Кога здравството ќе стивне

Со држава што минува низ целосен здравствен, морален, политички и социјален колапс, не е чудо што луѓето не веруваат дека таа може да им го заштити здравјето. Кога ќе се сетиме каква битка е водена за да се освои ова право, да се внесе во устав, па уште и имавме систем со еден од најдобрите здравствени системи во Европа – оваа ситуација нѐ остава во неверица. На неколку години пред пензија, размислувам колку средства сум издвоила за солидарниот здравствен фонд, а услуги сум користела толку ретко: при раѓањето на децата и неколкупати за некои рутински контроли кај матичната лекарка. За среќа, не сум се соочувала со поголеми здравствени потреби, а последниве години често се лекувам сама, т.е. одам во приватни лаборатории или ординации, и најчесто в аптека. Како професор сѐ уште можам да издвојам од домашниот буџет. Јавниот здравствен систем одамна е претворен во прибежиште на најсиромашните, на оние што немаат избор. Луѓето земаат кредити за да си ги породат саканите во безбедна средина, собираат донации за секакви зафати, ама не во јавното здравство. Пред неколку години, ја носев мајка ми (над 80 години) на специјалистички преглед во државната болница. Не можев да верувам колкава ерозија настанала од последниот пат кога сум била таму! Од влезот до излезот, само сакаш што побргу да го напуштиш тој круг! Ако треба да ги опишувам тие лавиринти, подруми, премини, смрдеата и течењето на цевките, како и условите за работа во некаква (донирана) барака, нема да можам да ги најдам соодветните зборови.

Контрастот меѓу важноста на дејноста и условите во кои се врши е огромен, ужасен! Медицинскиот кадар беспрекорно си ја вршеше работата, и во себе си помислив колку е нивната работа (исто професорска, ама и клиничка и уште во такви недостојни услови) потешка од мојата. Фрустрирачки е да работиш и во општествените науки, кога си сведок на постојана деструкција буквално на секоја институција или демократски принцип, но многу потешко е да ги гледаш измачените ликови на пациентите, чие здравје (или отсуство на здравје) е лика и прилика на тоа како животот/општеството ги третира/ло.

По добивањето на упатствата за дополнителни истражувања, ја седнав мајка ми во првото такси и заминавме во пристојна приватна поликлиника. И повторно размислував (со чувство на вина, небаре до мене е) дека ние можеме да си го дозволиме тоа, а над 90 отсто од сограѓаните се препуштени на милост и немилост. Пред неколку години, ќерката на мојата прва сосетка имаше „несреќен случај“ – при породување со царски рез, по грешка, ја повредиле и ѝ ја извадиле матката. Минуваше низ пекол поради компликации, сепси, патувања на релацијата Кичево – Скопје, борејќи се за своето здравје, додека бебенцето ѝ го чуваа домашните. Мислите ли дека побараа истрага за тоа како здрава жена на дваесет и нешто години остана без матка? Се помирија со судбината, уште и среќни што преживеале и мајката и бебето. Сега се мачат со други маки – како невработеност и сиромаштија, која чука на врата, откако свекорот од чија пензија живееја почина. Сиромашните не можат ни тој „луксуз“ (правдата) да си го дозволат. И здравствениот, правниот, како и образовниот систем – буквално сѐ е против нив.

Сведоци сме на триесетгодишното пропаѓање – главно молкум! Први што треба/ше да дигнат бунт во оваа земја се лекарите, а потоа наставниците! Но рекоа дека политичката демократија била поважна, сме имале избори, сме се спасиле од лошиот социјализам, социјалната правда е помалку важна. Постепено, сѐ што беше придобивка и јавно добро на претходниот систем се уништи со приватизација, јавашлак, партизирани и неспособни кадри што ги заменија постарите, доктори што добиваат дипломи без учење, а кои уште и комбинираат јавна работа со куќна ординација. Директорот на струшката болница е само последниот ужасен пример на таа наша помиреност со судбината, со целосната ерозија на системот во кој такви луѓе водат јавни здравствени установи! Филипче може да вози квадрицикли со синчето, покрај премиерот, ама нема знаете што за да го фати за уши оној што осакатил една жена што му ги доверила и својот живот и животот на новороденчето! Колку ли само слични случаи останале запретани во молкот? Просечниот лик на лекарите во Македонија е некаде помеѓу овој лик и категоријата што тој ја претставува и оние извонредни луѓе што сѐ уште се длабоко посветени на таа хумана професија.

Проблемот со просекот е што не знаеш што ќе ти се падне и дали ќе се вратиш дома без неколку органи, за да чуеш како Лекарската комора не нашла неправилности во третманот на пациентката. И за помалку страшни случаи од овој, министри за здравство во нормални држави даваат оставка поради објективна одговорност, поради состојбите во ресорот во кој станува ризично и да се породуваш, а не пак да се подложиш на некоја посложена операција. Оној од Струга е опасност што се движи, но јавното обвинителство уште не слушнало за неговите „подвизи“, а Филипче уште размислува – демек, толку е тешко да ја најдеш одговорноста!

Веќе една година преживуваме, фокусирани исклучиво на стравот и заштитата од ковид-19, и притоа ги забораваме сите други жртви на колабираниот здравствен систем: севкупната бројка на оние што се примаат в болница за да умрат, на оние што не можат да дојдат на ред за третман на други хронични или акутни заболувања, на оние што тивко си офкаат по дома – сето тоа создава погребална атмосфера во земјава. Како да се наоѓаме во предворјето на Смртта, Македонија како место за умирачка, а божем „дојде живот“! Смртта е единствената сигурна работа што ќе му се случи секому од нас, ама барем се надеваме дека животот, па и неговиот крај, ќе се одвива/случи во (по)достоинствени услови. Културата на неказнивост доминира, а при отсуство на морална, политичка и правна одговорност (и трошка хуманизам) прави да расте недовербата во здравствените власти. Тоа ќе се одрази, а и веќе се одразува, на недовербата кон најавените вакцини. Некогаш угледот на лекарската и професорската професија (заедно со традиционалната улога на свештениците и војската) беше неприкосновен. Сега човек е на два ума: не знае дали да им верува или да се држи до „бабини деветини“. Не ги обвинувам тие луѓе: изгубената доверба буквално во целиот морален систем на вредности и професии и институции веќе го допира дното на дното.

Повеќе одговорност наоѓам кај сите нас што нешто знаеме и се сеќаваме што беа тоа стандарди и јавно добро, кои веруваат во знаење и наука, а не во паранаука и шарлатани што шират параноја за светски заговор и за некаква загрозена слобода – а сепак молчат! Состојбата е таква што бара КРИК! Не е доволно да им потфрлите 5 отсто зголемена плата на здравствените работници, потребни им се услови за работа, ама не само сега, туку и кога ќе заврши пандемијата. Потребна е темелна проверка на тоа како се добиваат дипломи, како се станува директор, како е можно да се толерира криминал и како е можно една жена на која ѝ се отстранети три органи при породување да е оставена сама да ја бара правдата низ судските лавиринти!?!
Како „шлаг на тортата“ дојде и скандалот за (не)набавката на вакцините од Кина, геополитичките мудролии на нашиот 00Z, кој ем барал дозвола за набавка на незападни вакцини ем со тајни служби преговарал, ем фантомски фирми користел…

Човекот, кој откако е на власт нѐ лиши и од ИДЕЈАТА за човечко достоинство, во интервју за македонска телевизија зборува англиски (толку му е во крвта веќе): тоа е матер оф дигнити! Демек, било прашање на национално достоинство кога одбил колективно вакцинирање на сиот здравствен кадар во Солун или некои од српските градови, како што му понудиле. Притоа, уште поголем скандал е недобивањето дел од солидарниот фонд на ЕУ затоа што не аплицирале и фактички штеделе на здравство среде пандемија! За да се „извадат“, од Владата се полеваат со фекалии дека подобро менаџирале од половина Европа, па затоа не сме добиле ни евро!! За еден бивш министер, не сме требале да правиме драма од таму некаквиси „пишљиви“ 750 илјади евра! Да вложеа 30 милиони евра во здравството, па и да нѐ задолжеа, тоа ќе беше и политички и етички издржано. Затоа нема прошка за фрлањето пари во безвезни јавни набавки (на пример, во Прилеп, жариште на коронавирусот, нема денар потрошено за подобрување на здравствениот систем!), дилот со „Макпетрол“ и изборен поткуп (па и попис, кој е закана за јавното здравје!). Цената на тој менаџмент и „мерки на штедење“ се вага со изгубените животи – и овие што ги бројат и неизбројаните. Заедно со осакатените како родилката од Дебар! Ова е таков невиден спој на политички амок и колосална неспособност, придружен со морална и секаква друга корумпираност, што занемуваме и ние покрај здравствените работници, кои главно молчат (секоја чест на исклучоците). Ни нема спас, зошто „криви смо ми што смо их пустили“ (пееше Балашевиќ). Индивидуално, сведени сме на она „иде Дунав, душа мила, колко толко ќе се спасиш“ (ако се протнеш во српските центри за вакцинирање) или се потпираш на „народни лекови“ и на менталните гимнастики на теоретичарите за заговор.

Злосторство против човечноста е ова што ни го прават, на секој план, а тие ни два прста срам немаат. Уште и латински прозбореа! Ајде, отидов на вакцинирање во Србија, колко толко (може) ќе се спасам… Од државава моја – толку!