Кисела Вода

Би сакал, пред почетокот на извештајот, да се му заблагодарам на галактичкиот висок комесаријат за унапредувањето во СКОРОПОСТИЖНИК. Почестен сум со вашата висока процена за квалитетот на мојата мисија, но наша должност е, во име на ВИСТИНАТА, да подвлечеме дека најголема заслуга за титулата ѝ должам на оваа невозможна земја, која секојдневно црвенее и вика откривајќи реално присуство на НЕВЕРОЈАТНОТО, БЕСМИСЛЕНОТО и НЕВОЗМОЖНОТО што се всушност трите основни карактеристики на ВИСТИНАТА.
Известување бр.08092020… скоропостижник 10121950…планета 3, Сончев Систем, Млечен Пат, Локална Група, 14 ооо ооо ооо години по Големиот Почеток.
Не беше тоа одамна. Подолго време ја следам навиката што го карактеризира главниот град на оваа невозможна земја: институциите од клучно значење за животот на граѓаните работаат и управуваат како објекти од привремен карактер. Кога прашувам некого од често многуте насобрани граѓани пред тие локации, многумина не го разбираат прашањето. Некои граѓани, ретко, објаснуваат дека тоа е од почит кон земјотресот.

Еве, на пример пред овие општински бараки со претоварен паркинг-простор пред влезот. Забележувам билборд поголем од бараката пред која е исправен и на кој е претставен грбот на општината. Еден возрасен службеник ја дешифрира симболиката на грбот и објаснува како општината се именува Кисела Вода поради три чешми што постоеле тука некаде, од кои една била со кисела вода и како тоа било свето место од памтивека и како се наоѓало во близината на еден силно утврден град и како тоа светилиште постоело и пред градот да биде обѕидан и како скопјанецот Управда наредил тука да се подигне црква и како пред тоа таму живееле монаси што биле жреци и ја знаеле тајната на светите води што извираат… На грбот три брана, над нив црква, зад сето силно изгрејсонце. Пишува КИСЕЛА ВОДА.
Го прашав каде е тој археолошки локалитет. Покажа општо, кон југ. „Кај споменикот на зависноста“ рече. „Мислите споменикот на независноста?“ прашав. Влезе во бараката…

Не беше тоа одамна. Сред барокно претпладне на велепразен Ден на независноста, помислив дека сум блиску до локацијата на локалитетот што ѝ го подарил името на општината. Предводен од чувството, се најдов исправен пред стихот на Ежен Гилвик „Ѕидовите мачно стојат простум по должината на оваа улица што се искачува и врти…“ Почнав внимателно да ја освојувам нагорнината сѐ поуверен дека местото го знам одамна. Зашумоли обилна вода во летна пладнина сред градска горештина. Сѐ погласно колку погоре освојувам. Се отвора глетка, организиран парк или случајно израснати дрвја, зад нивните сенки жуборот во терца покажува две источни места, кои се разлеваат неконтролирано, споменик од непознато потекло, кој е зараснат со постар споменик со непознато потекло, урнатини од некогашен амфитеатар… Сцена од археолошката практика на дивите копачи. На јужната страна на театарот веднаш започнува ридот од природно изникната листопадна шума со косина од околу 60 проценти. Нагорнината кон врвот на ридот е поделена со долина по чиј периметар има остатоци од потпорна ѕидарија и… скали што не водат никаде… или водат некаде и се искачуваат до врвот.

Југозападно заклучен, напуштен објект на три кнадстропја со мрачна историја. Помеѓу градбата и ридот како остатоци од дивите ископувања обилна депонија од пластична медицинска опрема во форма на проѕирен мал цилиндар со игла на едната страна… Дали се наоѓам на вистинската локација пред трите извори на светата ВОДА?
Се слушаат запрежна кола и коњи што ’ржат. На сцената на растурениот театар пристига запрега со дрвени тркала и спектакуларен костимиран кочијаш со капа каусија. Сам е. Во колата има само стар кревет, стари алишта како од фундус на напуштен театар, една необично голема книга, стара макета од некоја куќа со прозорци што прилегаат на насмеано и растажено око… Нема никој по улицата, ни зад оние неколку порти не се препознава присуство на луѓе, морничавата градба е заклучена одамна, а камбанаријата што се ѕирка во непосредната околина молчи. Што бара овој стар опитен „СТАРО КУПУЕМ“ овде?

И секако знае дека ова не е место за пазар! Сеедно, ги запира малите коњи, се исправа на колата и почнува со понудата. Ја пренесувам во целост но според сеќавање и со потребни појаснувања: „…Старо купувам, стари работи, партали, кревети, крвави клевети, нејасни корени… собирам спомени…
…прастари народи, црвени заводи, уморни невести, немирни совести, мисли несредени, погрешни сфаќања, темни шепотења (овде однекаде се слуша и хор и… музика!.. .дитирамб? или… валцер?): ’АХ ВАЊА, ТИ ВАЊА, ТИ МЕ ЗАЉУБИ ВАЊА….(музиката и хорот престануваат и повторно монолог)
Сенешто купувам, сѐ ништо купувам, сениште купувам. Старо купувам-СТАРООО!‘“
Седнува. Двапати со уздите. Зад ридот за’ржува коњ… Сѐ уште слушам одек „РООО“, кој се смирува со жуборот на двата извора. Каде е третиот? Кој беше, што беше ова со дрвената кола! На сцената пристапува спокоен елегантен граѓанин што не е воопшто вознемирен од неверојатниот настан. Не треба да прашувам. Како староседелец ги знае сите прашања и одговори.

„Човекот со колата не е трговец поединец со ветошини, туку некогашен актер иако никој не знае од кој театар. Се вика ТЕСПО и точно, тој е стар скопјанец. Легендарен е, но се појавува сѐ поретко и со сѐ пократки претстави. Последниве неколку години ги игра без публика и тврди дека аудиториумот е преполн иако публиката не е од ’вија времиња‘. Замина нагоре кај свети Јоаникиј во Ракотинци. Никој не знае дали ќе се врати со претставата. Третата чешма е во дворот на црквата ’Св Ѓорѓи‘. Местово е светилиште најмалку 7.000 години и е во рамките на населба од тоа време како светилиште и лечилиште на ГОЛЕМАТА МАЈКА. Некој филолог од Белград го открил откако со стара карта дошол на рекогносцирање на археолошките локалитети во јужната бановина во 1924 г. Од овој локалитет однел една кола со спрегнати коњи, но и една глинена фигура на бремена Мајка со големина 90 см. Три извори од кои еден е со минерална кисела вода се исклучителна божја промисла и исклучителна реткост во природата. Светилиштето на Големата Мајка низ расатежот на македонската цивилизација преминало во иницијациска архитектонска градба кај древните Пајонци, кои на врвот имале град со тврдина, која подоцна ќе ја користи Филип Македонецот, Управда скопјанецот и Отоманската Империја. И денес постои црква од 14 век на темели од 6 век и скит од 3 век. Ова светилиште со трасиран пат и скали (околу 400) е поврзано со горната крепост со силна одбрана од 12 кули и веројатно подземен тунел.

Кралството Југославија подига споменик (нема податоци во име на што), а по Втората светска војна Македонија подига споменик посветен на егејскиот егзодус и независноста. Заедно со споменикот на независноста изграден е сместувачки објект во кој живеат децата прогонети од грчкиот фашизам. Многу славни интелектуалци од Беломорието ја минале младоста овде.
Потоа власта (веројатно македонска) решава да го пренамени станбениот објект во медицинска установа. Природно се раѓа споменик на зависноста подигнат од КУПИШТЕ пластични ШПРИЦОВИ, кои според димензијата, пораката и вложените средства, далеку го засенува споменикот на независноста. Некој ги избројал сите шприцови од споменикот и само материјалните трошоци покажале вредност од 10 милиони евра, а каде ти се авторските хонорари, комисиите изведувачите, подготовката на локацијата…
Потоа власта (не се знае чија) решава да го затвори објектот“.
Најпосле успеав да изустам реченица по оваа рафална историја на невозможното:

„И СЕГА?“
„СЕГА СЕ ЧЕКА КУПУВАЧ, но не станува збор за ТЕСПО!“
На крајот прашав како знае за сево ова. Рече дека по фамилијарна традиција за чија длабина и тој не знае, тој е чувар на изворите и се грижи за водата и ги посадил сите дрвја што ми изгледаа како парк и се радува што светилиштето сѐ уште е живо со двете мали цркви кај третиот извор и е горд што општината каде што е роден го носи името по овие извори што тој ги варди од поголемо зло. И повторно на крајот прашав: „Знае ли градоначалникот за ова?“
Замина.
На крајот се прашав: „ДАЛИ ОВА НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИ?“
Крај на извештајот о8о92020 од оваа невозможна земја.
Само ако е неверојатно. Само ако бесмислено. И само ако е невозможно.
Само тогаш е вистина.