Кога немаш идеја

Ми недостига онаа уметничка умешност на Русјаков кога се наоѓа во слична ситуација: треба да напишеш колумна, а ти не само што немаш инспирација туку и не ти се пишува. Мислев дека изборот на новата влада ќе ми внесе малку адреналин, ама сум станала имуна на политичките будалаштини, па сега сум уште поиндиспонирана. Не знам дали е синдромот на Касандра, онаа од митологијата, која пророкувала точно, ама ја сметале за луда додека не станело предоцна да се спречи погубниот тек на настаните или е до нешто друго… Но гледам бездна и македонското општество на кое му е обесен воденичен камен околу вратот. Божем се обидува да не пропадне. Ќе ме прашувате што значи да бидеш индиспониран? Хмм… Се разбира, има многу зборови со кои може да се опише оваа состојба на духот, но ниту еден наш збор не го спојува сето во едно. Да се биде нерасположен, зловолен, кенкав, болежлив, да не си во форма… тоа е значењето на зборот, а јас го чувствувам сето тоа истовремено, и уште повеќе. А зошто, пак, на читателите би им било грижа за тоа како се чувствува колумнистот? Затоа што колумнистот, особено кога тоа го прави со децении, и потсвесно и инстинктивно размислува и ги преживува јавните работи.

Но ако размислам подобро, токму тоа што сè уште не сум го изгубила тоа чувство значи дека колумнистот во мене е жив и здрав. Ја чувствува болеста на средината што ја опишува, анализира и со која комуницира. Но кога веќе немам уметничка инспирација за да го пополнам овој простор, ќе тргнам малку професорски. А и не е страшно ако колумнист нема идеја за колумна, многу пострашно е кога Владата е без идеја и не гледа подалеку од носот. „Њујорк тајмс“ пишува за можна војна меѓу Турција и Грција, но овде се фалат со членство во НАТО како со голем успех. Ужас!
Во моментов кога го читате ова веќе имаме старо-нова влада и парламент на кој и театарот на апсурдот може вода да му носи. Претседателот на законодавниот дом е човек што пред 20 години пукаше во живи луѓе, но со време станал толку чувствителен што реагира на ЗБОРОВИ, па (како што реплицираше) „морал да реагира зошто немало да дозволи сите да го третираат како вреќа за мавање“. Ја слушаш опозицијата од албанскиот блок и ти се крева косата на главата.

Тоа не е само затоа што господинот пратеник (како што кажа) не сакал да ѝ реплицира на жена (пратеничка) затоа што почитувал жени (!!!), туку уште повеќе од неговата радикална реторика по која и Груби не ти се чини толку груб и радикален. Се вџашуваш од општата слика што ја нуди парламентот: на интелектуална ограниченост, отсуство на елементарна култура, манифестација на поданство пред лидерите, кое нема мера и крај, и целосно отсуство на визија. Премиерот, надворешна инсталација уште од пред неколку години, сега е двојна марионета – целосно во рацете на не само на коалицискиот партнер туку и на поединци што се во состојба да уценуваат. Заев е само фасада, што всушност одговара на држава што најдобро се опишува како Потемкиново село. Донекаде интересна беше размената помеѓу пратеникот на Левица (Крмов) и Заев: за миг се внесоа класни и левичарски тези, какви што не сум слушнала со децении. Конечно некој да им каже на социјалдемократите дека се десно ориентирани и да ја разобличи нивната неолиберална корпоративна агенда. Поинтересна беше критиката за проектот „општество за сите“: во социјално неправедно и класно раслоено општество тоа е невозможно.

Клучното прашање е: за кого е општеството? Кому му припаѓа? Според Левица, тоа повеќе им припаѓа на богатите, додека сиромашните се туѓинци и во сопствениот дом. Но тоа е само донекаде точно, бидејќи „едно општество за сите“ е по дефиниција тоталитарно општество (за среќа, СДСМ и ДУИ немаат уште капацитет да го воспостават, и тоа од различни причини, не дека не сакаат). Општеството е онаа сфера во која се одвива животот на луѓето и групите, односно нивните форми на здружување и интеракција, или уште поточно – тоа е сферата во која се судираат различните интереси. Судирите не се лоша работа, без нив нема општествен живот, а нема ни прогрес. Лошо е само кога стануваат насилни (а насилството може да се спроведува и со закони и без куршуми, низ и со институциите). Општеството, по дефиниција, претпоставува конфликтност – и какво-такво, сите ние, и богати и сиромашни, и моќни и немоќни, сме упатени да живееме едни со други или едни покрај други. Државата израснува од општеството, а не обратно.

Флоскулата на Заев не заслужува повеќе внимание, бидејќи е во суштина празна и манипулативна. Но кога по линија на политичка моќ се навлегува во општествената сфера и се зафаќа во слободата на тој простор, тогаш нештата стануваат посериозни и опасни. Не знам дали станува збор за незнаење или за мегаломанија, или за чиста прагма и лукративен облик на „алокација на вредностите“, ама постоење вицепремиер за политички систем е таков нон сенс, што дури и просечен студент ќе го види. Имено, политичкиот систем (според науката, ама и практиката) е сфера што е многу поширока (и во демократијата, послободна) од системот на државните институции. Накратко, демократскиот политички систем во себе ги опфаќа не само граѓаните, туку и политичките партии, групите за притисок и групите со интерес (интересовните групи), медиумите, јавното мислење, политичките движења итн. Тој опфаќа голем број актери, нивни интеракции, и процеси со различна динамика. Незамисливо е и недозволиво Владата, како една од трите власти (извршна власт) да може и да смее да го регулира или управува политичкиот систем. Па, тоа е полошо и од етатистичкиот социјализам! Но овој јаден и онемоќен народ го цицаат разни крлежи (извини, Талат, ама и професорите се претераа и веќе им пука филмот и во училница).
Еве, нешто од мојот учебник по политички систем: Политичкиот систем е спој на влезни и излезни компоненти. Влезни компоненти се барањата и/или поддршката, кои се основа за политичката партиципација (учеството во политичкиот процес, во поширока смисла на зборот). Тоа е просторот во кој општествените субјекти можат да влијаат врз институциите на системот (одоздола нагоре), но и едни врз други.

Тука спаѓаат формирањето и влијанието на јавното мислење, општественото групирање и создавање групи со заеднички интерес, партискиот и изборниот систем, однесувањето на гласачите и медиумите. Нивните барања се преточуваат ко конкретни предлози кои се доставуваат до институциите каде што се носат одлуки. Централниот дел од политичкиот систем е оној во којшто се одвива процесот на носење одлуки според точно определени процедури и институционални канали. Спроведувањето на одлуките (или непостоењето одлуки) создава повратен ефект врз општеството, односно предизвикува бран на нови барања или пораст на поддршката за носителите на власта (легитимитет). Излезните компоненти се поврзани со политичката ефикасност, а таа се изразува преку носење авторитативни (обврзувачки) решенија или неавторитативни (иницијативи, услуги, придобивки и сл.). Смислата на политичкиот систем е претворањето на барањата и поддршката во одлуки и нивно спроведување.
Гледате ли каква шашма се создава во Владата? Така е тоа: и кога не се занимаваш со политика, таа се занимава со тебе – и има амбиции да одлучува за сите аспекти на твојот живот. Она со вицепремиер за борба против корупција е не само смешно туку и трагично. Наместо надворешни, објективни и независни механизми и мерки за следење на корупцијата (во ешалоните на моќта) Владата божем самата себе ќе се контролира!?

Би пишувала уште (сега, кога ми тргна), но бесмислено е. Веројатно, ме фаќа оној „вирус“ за кој пишуваше Сартори, онаа одбивност кон политиката што е резултат на разочарувањата, огромниот јаз помеѓу „она што треба да биде“ и „она што е“, и целосна отуѓеност од политичките елити. Политиката на антиполитика, според него, е интелектуален приговор на стварноста, која е одбивна. Реакциите на човекот зафатен од овој вирус е или повлекување во себе и апатија (деполитикализација) или ангажирање во активен отпор, па дури и одмазда. Сартори опоменува: апатичниот граѓанин ја прави политиката премногу лесна (овозможува целосно самоволие на елитите), а активно одмаздољубивиот граѓанин ја прави премногу тешка, па дури и невозможна. Сфаќате сега зошто сум индиспонирана? Угоре високо, удоле длабоко. На ум ми доаѓаат зборовите на Ахмед Нурудин („Дервишот и смртта“): „Имам четириесет години, грда возраст: човек е сѐ уште млад за да има желби, а веќе стар за да ги остварува.“ А јас сум дваесет години постара од Ахмед…