Како ќе го делиме Крали Марко?

Македонско-бугарскиот спор не е производ на некакво недоразбирање, ниту пак ќе се реши ако го поделиме Крали Марко во историската комисија. Актуелните бугарски позиции целат кон разградување на македонската културна посебност и впивање на Македонците и на „поголемиот дел“ од Македонија во бугарската нација. Слично како и грчкото вето кон Македонија и бугарското вето е „Дамоклов меч“ над македонската државност и злоупотреба на европската интеграција за остварување на своите најмрачни национални интереси

Македонско-бугарските односи се убедливо најлоши по демократизацијата на двете земји и падот на Железната завеса и тоа е голем срам за политичката елита и за интелигенцијата и на двата народа. А можеше да биде поинаку…
Блескавото отворање на современите македонско-бугарски односи започна со храбриот бугарски потег за еднострано признавање на Македонија на 15 јануари 1992 година, кога некогашната Европска економска заедница одлучи да не ја почитува одлуката на сопствената Бадинтерова комисија и да не ја признае новата македонска држава. Тогаш започна трнливиот пат за одбрана на македонската држава и никако да заврши оваа последна македонска голгота. Во тие тешки моменти, кога воениот виор ја зафаќаше цела поранешна Југославија и кога Грција ја започна својата морничава игра за поништување на македонската државност, Бугарија беше најблизок македонски сојузник, го одби новиот „Букурешт“ предложен од Атина и многу помогна во меѓународното признавање на Македонија од Русија, која долго време остана единствената постојана земја-членка на Советот за безбедност на ООН зад македонската независност и македонското име. Визионерското лидерство на тогашниот бугарски претседател Жељу Желев јасно препозна дека одбраната на македонската држава и на македонската демократија е најдобра бугарска балканска политика, гарант за стабилност на Балканот и брана од влез на Бугарија во нови луди балкански авантури.

За жал, сега Бугарија ја игра најлошата можна улога и предничи во разградувањето на сите темели и потпорни столбови на македонската државност. Не знам како не согледуваат дека овој пат повторно ги носи во нова бугарска национална катастрофа, но токму тоа се случува кога изостанува отворен и искрен македонско-бугарски дијалог и општо дијалог помеѓу сите балкански народи.
Јас никогаш не сум припаѓал кон главниот тек на македонските општественици, кои отсекогаш гледале со потценување и презир кон Бугарија. Не ми бил никогаш јасен и тој негативен набој кон сѐ што доаѓа од нашиот источен сосед. Македонците и Бугарите се блиски народи, со меѓусебно испреплетена историја, и, за жал, со неколку кратки и крвави епизоди, кои и натаму ги обременуваат заемните односи. По таа кратка епизода во 1992 година, се чини дека и двата народа се вратија кон своите заемни предрасуди и стереотипи, со таа разлика што говорот на омраза кон Бугарите во Македонија го има само на маргините на општеството, додека, пак, тој во Бугарија стана главен политички наратив кон Македонија.
Јас имам огромна почит кон Бугарија и се трудам колку што е можно повеќе да бидам во тек со современата бугарска книжевност и публицистика. За жал, како и повеќето Македонци, не умеам толку добро да ги разликувам суптилностите во дневната политичка дебата за да можам да ја следам со разбирање. Но истото тоа може да го каже и секој Бугарин за Македонија.
Клучниот проблем во македонско-бугарските односи е тоа што ние, всушност, не се познаваме и не зборуваме непосредно едни кон други. Ние во Македонија имаме создадено едно „страшило“ на кое сме му ставиле назив „Бугарија“, а тие пак имаат исцртано една грда карикатура на која ѝ ставиле име „Македонија“. Па кога Бугарите зборуваат кон нас ѝ се обраќаат на карикатурата, а ние, пак, дебатираме со „страшилото“. Дијалогот ќе започне кога ќе ги спалиме „страшилото“ и карикатурата, па ќе започнеме конечно да се запознаваме.

Во моментов Македонците, како народ, се преплашени. Непромислената одлука за промена на името, реализирањето на Тиранската платформа, „реформите“ на образованието и откажувањето од сопствениот идентитет во преговорите до Бугарија ги разградуваат сите атрибути на македонската државност. Македонците, мнозинството во Македонија, не даваат веќе легитимитет на ова чудовиште што им расте пред очите и кое другите го нарекуваат „Северна…“ и сметаат дека ќе бидат паричка за поткусурување при некоја идна поделба на Балканот по етнички граници. Да не зборуваме дека овие налудничави политики ја поништија сета борба на македонскиот народ за сопствена култура и за сопствена држава.
Преспанскиот договор ги повампири најгрозните национализми кај сите македонски соседи. „Северна…“ на Балканот ја читаат како доказ дека Македонците се вештачка нација, а грчкото вето стана инструмент за секој злонамерен балкански чинител. Тоа е суровата реалност, без разлика колку се обидуваат да ја премачкаат со бои на европската интеграција.
Може секојдневно официјална Софија да повторува дека ја почитува македонската независност и дека не ја оспорува македонската самобитност, но конкретните потези на бугарската политика кон Македонија се токму спротивните – се става динамит под сето она што значи македонска посебност. Во очите на македонските граѓани се чини дека Бугарија, со овие непромислени (или длабоко промислени) потези, само фаќа место за себе на масата при таа идна нова поделба на Балканот „по етнички граници“, сонувајќи дека „македонскиот дел“ при ова распарчување ќе заврши во „заедничката татковина“ (народи со „заедничка историја“ и со „заеднички јазик“ евентуално се обединуваат во „заедничка нација“).

Не сакам и јас да се придружам кон хорот на балканските касандри, но јасно е дека не е можно прекројување на границите на Македонија без крвава војна, како онаа што ја следевме во Босна и Херцеговина за поделба на земјата до последното ритче, камче и поточе. Членството во НАТО не е никаква гаранција за македонската државност и за неповредливоста на македонската територија. Да бидам уште појасен, ниту НАТО, а ни САД нема со прст да мрднат при едно вакво сценарио на внатрешен распад.
За жал, веќе не е можно да се вратиме кон славните моменти од 15 јануари 1992 година. Во Софија не е замисливо никакво признавање на македонската посебност и целата бугарска политика се вкопа во тие позиции. Декларацијата на бугарското собрание од 2019 година е донесена едногласно и таму јасно се изложува дека од Македонија се бара да се признае дека сме еден народ и дека зборуваме ист јазик, а и клучната бугарска културна установа, Бугарската академија на науките, излезе со уште потврда декларација. Бугарија сега има стратегиска цел да ги оствари овие свои позиции. И оваа бугарска едногласна позиција е влез во нова бугарска национална катастрофа, иако ретко кој во Софија го согледува тоа.
Така што, македонско-бугарскиот спор не е производ на некакво недоразбирање, ниту пак ќе се реши ако го поделиме Крали Марко во историската комисија. Актуелните бугарски позиции целат кон разградување на македонската културна посебност и впивање на Македонците и на „поголемиот дел“ од Македонија во бугарската нација. Слично како и грчкото вето кон Македонија и бугарското вето е „Дамоклов меч“ над македонската државност и злоупотреба на европската интеграција за остварување на своите најмрачни национални интереси.