Кога мечката ќе се налути

Деновиве додека Европа го зголемува буџетот за да има соодветен одговор за Кина, мошне актуелна е и наводната инвазија на Русија врз Украина. Покрај вжештувањето на односите на полето на информациската војна, во доменот на економијата и енергетиката и дипломатијата, сѐ поизвесна, според западните аналитичари, е и воена инвазија врз Украина. Дека, жештината може да ги надмине само претпоставките на експертите за на конференција или за на вебинар зборува и фактот што сериозни авторитети од администрацијата на Бајден јавно излегоа и предупредија за можната инвазија. Лојд Остин минатата недела излезе јавно и изрази загриженост за маневарот на силите кон украинската граница на запад. Кон ова, Остин го спомена и волуменот на интеракција во сајбер-просторот, што е посебно загрижувачко. Имено, во минатите реакции на Русија, Естонија, Грузија, Украина, сите воени дејства (освен во Естонија) започнувале со интензивни информациски операции преку сајбер-просторот. Според анонимни извори од Пентагон, Москва наводно планира да ја изврши инвазијата на почетокот на 2022 г.
Она што, сепак, може да случи според анализите и распоредот на силите е далеку пострашно од првичните анализи на кои се надеваше Европа. Според маневарот (за кој се знае) во моментот има двојно повеќе сили од пролетната демонстрација на сила од стана на Русија во април годинава. Според анализите, ако Русија се реши на инвазија, тоа нема да биде со дивизии туку со многу помали здружени тактички состави. Ваквата пракса е резултат на современите трендови на војување, бидејќи преку тоа се овозможува голема децентрализираност во настапувањето, но и сеопфатност (единицата на помал ранг да може да има придружни борбено сервисни капацитети, кои начелно се наменети за поголеми единици).

Тоа, пак, ги мултиплицира моќта и ефектот што оваа единица може да ги постигне. Тие се побрзи, поманеварбилни и полесни за пенетрација. Тоа што е исто така интересно е дека уште од пред четири години во Норфолк, поранешниот советник на Трамп за национална безбедност, генералот Мекмастер укажа дека руските сили интензивно извежбуваат насилен премин на река на ранг на чета – што е уште помала единица. Иако начелно класичниот конвенционален модел на војување е против „ситнењето“ на ударната моќ, современите дејства како резултат на техничко-технолошкиот напредок дозволуваат намалување на силите што ги вршат маневарот и ударот. Тоа е заради можноста да се освои просторот побргу и да се зголеми огнената моќ по длабочина, но и во однос на маневар. Со други зборови, благодарение на технологијата и современото вооружување, помали единици можат да имаат поголем ефект – заради можноста да продуцираат поголема огнена моќ и да покријат поголем простор. Анализите во овој контекст говорат дека Русија засега може да употреби околу 100 баталјонски групи или околу 175.000 војници. Овие сили ќе бидат пратени со силна артилерија и маневарбилен оклоп, но и значителна асиметрична воздушна поддршка – дрон-технологија. На тој начин баталјонските борбени групи на руската ударна тупаница би биле сили што нема да дејствуваат дводимензионално, застарено туку мултидимензионално.
Внимавајте, Русија се покажа како извонреден играч кога треба да го синхронизира сајбер-просторот во максимализирање на операциите. Во дејствата против украинските сили руските хакери во неколку наврати демонстрираа како сајбер-напад и невнимателност или недисциплина во доменот на заштитата на силите може да биде кобна. Имено, иако Украина имаше во неколку наврати предност пред бунтовниците, кои се обидуваат да отцепат делови од источна Украина, руските хакери во неколку наврати ја анулираа оваа предност. Во еден случај преку социјалните медиуми и разузнавање од јавно достапни извори успеале да идентификуваат членови на еден артилериски баталјон на украинските сили. Потоа преку напад на нивните паметни телефони успеале да ги побудат ГПС-локаторите да ја откријат нивната позиција, да ја рапортираат на руските сили и да анулираат два фактора на Украинците со кои биле во предност пред руските бунтовници (масовноста и огнената моќ) преку изненадување. Откако биле лоцирани, за само неколку минути биле поклопени со плотун (дејство од сите расположливи артилериски средства – сосреден оган).

Оваа анализа е со цел да покаже дека бројките сами по себе не мора да значат многу. Фактот дека Русија вежбаше на ниво на баталјони како здружено тактички единици навестува дека така планира и да војува. Ако кон ова се додаде и информацијата што ја сподели Мекмастер (за извежбување премини на ранг на чета) станува јасно какви се приближно намерите на Русите. Дополнително, Русија ги размести во овој регион најелитните оклопни единици. Тенковите од првата гардиска армија и 4. тенковска дивизија, каде што се „Т-80У“ модернизираната верзија на руската оклопна тупаница и самоодните хаубици (со што се зголемува маневарот) се нешто од што Европа (или барем оној што сака да разбере) се тресе. Овие сили според тоа како се позиционирани би ја распарчиле Украина на помали борбени полиња од три правци, со цел да ги врзат силите и да создадат вакуум за вертикален маневар што треба да ја шири пенетрацијата и од средина кон границите. Кон ова треба да се додаде и можноста за лимитиран пристап, не да се освои цела Украина туку само делот каде што се сепаратистите. Овде Русија, внимавајте, ќе војува како да е дома! Русија, според украински извори, како што известуваат некои западни аналитичари, им дала околу 65.000 пасоши на украински државјани од Донецк и Луганск.
Според некои новинарски кругови од САД, официјалните американски разузнавачки служби, наводно, неколку дена пред Бајден да изјави минатата недела дека е загрижен за состојбата во Украина, споделиле фрапантни податоци со Европејците. Овие, пак, наводно, биле изненадени од различните процени, кои покажувале дека ако дојде до инвазија, тоа ќе биде молскавично, или според некои стратези врз база на „шок и страхопочит“.

Ова апсолутно се вклопува во она што Путин го прави, според Европејците од нигде никаде. Можеби и се во право ако се знае дека САД го ставија фокусот на Пацификот, се повлекоа од Авганистан и се обидоа да ги задржат на линија на статус кво состојбите со Донбас. Точно е дека Русија предупредуваше неколкупати за агресивни намери на НАТО. Точно е и дека во Украина се појавија гласови за заземање на окупираните територии од руските сепаратисти. Ама сепак, ова се занемарливи индикатори бидејќи сето е тоа бегло за еден ваков потег.
Да се разбереме, Путин ризикува сериозно бидејќи не е јасен одговорот на САД и на Западот. Можеби либералниот блеф овој пат ќе стане јаве. Тоа е меч со две сечила. Секој конфликт впрочем е. Како долгогодишен разузнавач, Путин има вграден и добро развиен калкулатор за одлучување под стрес и во ризични ситуации. Исто така има и развиено чувство да препознае блеф, но и да знае кога треба да стисне. Дали ова е партија шах на едно ново ниво или, пак, не, допрва ќе видиме. Русија се обиде да смири дека овие процени се преувеличување на фактите. Остин, пак, и покрај тоа што предупреди дека е загрижен, подвлече дека има уште многу простор за дипломатија. Иако Путин за Западот е човек на кој не треба да му се верува, сериозните аналитички кругови во неколку наврати и од различен агол потврдија една работа, тоа е дека Путин е мртво сериозен за една работа што ја сака од Западот. Тој, впрочем, јасно им го порача тоа на новоакредитираните дипломати во Москва минатата недела. Меѓу другото им порача дека Русија само одговара на зголемената закана на нејзината западна граница. Обвинувањето на Москва за оваа ситуација, според Путин, е само обид да се фрли топката на погрешна адреса. Тој подвлече дека во најдобар интерес на Русија е да има стратегиски загарантирана стабилност, прецизно правна потврда за тоа од страна на западните дипломати и партнери, кои засега го испорачуваат сосема спротивното. Во тој дух, Путин предупреди дека загриженоста на Москва за експанзијата на НАТО е несериозно сфатена од Запад и постојано се игнорира. Независно на сѐ, едно е јасно – во евентуален конфликт, ако Западот се вклучи, губитници ќе бидат сите, а најмногу човештвото.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.