Кога историјата си поигрува со Македонија: како станавме меѓународен безбедносен ризик

За работите да станат појасни за сѐ ова што ѝ се случува на Македонија на надворешнополитички план, па и на внатрешен, мора да се погледне малку подлабоко во Стратегијата за национална безбедност на САД од 2002 г., кога САД станаа толку загрижени по нападите од 9/11 што слабите и неуспешни држави ги ставија во центарот на безбедносните проблеми на оваа држава. Загриженоста на САД за ваквите држави започна да влијае на размислувањето за националната безбедност на САД кон крајот на 90-тите години на минатиот век, но по 2002 г. година стана предмет за планирање на политиките во Стејт департментот на САД, разгледувајќи стратегии за борба против заканите што доаѓаа од слабите и пропаднати држави. Слабите и пропаднати држави беа важни во безбедносните анализи на Стејт департментот, но само како дел од поголемиот стратегиски контекст. Веќе е очигледно дека и нашата држава била дел од ваквите анализи, по сѐ што се случуваше во последниве години.

Фокусот на слабите и пропаднати држави како закана за мирот и безбедноста стана конвенционална мудрост. Затоа слабите и пропаднати држави претставуваат посебни предизвици за политичарите и креаторите на политиките во Вашингтон. Според нивните проекции, заробените држави (неслучаен термин употребен за нашата држава) со остри социјални поделби, слаби државни институции, дисфункционална демократија и етнички тензии комбинирани со сецесионистички и екстремистички барања вообичаено водат кон колапс на државниот авторитет и криза, која секогаш е податлива за нивна дестабилизација, посредно загрозувајќи ја пошироката меѓународна безбедност. Според креаторите на надворешната политика на САД, потребно е стабилизирање на ваквите држави преку меѓународна интервенција за да се заштитат од безбедносните закани што ги носат со себе по меѓународниот мир. Како во Македонија.
Европската Унија со право го изедначува државниот неуспех со „лошото управување“ и со корупцијата, злоупотребите на моќта, слабите институции и недостигот од отчетност. Етничките тензии, дополнети со долгогодишниот спор за името и прашањето на добрососедството секако дека ја маркираа Македонија како потенцијален безбедносен ризик за регионот и пошироко.

Особено беше реално проценета можноста Македонија како слаба држава да стане центар за вклучување на Русија во геополитиката на Балканот. Верувам дека затоа станавме глобален предизвик не само за САД туку и за Европската Унија во регионов.
Кога од оваа временска дистанца го анализирам сето она што се случуваше во Македонија последниве години, од промена на власта до промена на името, историјата и политичкото преуредување на државата, очигледна беше намерата на САД и на ЕУ да ја „стабилизираат“ државата низ канализирање на институционалната моќ на нацијата, така што нејзините развојни предизвици требаше да бидат ефикасно управувани пред државата да произведе безбедносна криза. Тоа беше нивниот превентивниот ангажман во Македонија за да се избегнат идни безбедносни проблеми и да се подобрат условите за нашата стабилност и стабилноста во регионот. Ваквото „стабилизирање“ на државата однадвор никако не треба да го сфатиме како инвестиција во нашата сопствена безбедност, туку како инвестиција во безбедноста на САД и на Европа. Во тој контекст треба да се гледа и на нашето акцелерирано членство во НАТО.

Македонија ќе биде школски пример како САД ја употребија „меката моќ“ да одговорат на безбедносниот ризик што, според нивна процена, верувам, претставуваме за регионот и за Европа, а посредно и за САД. Не знаеме и нема да дознаеме дали ризикот што го носевме како слаба држава беше преценет при планирање на политиките во Вашингтон. Исто така, нема да дознаеме колку ваквите вежби како оваа во Македонија ќе им помогнат на креаторите на политиките подобро да ги калибрираат своите постапки за во иднина во справување со безбедносниот ризик што го носат слабите држави. И дали и понатаму остануваме директна и индиректна безбедносна закана на која САД и Европа треба да внимаваат.
Но едно знам. Државата веќе никогаш нема да биде иста. Знам и дека ваквото „стабилизирање“ на државата нема да го спречи нејзиното понатамошно пропаѓање и оддалечување од успешно демократско управување.

Знам и дека фокусот на овој меѓународен напор да ја „стабилизира“ државата колку и да беше насочен кон поддршка на нејзиниот легитимитет и нејзината способност ефикасно да се справи со сопствените предизвици, за жал, нема да спречи од слаба да станеме неуспешна и на крајот пропадната држава. Со вакви политички лидери на далечинско и со ваква влада, која има премал кредибилитет и премалку ресурси за да ја врати довербата и да нѐ врати од работ на хаосот кон кој нѐ носи, процесот на самоуништување продолжува. Затоа се плашам дека американската администрација во обид да ги избегне грешките од минатото во регионот паѓа во „стапица на неговата историја“? Која очигледно повторно си поигрува со Македонија.