрасни арбитри за она што е најдобро за општеството и дека не учествуваат во политиката. Уставот е браната за арбитрарната моќ, а особено за нејзиното продирање во сферата на човековиот живот, права и слободи.

Таа човекова сфера не е апсолутна, и државата секогаш има можности да ја ограничи, но само со добри причини и за ограничен (правно детерминиран) временски период. Откако веќе искусивме што е вонредна состојба (и како таа може да се злоупотреби за сосема други цели од страна на носителите на власта, а притоа едвај некој и да укаже на тоа), сега се соочуваме со квазивонредна состојба, која нема ни потреба да се прогласува во Собранието кога ја менаџира една чудна комисија. Тоа што токму Уставот дефинира воена и вонредна состојба значи дека во такви околности е исклучително важно правото да зборува, па и да вика, а не да молчи. Впрочем, дури и нашиот занемен Уставен суд се осмели да оспори дискриминација по однос на возраст. Човековите права не можат да се жртвуваат во име на „повисоки вредности“ и каузи (мир, стабилност, здравствена состојба, што и да е), а ако и се ограничуваат, тоа треба да биде ограничено, одмерено и пропорционално, во границите на правото. Шкариќ веројатно реферираше на Цицерон (законите молчат кога оружјето/војната зборува), но ги заборавил зборовите на лордот Аткин од пред 80 години: „Во оваа земја, среде оружен судир, законите не молчат. Тие може да се изменат, но тие го зборуваат истиот јазик и во војна и во мир. Тоа отсекогаш бил еден од столбовите на слободата, еден од принципите за кои се бориме, така што судиите стојат меѓу субјектот и секој обид за пречекорување на слободата од страна на егзекутивата, будни да проценат дека секоја принудна акција е оправдана со правото.“
Овие дилеми, секако, не се типични само за нас. Како што вели Пуховски, ваквите кризи се особено погодни за авторитарните апетити на СЕКОЈА власт.

Здравјето на луѓето (некои би рекле, нацијата) се секуритизира (се изедначува со војна), излегувајќи надвор од границите на нормалната политика и нејзините (правни) мерки. Така сѐ се внесува во безбедносната сфера, каде што секојдневните правила престануваат да важат, а носителите на моќта добиваат вонредни овластувања, без никаква контрола. Степенот до кој е секуритизиран ковид-19, особено спореден со другите егзистенцијални закани (смртност поради глад, други излечиви болести, недостиг од вода за пиење, загрозеноста на животот на планетата и сл.), зборува за доминација на биополитиката (во Фукоова смисла на зборот), односно за такво сфаќање дека централната грижа на секоја политика е животот како таков. Ова е еден од оние историски мигови во кои речиси сè во политиката се чини или оправдува како акт во име на животот. Иако навидум доблесна, ваквата филозофија на управувањето со општеството/општествата може да стане проблематична, затоа што во име на животот на една популација се вршат злосторства врз други (највулгарен пример за уредувањето и контролата врз животот на населението во целина е нацизмот). Според Фуко, биополитиката е своевидна политика без политика, т.е. животот се деполитизира оставајќи ја на виделина само неговата биолошка суштина; тој нема политичка (граѓанска) и правна форма, бидејќи станува „гол живот“.

Агамбен отсекогаш бил скептик, кој зборувал за суштината на моќта и државата, и за човековите права како нешто што зависи само од нив и што лесно се заборава во случај на потреба (state of exception). Интересно е што на развиениот Запад, кој никогаш не се грижел за „животот како таков“ на другите, на оние што ги експлоатираат или бомбардираат и за кои мислат дека таму е нормално луѓето да умираат. Но сега, кога смртта чукна на нивната врата, стравот е толку голем што се прелева исто како неолиберализмот, па така и дечињата во Африка носат некакви валкани крпи на устињата, ама немаат да јадат и вода да се измијат. Тоа е таа глобализација на стравот и биополитиката.
Во вакви услови, оние што инаку се колнат во индивидуалните човекови права, сега апелираат на опстанокот на целата популација, иако во практика нивната „грижа“ е не само селективна туку и дискриминаторска. Комисијата за заразни болести станува олицетворение на биополитиката: нејзините членови всушност се занимаваат со есенцијалниот дел на политиката/заедницата (одлучување за секојдневниот живот), а немаат поим дека тоа го прават и дека тоа е релација на моќ. Освен тоа, ова тело има правно недефиниран статус и е над одговорноста (или, поточно, правно лимитирани овластувања во насока на давање препораки). Што е тоа ако не есенција на моќта? Кога политичарите сакаат да си ги измијат рацете од одговорноста, се кријат зад белите мантили. Велат: тоа е предлог на струката, на лекарите! Речиси нема земја во која членството на комисијата не е партизирано и моделирано по не сосема научни и медицински параметри. Колку е државата понефункционална, слаба и дезинтегрирана, толку и мерките на биополитиката се конфузни, но и пототалитарни.

Слабата држава не располага ни со легитимитет (респект од граѓаните) ни со правни инструменти, па импровизира со решенија што доведуваат до обратни ефекти. На пример, ги враќаш хронично болните (најранливите) на работно место, а се закануваш со карантини на здравата популација; воведуваш викенд без ДДВ, а забрануваш собири; бараш железна дисциплина, а самиот не ја почитуваш; велиш дека здравствениот систем е целосно функционален (и си имал време да го подготвиш), а фактите зборуваат дека граѓаните, здравствени осигуреници, веќе дале 5 МИЛИОНИ евра за тестирање во приватните болници и лаборатории. Ги јакнеш капацитетите за НАТО, а немаш за лекови. Има една добро позната „дилема“: колку повеќе мерки наметнуваш со стап, а не со аргументи, толку си поинкредибилен и губиш елементарна доверба. Секако, аргумент не е дека „вирусот е летачки“. Го слушнав предлогот за избор на членовите на Комисијата во Собранието и умрев од смеа: ако вака барем има привид на компетенции, така партизацијата ќе стане видлива. Во вистинска демократска земја, во која владее разумот а не пофалбата на лудоста, сега би се вовела влада на национален спас, власта би ги ставила на „мраз“ сите деликатни прашања што задираат во националните интереси и идентитетот како небитни, а сите капацитети би се фокусирале на здравствените, социјалните, образовните и економските ефекти од кризата.

Бидејќи ние не сакаме да бидеме сведени на „гол живот“ или „работна сила“ за оние 1 процент, туку сакаме да ја пребродиме кризата со што помалку колатерални штети, вклучувајќи и по однос на човековите права и владеењето на правото. Правниците стивнале како јагниња пред колење, се плашат да заустат нешто, бидејќи биополитиката е таа што доминира. Впрочем, нам и европската интеграција ни ја продаваат како биополитика, како прашање на живот и смрт, а не на перспективи и развој.