Кампањите и медиумската помпа

Битката во медиумите, збиднувањата и случувањата во и околу нив се интензивираат и во ова транзициско предизборие. Исто како и во сите претходни плурални лета со „софистицирани алатки“ за мека медиумска диктатура, билборди, платени политички реклами, одново атакуваат врз нашите сетила, нѐ обземаат и сурово нѐ тероризираат. Политичката пропаганда се интензивира и со постапката на интензивна информациска сугестија се обидува да го скрши, да го здроби отпорот и да ги пробие идеолошките бариери. Притоа, во свеста на граѓанинот се создаваат неверојатни слоеви на ментален парадокс, најчесто како рецидив од манипулациите, но нешто на што, најверојатно, тој (граѓанинот) доброволно се согласува, предава и го дава својот глас.
„Медиумизацијата на политиката“, односно претопување на медиумите е легитимна цел и задача на пропагандно-политичките кампањи.

Притоа врвен приоритет добиваат вредностите што се телевизични и уверливи преку медиумите, додека вистинските способности за разбирање и решавање на проблемите се далеку пониско на листата на приоритети. Да се обработи и подготви јавноста, да се завладее со нејзиниот перцептивен преглед, да се наметнат политичките визии и себеси како единствена можна опција и надеж, во сурова битка за секој глас, избирач, борба во која „гласот на абдал е подеднакво вреден како и гласот на Ајнштајн“…
Но изборите се прават за избирачите, а не за поединци или за политичките елити, иако многумина уште размислуваат и сметаат дека избирачкото тело /леви, десни, неопределени/ се корпус од уплашени, малоумни и конфузни граѓани и дека со нив може да се справи, да се управува и манипулира како и во времето на еднопартизмот…
Актуелната политика очигледно е медиумски писмена и е наполно свесна за принципите и технолошко-информацискиот карактер на стварноста. Кампањите и медиумската помпа се неодминлив дел на активната и пасивната политичка пропаганда. Во политичкиот живот сѐ повеќе се чувствува влијанието на клучните аспекти на медиумска претставување: реториката и усниот координиран настап, телегеничност, ритамот на презентацијата соодветен на ритамот на перцепцијата на потенцијалното гласачко тело, т.н. секундарна оралност – визуелна вештина на дополна на говорниот облик на содржините со гестикулација и микромимика, драмски паузи, сугестивен тембр и модерен стајлинг.
Што се однесува до политичкиот бонитет и авторитет како клучна компонента во понудата при изборите на политичкиот „лидершип“, треба да се има предвид дека сме мала и политички релативно неискусна средина, во која луѓето имаат свои политички уверувања што најчесто се изградени како севкупен и непомирлив поглед на свет. Тоа е една од важните психолошки претпоставки врз кој се трасира и формира плодна почва, каде што всушност секој може да се произведе во политички авторитет и така најчесто бидува и, еве, одново се случува и во нашето скудно транзициско битисување.

Тоа и не мора да бидат кандидати на некоја од силните партиски опции. Во крајна консеквенца може да биде и кандидат и од најслабата партија, или кој било амбициозен поединец што ќе се „почувствува“ кадарен да се вмеша во политичкиот натпревар. Тоа во нашиот бурен транзициски живот сѐ повеќе се наѕира и развива безмалку како масовна спортска дисциплина.
Кампањите и политичката пропаганда се дејност што на годишно ниво троши милијарди /долари, евра, јени, денари/. Тоа е дејност, индустрија, чија обврска, задача и цел е „контрола на умот на јавноста“. Пионерските чекори се направени на почвата на Америка во услови на развиениот капитализам во првите декади од минатиот век – мобилизирање на мислењето на заедницата во полза на одредени, економски, политички и други концепти. Логиката и целта се кристално јасни. Пропагандата во демократијата е она што во тоталитарните режими е ќотекот – постулираат луцидно социолозите, психолозите, филозофите. Една од клучните промени во новата информациска доба е изменетиот начин на кој бараме, примаме и ги користиме информациите. Во бомбастична и сѐ подраматична реалност што секојдневно ја живееме, ни се нуди мени што ја претпочита политичката илузија наместо конкретната прагма и резултанта чија вредносна супстанција, економски е мерлива со показатели што се видливи и секојдневно ги препознаваме и допираме и живееме
Кампањите и информациите сфатени како јавно и општо добро, кое се дифузира во комуникациската заедница заради јавно информирање и едукација, како и овозможување на демократскиот процес (јавна дебата и избори), сега имаат поинаква функција. Достапните информации не поттикнуваат рационална јавна дебата за клучните прашања и не ги прават нужно граѓаните политички посвесни, ниту пообразовани. Информирањето се реализира како интерактивна игра во која забавата има многу важна улога. На пример, политичкиот натпревар што се одвива во кампањите на медиумските арени е следен од публика, чие однесување повеќе наликува на спортски фанови отколку на рационална јавност што непристрасно и со студени глави ги одмерува аргументите на противниците.

Стара вистина е дека во политиката и маче и куче спијат заедно кога се во прашање освојување на власта, интересот и сѐ што следува. Либерализмот и социјализмот како економски теории и политички идеологии радикално различно го сфаќаат човекот, а следствено и општеството и државата и односите што владеат во нив. Но при средбата со демократијата добиваат заеднички наслов и стaнуваат потенцијални сојузници, при што идеолошките разлики во голема мера се уриваат. Во предизборна баражна ескалација за освојување на власта се нуди сѐ и сешто, од нереални високи плати, до куп шарени политички илузии, со несогледливи погубни последици по државните и националните интереси.
А медиумите? Колку во суштина денешните медиуми служат за манипулација со јавноста и колку однатре може да се манипулира со структурата и содржината на самите медиуми и пораките што ги емитираат?
Драматичен пад на угледот на политиката се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека пронаоѓањето на вистината е воопшто можно. Политиката изгледа како лажиран систем во кој членови на различни политички опции се натпреваруваат за добро платени работни места, а не за победа на идеи или во име на поголеми колективни интереси.
Но само праксата е критериум на вистината, ветувањата и резултатите на политичкото дејствување се огледаат, проверуваат и верифицираат едноставно и единствено во нашата секојдневна „тажачка“ – живејачка, во реалниот живот.