Кандидати – чисти, чесни, валкани

Заврши првата етапа од трката за градоначалници на општините во Република Северна Македонија, поранешна Република Македонија. Иако се викаат градоначалници, нивна обврска е да се грижат и за селата, но не ја носат и дополнителната титула на селски началници, што не е праведно кон жителите на селата во селска земја каква што по политичкиот менталитет и економскиот развој е сега Северна. Иако сме далеку од времето кога со македонските села и градови владееја аги и бегови, мудури и кајмаками, сменета е само формата, не и суштината. Сѐ е исто, само нив ги нема. Денес имаат поинакви титули, вклучувајќи ја и американизираната титула градски шериф, како што на многу места ги именуваат градоначалниците.

Ако во комунизмот – социјализмот претседателите на општините имаа повеќе идејно-политичка и морална одошто извршна улога, како во општината така и во државата, во последните дваесетина години е целосно обратно. Градоначалниците немаат никаква идејно-политичка улога, уште помалку морална, најмалку државна. Целата функција е сведена на остварување партиски и лични интереси, сето друго е матна вода неподложна на избистрување. Сѐ за партијата и сѐ од партијата – тоа е главното кредо на македонското наводно демократско владеење.
Ако Ристо Пенов не беше градоначалник на Скопје, уште од првиот ден ќе ја снемаше неговата сега веќе подзаборавена Демократска партија. Ако во времето на владеењето на СДСМ останеше без две-три општини пред да дојде Груевски на чело, ВМРО-ДПМНЕ ќе немаше ни за корка леб. Ако СДСМ по поразот на собраниските избори во 2006 година не ги имаше за свои Куманово со Зоран Дамјановски-Циц и Струмица со Зоран Заев, ќе беше банкрот-партија. Скопската централа беше риба на суво, немаше пари да си ја плати струјата, камоли да има пари за бензини, организации, митинзи и шарени револуции. Така ти е со општините, „половина пие, половина на Шарко му ја дава“. Само ДУИ нема гајле, има фикс кај што сака, научена е да цица од три мајки.
Како што во овие триесет години независност напредуваше слободијата, како што навлегуваше првобитниот капитализам на отворени врати, така голем дел македонски политичари од декларирани демократи прераснуваа во модерни менаџери, „дил ориентид“ лица, како што не сакајќи, случајно ги именува Груевски во својот бизнис-занес. Денес повеќето министри и градоначалници се државни менаџери – „предузимачи“, во своја корист, а на државна штета. Турканицата да се биде дел од власта е голема не само поради тоа што функцијата носи само слава и моќ туку носи и пари, каде помали каде поголеми.

Не само според озборувачи, туку според процени на добри економисти и математичари, местото градоначалник на оној што е избран само во еден мандат му ја обезбедува иднината во материјална смисла. За такви оцени не мора како репер да послужат тврдењата дека тројца од седум премиери во независна Македонија од функцијата заминаа со полни куфери пари, неброени милиони евра. Можеби е претерана изјавата на еден поранешен министер за внатрешни работи, сега во власта, кој јавно се фалеше дека може да заработува 100 илјади евра на ден, само ако сака. Не може да се тврди дека се целосно вистинити шпекулациите дека, на пример, градоначалник на Скопје, во два мандата може да оствари личен профит, во пари или имот, до десет милиони евра. Градоначалниците на урбаните скопски општини Центар, Чаир, Карпош се на четвртина, еден мандат минимум два милиони евра во пари, станови, земјишта, луксузни викенд-вили, акции, на свое или на туѓо име. Секој ден проект, тендери, дозволи, студии за оправданост, урбана мафија, улици, тротоари, автобуси, камиони за ѓубре, контејнери, договори во четири очи, провизии, проценти, перење пари, евро по евро – цела планина. Вардар тече – пари влече.
Од милион до два милиони евра во мандат гарантираат Куманово, Битола, Штип, Прилеп, Струмица, Охрид, Струга. Минимум стан во Скопје или Охрид или викендичка во општинската околина за градоначалник на помалите општини. Тука не се спомнуваат Тетово и Гостивар, за нив доаѓање до чиста математика е исто како стигнување на Марс. Можеби од горенаведеното ништо не е точно, но има и такви што тврдат дека сѐ е забележано, но нема да биде обелоденето. Дури и за Груевски не се разбра колку тежеше кога избега, иако тоа го ветуваа тие што го гонеа. Впрочем, ниедна џебна тежина на политичарите не е измерена, ни левиот ни десниот џеб. За мереното со лажната мера што се доставува до антикорупциска комисија за таму доставените листи најмногу би одговарала поговорката „мижи Асан да ти баам“.

Со претпоставките за милионски заработки на премиерите и министрите се комплетира фотографијата што ја гледаат оние сериозни фактори што ја оценуваат Македонија како земја во која владее корупција од врвно ниво до последниот државен службеник. Корупција без дно, ништо не е многу, сѐ е малку, ни срам, ни усул. Сигурно не се измислени или намерни оцените за хибриден режим, за лидери што ги крадат своите граѓани, за огромни буџети што се празнат за мали, дури и невидливи работи.
Историјата ни кажува дека во древниот Рим оние што учествувале во трка за јавни функции за време на изборите биле облечени во бело, а бела облека носеле и кога ги вршеле функциите на кои биле избрани. Блескавото бело на латински се викало „кандидус“, а носителот на јавната функција се нарекувал „кандидатус“. Попросто преведено: кандидат е оној што е бел, чист и без дамки. Кој е неизвалкан. Крајното потекло на придавката „кандидус“ произлегува од глаголот „кандаре“, што значи: блеска. Во симболиката во истата фамилија се и зборовите кандило и канделабар, предмети што треба да осветлуваат, да блескаат, а во преносна смисла што помагаат за снаоѓање во темнина или го покажуваат патот за излез од темнината. Тоа би била задачата на политичарите.
И во тогашно и во денешно време, тој поим во политичкиот јазик значел и би требало да значи – да се избираат кандидати што се чесни, кои немаат флеки, кои се без дамки и без петна во професионалниот и приватниот живот, без валканици од каков било вид зад себе. Не е сега во прашање облеката, белото и чистото имаат асоцијативно значење, што ги обележуваат карактерот, минатото, предностите и маните на кандидатот. Во некои симболични верувања за да дојдат кандидатите до целта требало да поминат низ четири врати обрабени со тешки окови и големи искушенија. До врвот стигнуваат само избраните, најхрабрите, најмудрите. Ако сакаат да ги поминат сите врати, учесниците во трката мора да се одликуваат со четири неодминливи карактеристики: со беспрекорно морално однесување, со интелектуална надмоќ, со голем ентузијазам и со знаење понекој марифет.

Каде и како да се најдат такви чисти кандидати, освен во надежите на гласачите? И овде, во Македонија, има изборни искуства и примери што сведочат за избор на совршени кандидати што своите функции ги извршувале речиси беспрекорно, иако нема човек кому не може да му се стави некоја дамка, да не му се залепи некоја етикета, макар измислена. Нема пример каде што некому не му се барало влакно во јајцето. Може да се набројуваат примери кога биле предлагани или избирани кандидати што не морале да блескаат, но биле без дамки, или обратно: биле извалкани пред кандидатурата, но блескале откако биле избрани и на тој начин ги покривале валканиците. Како што има кандидати што пред изборот биле без ниедна дамка, а на крајот од мандатот или предвреме излегле со многу валканици. Има примери на избрани кандидати што биле пречекувани со големи надежи, а заминале со изневерени очекувања. Има и категорија на вечни, а никогаш неизбрани кандидати, секогаш амбициозни и желни за слава, за моќ, за престиж или за ситни привилегии. Се разбира и за пари, особено за пари.

Историските искуства ни покажуваат дека со текот на времето императивот на чистост и чесност останал како основен изборен принцип за успех на кандидатот, но колку што бил практикуван тој принцип, безмалку во исти количества се кршел, се запоставувал, изигрувал, фалсификувал, бил злоупотребуван со измами, дури и со употреба на сила. Ретко кога со сигурност се покажувало дека чистотата и чесноста при кандидатурата ги издржале товарот на искушенијата на славата, моќта и парите, понекогаш и од предизвикот на жените. Така барем беше, така е и сега во Република Северна Македонија.

[email protected]