Коалиција СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ? (Зошто да не?)

Како пандан на изненадувачките изјави на Ахмети за Албанец за претседател на Владата може да се постави прашањето: кое би било постизборното ексклузивно изненадување како одговор од македонска страна? По изборите може да има секакви изненадувања, но на врвот супериорно би избила договорена владејачка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Зошто да не, ако се согласат лидерите и таков македонски исчекор дозволат странските фактори. Следејќи ги моменталните околности и партиските позиционирања, тој договор би бил рамен на чудо, а во Македонија веќе со години чудата стануваат реалност

Се отвори рингот, удри гонгот, почна изборниот меч. Неколку дена пред означениот почеток како најголемо изненадување за годинашните предвремени собраниски избори беше изјавата на лидерот на Демократската партија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, дека е дојдено време на чело на идната влада да дојде Албанец, идеја што веќе доби и персонален лик во кандидатот Насер Зибери. Сигурно дека ова не е ниту прва, ниту последна ексклузивна најава на Ахмети, која на почетокот била примана со иронија или голема резерва, а подоцна станала политичка или државна стварност. Краткиот историјат од неговото појавување во воена униформа на ОНА – УЧК (Ослободителна народна армија), преку цивилната преобразба во политичка партија, ни покажува дека секоја негова идеја е реализирана речиси во целост, од Охридскиот рамковен договор до денес. Ахмети дваесет години е еден од главните, ако не и најглавен фактор во политичкиот живот во Македонија. За тоа сведочи не само неговото пресудно влијание за одредени државни одлуки туку и должината на траењето во врвот на македонската политика. Во тоа мерење сите други лидери може да му ги гледаат петиците. Нему, на неговото искуство, Заев му е студент, Мицковски прваче.

Значи, намерата на Ахмети мерена со негов критериум може да се оцени како предизборна провокација, како повик за единство меѓу Албанците (не само гласачите), за национално збивање на редовите пред идните предизвици. Од другата страна, од македонската на неа може да се гледа како на илузија, како навреда на здравиот разум, но и реалност што вознемирува еден дел од Македонците како мнозински народ, не исклучувајќи ја загриженоста и кај другите помали етнички заедници. На идејата за Албанец претседател најмалку може да се гледа како на шега или како на нешто многу далечно. Кон овој став предупредува хронологијата на експресните успеси на ДУИ во преуредувањето на Македонија и пресудното влијание во сите сфери на општеството.
Строг, недипломатски одговор стигна и од двете најголеми партии на Македонците, чии лидери изјавија дека такво нешто не доаѓа предвид.

Бидејќи е познато дека успешните политичари никогаш не се држат до својот збор, не мора да значи дека таквата комбинација не би била во игра, но само како комбинација, како пара за поткусурување, заканување или заплашување, зависно од конечните резултати од гласањето. Она што е некаква утеха за загрижените Македонци (мора да се признае) е тоа што ова е заеднички македонски став, една единствена согласност што засега ја имаат двете партии накострешени една наспроти друга, спротивставени на неизделкан балван среде брзата река.
Во овие посочени релации како пандан на изненадувачките изјави на Ахмети за Албанец за претседател на Владата може да се постави прашањето: кое би било постизборното ексклузивно изненадување како одговор од македонска страна? По изборите може да има секакви изненадувања, но на врвот супериорно би избила договорена владејачка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто да не, ако се согласат лидерите и таков исчекор дозволат странските фактори. Следејќи ги моменталните околности и партиските позиционирања, тој договор би бил рамен на чудо, а во Македонија веќе со години чудата стануваат реалност. Ако Македонија најде сили да ги реши, како што тврди власта, споровите со соседите, ако постигна договори за пријателство со Бугарија и со Грција, зошто не би била способна на креативен начин да ги надмине внатрешните, меѓупартиските драстични поделби штетни и за едните и за другите и да постигне договор корисен за сопствените граѓани.
Што би донела како политички и државотворен ефект една таква засега невозможна мисија, еден нов во слога избран македонски пат кон развој и просперитет, во време кога двете партии имаат заедничка одговорност пред историјата и иднината, пред себе и пред нивните деца?

Освен што би ги зајакнала позициите на Македонците како мнозински народ во сопствената држава, таквата владејачка коалиција би била цврста гаранција за реализација на доктрината на СДСМ (читај Зоран Заев) насловена „едно општество за сите“ надградена со додавката „една држава за сите“. Оваа навидум идеалистичко-комунистичка фраза подразбира општество што на сите ќе им дава еднакви шанси, без разлика на партиска припадност, низ неа ќе бидат надминати именувањата на Македонија како целосно партиска држава. Симнувањето на тој тежок товар ќе значи посигурна егзистенција и за државната администрација, која и така е пренапумпана и која при секоја промена на власта предизвикува силни драми, незадоволства и потреси. Токму таа, партиски менлива, но законски заштитена бирократија, дава скриен отпор во спроведување на реформите што сакаат да ги спроведат едните или другите победници.

Нормална би била претпоставката дека во една таква коалиција ќе нема двојство или сериозна разлика околу националните и државните интереси, како што се територијалниот интегритет и суверенитет, зачувувањето на идентитетот, јазикот и писмото, теми што живеат како отворена рана. На тој список на врвот би се нашле натамошното градење демократски вредности, јакнење на правната држава и законитоста, високо издигнување на свеста на политичката и моралната одговорност, слободата на индивидуата и човековите права воопшто, и транспарентноста.
Таа заедничка власт ќе има задача да ја исправи Македонија пред своите граѓани и пред меѓународниот фактор, да рестартира процес за политичка, економска, општествена и културолошка преобразба во која би биле вклучени сите граѓани без разлика на националноста, религијата и партиската припадност.

За запирање на криминалот, корупцијата, митото, криминогените тендери и сите злоупотреби правени во име на државата, а во корист на сопствениот џеб. На Македонија ѝ треба едно ново партизанско „О рук“, иако таа парола звучи застарено и титоистички, но може да функционира. Особено по тешкиот економски период низ кој минува државата со појавата на коронавирусот и тешките економски последици што се трпат или допрва ќе произлегуваат од оваа светска пандемија.
За сите погоре наброени стремежи (или соништа) патот е полесен и поотворен по приемот на Македонија во НАТО и по подотворената врата на Европската Унија. Впрочем, и едните и другите ќе бараат такви остварувања, според нивната реализација ќе ги оценуваат постојните и идните реформи, во согласност со брзината на тие процеси ќе даваат оцени не само за развојот и стабилноста на земјата туку и за стабилноста и способноста на самите лидери.

Во овој европски контекст, неизбежен е одговорот кон бугарските провокации за историјата, за идентитетот и јазикот, давањето право за тоа прашање да решава само една партија (која било) е изневерување на националните стекнати права, извојувани и во војна и во мир. Сигурно дека не може да се врати она што е дадено, но затоа останува задачата да се заштити она што не е загубено. Претпоставките изнесени погоре во текстот дека е можна широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и дел од партиите на Албанците се засновани на согледувањата од анкетите, кои покажуваат тесна разлика во бројот на добиени гласови за едната или за другата партија. Според теоријата и практиката, коалициска влада се формира кога ниту една партија не може да формира мнозинство за владеење, како и при одредени кризи, национални политички или економски тешкотии. Коалициската влада има висок степен на одговорност и во принцип, ги смирува спротивставените политички расправии. Република Македонија има искуства со неколку коалициски влади од таков производ, дел успешни, други помалку.

[email protected]