Ковид-19 еднаков на Сараевскиот атентат, Втората светска војна и на падот на Берлинскиот ѕид

Во изминатиов период од појавата на ковид-19 едно од прашањата што често се поставува е: како ќе изгледа светот и какви ќе бидат последиците од кризата со ковид-19 во иднина. Засега постои согласност дека последици ќе има и веќе ги има, но дека сѐ уште целосно не може да се предвидат обемот, времетраењето, областите и димензиите од тие последици. Едно е повеќе од јасно, а тоа е дека светот нема да биде ист како пред појавата на ковид-19. Прашањето што исто така може да се постави во случајов е: дали ковид-19 може да биде еднаков на Сараевскиот атентат, Втората светска војна и на падот на Берлинскиот ѕид според светските последици што овие историски настани ги предизвикале и дали истиот тој има капацитет и потенцијал да предизвика нови драматични последици и промени во светот.

Ковид-19 според моќта и ефектот што досега ги предизвика како општа светска криза, како и претпоставките за тоа што би можело да се случува во иднина, претставува сериозен кандидат да биде ставен во редот на неколкуте историски настани од минатото, кои се сметаат за некаква пресвртна точка по која се случуваат сериозни промени во светот. Се разбира, тие последици нема да се случат веднаш, денес, утре или за некој месец. Тоа ќе биде процес што ќе трае со години.
Не одејќи многу наназад во историјата, следејќи го само текот на 20 век, во Европа како „центар на светот“, на почетокот на векот, се верувало дека 20 век ќе биде век на „мирот и љубовта“ или некаква Belle Époque, но, набргу овие европски соништа ќе се претворат во вистински кошмар.

Куршумите од пиштолот „браунинг“ истрелани од Гаврило Принцип во Сараево на 28 јуни 1914 година и убиството на австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија го втурнуваат светот во најголемиот и најбрутален светски судир што дотогаш го памети човековата историја – Првата светска војна. Иако уверувањата и побудите на Принцип да пука во австроунгарскиот престолонаследник биле од сосема друга природа, неговиот истрел во Сараево ќе предизвика светско цунами, создавајќи ефект на бранови, кои на некој начин „нѐ заплиснуваат“ до денес. Светот ќе влезе во криза што со различен интензитет постојано ќе трае низ целиот 20 век, а истата таа практично се чувствува до денес.
Првата светска војна ќе го означи и крајот на една историска епоха и почеток на нова ера во светот во многу области: политиката, дипломатијата, економијата, науката, технологијата, популарната култура итн.

Историските процеси по Првата светска војна добиваат забрзан тек т.е. влегуваат во еден молскавично брз и динамичен развој, фигуративно кажано како брзината на менувачот на автомобилот наеднаш да ја смените од прва директно во четврта брзина. Многубројни се последиците од Сараевскиот атентат: Првата светска војна, одлуките и договорите на Париската мировна конференција, нови граници и изменета политичка карта на светот, пропаст на меѓународниот поредок заснован на „рамнотежа на моќ“ и создавање на версајскиот систем, распаѓање на четирите големи европски империи, појава и победа на нови идеи како комунизам, фашизам, нацизам, шпанскиот грип, големата депресија, избувнување на голем број граѓански и меѓудржавни локални и регионални судири насекаде низ светот, јакнење и ширење на глобализмот и потиснување на протекционизмот и изолационизмот итн. Сите овие настани само ќе го трасираат патот до следниот голем светски судир – Втората светска војна. Светот не е повеќе ист како пред Првата светска војна.

Германскиот напад на Полска на 1 септември 1939 година ќе го означи почетокот на Втората светска војна. Втората светска војна е следниот историски настан што ќе донесе нови уште подраматични промени во светот. Огромни се последиците од војната, милиони жртви и милијарди долари материјална штета. Но последиците продолжуваат и во децениите што следуваат. Наместо светски мир за што се залагаа лидерите на победничката антихитлеровска коалиција, светот по Втората светска војна беше втурнат во нов судир – Студената војна. Студената војна на светот ќе ја донесе пропаста на версајскиот систем и создавање биполарен поредок, блоковската поделба на капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, железната завеса, нуклеарната ера, антиколонијалната борба, многу нови држави, нова политичка карта на светот, воениот интервенционизам со елементи на агресија, трката во вооружување, борба на полето на популарната култура, милиони жртви итн.

Историските процеси ќе влезат во уште побрз и подинамичен развој. Жестокото соперништво меѓу двата блока ќе кулминира кон крајот на 20 век со „победа“ на Западот наспроти Истокот. Чеканите и булдожерите што го уриваат Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година, ќе го означат почетокот на крајот на комунизмот и на една историска епоха и почеток на нова ера со промовирање на демократијата и либералниот капитализам како врвен дострел, најдобар политички и економски модел и надеж за нова подобра иднина на човештвото. Светот не е повеќе ист како пред Втората светска војна.

Но светот и по падот на Берлинскиот ѕид и натаму е во криза. Периодот потоа наместо светски мир и консолидација ни носи: пропаст на биполарниот поредок и појава на униполарен свет со елементи на анархија, распаднати држави, новоформирани држави, желба на многу ентитети, групи да станат држави, повторно нова политичка карта на светот, брутални граѓански војни, жестоки воени интервенции, бескрупулозна трка по профит, безмилосно уништување на светските природни ресурси, големи и масовни миграции, драматична економска криза, силна дехуманизација на човештвото, недооформен „нов светски поредок“ итн. Светот не е повеќе ист како пред Студената војна.

Триесетина години по падот на Берлинскиот ѕид, во светот се случува ковид-19 како една нова невообичаена и неконвенционална појава. Светот е пред нов предизвик. Повторно се навраќам на прашањето од почетокот од текстот, дали ковид-19 има капацитет и потенцијал да предизвика драматични и сериозни последици и промени во светот и дали човековата цивилизација ќе ги научи лекциите од минатото за да ги намали последиците што постојат во моментов и што ќе следуваат во иднина. Останува да видиме. Според досегашните случувања низ целиот свет предизвикани од ковид-19, постои сериозна можност во иднина во историските записи ковид-19 да добие еднакво место во редот со Сараевскиот атентат, Втората светска војна и со падот на Берлинскиот ѕид.

Проф. д-р Сашо Додевски