Кога можеа да го замолчат Трамп, можат секого и можат глобално

Додека забраната на Доналд Трамп на Твитер предизвика глобална политичка дебата за загриженоста за цензурата и обидот да се замолчи слободната мисла на интернет-платформите, ние, гледам, не сме загрижени. А и зашто би биле. Ние си имаме свои фабрики на цензура на слободата на говорот, кои се „грижат“ за тоа чии гласови треба да се слушаат на социјалните платформи

Добре дојдовте во новиот „слободен“ свет. Во кој легитимно избран претседател на најмоќната држава во светот и милитантен лидер се обединети во цензурата. Рамзан Кадирев, милитантниот лидер на Чеченија, ќе забележи дека тој и г. Трамп сега биле „обединети во цензурата“, откако бил блокиран на Фејсбук и на Инстаграм. Ова е показател за силата на дигиталните платформи денес и колку брзо тие успеаја да го редизајнираат целиот наш политички систем и нивната моќ на глобално ниво. Може да го сакате или мразите Доналд Трамп, но неговата цензура на интернетот создаде застрашувачки преседан на глобално ниво. Слободниот говор е на удар. Цензурата се случува како никогаш порано. Кога претседателот Трамп е замолчен, едноставно нема крај на она што може да се цензурира на интернет, а последиците од ова може да бидат поголеми од оние од упадот во Капитол на приврзаниците на американскиот претседател.
Интернетот е достапен за сите повеќе од четвртина век и владите не се вклучиле, не се мешале и не наметнале регулативи на содржината на социјалните мрежи. Оригиналниот интернет се засноваше на премисата „ако не сакаш, не гледај“. Големите технолошки компании изградија платформи на кои функционираат меѓународната комуникација и размената на идеи во 21 век. Тие го имаат прекинувачот со кој непречени од никого решаваат дали поединец (или група) може да учествува на глобалниот пазар на идеи. Велат дека за нив не важи првиот амандман на американскиот устав што се однесува на слободата на говорот, зашто не можел да се примени на организациите во приватниот сектор. Што би значело дека цензурата од страна на компаниите како Твитер, Фејсбук, Амазон и Епл не ја нарушува заштитата на слободата на говорот. Заборавија дека слободата на говорот има политички и етички граници и дека замолчувањето на Трамп ја откри оваа вистинска суштина на слободниот говор.

За нив нема дилема дали е дозволено приватните компании да создаваат зони ослободени од американскиот устав. Но забораваат дека ова што се случува не е само приказна за Трамп. Можеби ваквите забрани би биле во ред доколку се резултат на дигитална регулација што не ја прави самата дигитална олигархија, туку е работа на суверените луѓе, влади и судство. Вака имаме одлука на луѓе што не ги познаваме, во согласност со постапка што не ја познаваме, што остава простор за сомнеж дека истите тие се засновани на емоции и лични политички преференции. Наместо социјалните платформи да функционираат во рамките на нивната основна деловна активност и да бидат отворена комуникација помеѓу над 2,7 милијарди членови, со морална и правна одговорност да дозволат органски разговорите да течат без цензура, оставајќи на учесниците да решат дали се согласни или навредени од нив, задржувајќи го правото едноставно да го затворат прозорецот, дигиталните платформи се претворија во цензори и манипулатори што си приграбија право да влијаат на политичките процеси за свои лични политички цели.
Да не беше судирот личен и раководен од омраза и одмазда, големите теч-компании ќе беа свесни дека ваквиот преседан ќе го искористат непријателите на слободата на говорот низ целиот свет. Секојпат кога ќе треба некој да биде замолчен, тие ќе речат: „Ова е обична практика, дури и Трамп беше блокиран на Твитер“. Најдобрата потврда за ова дојде од Алексеј Навални, истакнат руски блогер и дисидент, кој блокирањето на претседателот Трамп на социјалните мрежи го нарече „неприфатлив чин на цензура“, што Кремлин ќе го искористи за да ја оправда сопствената црна листа на државните медиуми. „Се разбира, ’Твитер’ е приватна компанија, но видовме многу примери во Русија и во Кина како вакви приватни компании стануваат најдобри пријатели на државата и соработуваат со државата кога станува збор за цензурата“.

Искрено, имам аверзија кон каков било вид цензура. Мислам дека ако на луѓето не им се допаѓа тоа што го гледаат и читаат на социјалните платформи, не треба да се логираат и да бидат дел од нив. Социјалните медиуми треба да се третираат како алатка што им дава глас на луѓето, исто како микрофонот или пенкалото, и најдобро ќе им служат ако останат само како платформа за изразување мислења, без да судат за содржината на објавите. Луѓето треба да бидат оставени да го кажат она што го мислат, без разлика дали е вистина, лага, без да се обидува некој да се наметне во канализирањето на мислењето и говорот од позиција на моќ, затоа што гледаме дека тоа се прави неконзистентно. И мора конечно овие интернет-платформи да престанат да се кријат зад добрите намери, цензурирајќи ја слободата.
Каде сме ние во приказната? Додека забраната на Доналд Трамп на Твитер предизвика глобална политичка дебата за загриженоста за цензурата и обидот да се замолчи слободната мисла на интернет-платформите, ние, гледам, не сме загрижени. А и зашто би биле. Ние си имаме свои фабрики на цензура на слободата на говорот, кои се „грижат“ за тоа чии гласови треба да се слушаат на социјалните платформи.

Само „злонамерните“ може да тврдат недобронамерно дека кај нас се манипулира и цензурира за лични политички цели. За жал, не гледам дека некој сериозно се загрижи за ова и за потребата од воведување законодавство што ќе ја затвори ерата на нерегулирани монополистички дигитални платформи и ќе обезбеди Твитер, Фејсбук, Јутјуб и други платформи за социјални медиуми да не можат повеќе да ги забрануваат, цензурираат или „проверуваат фактите“ на корисниците за објавување содржина што е законска. Вака, имам впечаток дека живееме во пасторална македонската приказна со цензурата. Додека фабриките за цензура работат турбо.