Како поради идиоти го замразив комунизмот, а на пат сум да ја замразам и демократијата

Драги мои, би сакал да доживеам еден ден, молам бога ако може да направи некако тоа да биде некој ден во најблиската можна иднина, во најскорото утринско осамнување, едно утро што ќе дојде со тресок и пискотници, кои ќе ме кренат од кревкиот сон за посрамено да застанам пред себеси, простум да паднам на колена и да молам прошка за сѐ што сум кажал, а било лага, измама или заблуда за себеси и за другите. Јас мечтаам ова да е само илузија, тажна и болна опседнатост со нешто што во реалноста не постои. Нешто што во суштина го нема. Јас и на најголемиот непријател би му ги измил нозете и испил водата ако сево ова што ни се случува во последните четири години не е стварност, туку фантазија, конструкција на завист, инструкција на подмолен ум. На мојот, самоподмолен ум. И разум. Јас би сакал ова да е сон, роман во кој идиотите мишкини се тие што мудро зборуваат за убавината со која ќе го спасат светот. Јас би сакал тоа утро да сум беден Раскољников што во коридорот на судбината ќе се сретне со самиот себеси и ќе направи сѐ за злосторството да не го направи, а казната да ја плати, дваж ако не и триж, па и четириж пати повеќе.

Нема како освен со поетика, на работ на патетика да се произведат здраворазумни состојби со кои по катаљардити пат ќе си го поставам прашањето: да не можеби грешам? Да не можеби има нешто што не го знам? Нешто што не можам да го видам? Нешто што не ми е дадено да знам, да го спознаам и разберам. Сигурно постои такво нешто. Лоренс Петер безмалку докажа во своето „правило“ дека секој од нас во еден момент во животот го достига степенот на своето незнаење. Ви пишував за тоа. Го достигнав ли јас моето незнаење? „Сомневањата во сѐ и секого ќе бидат заменети со братска љубов, општа доверба и заемно разбирање!“ Тоа е реплика на мојот Стево од „Кино Љубов“. Тоа сум го мислел во далечната 1990 година кога на распад беа комунизмот и молчењето, а капитализмот и демократијата се нудеа како единствен простор за слободата на говорот! Има една анегдота што сум ја слушал како млад човек, а зборува за еден струмичанец што во комунизмот, на седумнаесет години, во спортската сала „Партизан“ (ми се чини) за време на спортски настан фрлил летоци во кои повикувал на борба за слободна и независна Македонија надвор од Југославија. Бидејќи бил малолетен, не го осудиле. Од „Амнести интернешанал“ застанале во одбрана на неговото право да повикува и да се бори за слобода на сопствената земја.

Но дебело си ја окркал. И тој, и неговото семејство. Дваесетина години подоцна паднал комунизмот и дошла слободата. И кога првпат се организирале избори, некои вмровци отишле да го бараат да ѝ се приклучи на партијата што се залага за слободна Македонија. Тој ги одбил и дополнително им рекол дека не само што нема да им се придружи туку ќе гласа за комунистите. Вчудовидени, вморовците го прашале зошто ќе гласа за комунистите кога комунизмот му го уништил животот. Тој мирно им рекол: „Мене не ми го уништи животот комунизмот, туку абдали како вас!“ И кротко се прибрал дома. Триесет години подоцна, работите се променети. „Светот е повторно превртен наопаку. И Македонците пак се со главата надолу“. Ова е дијалог од филмот „Солунските атентатори“. И, ете, сега си го поставувам прашањето, ако најголемиот идиот што мајка го родила од Олимп на југ до Кораб на север е апологет на слободата и демократијата, треба ли поради него да ги мразам и демократијата и слободата?! Не вреди поради абдали да го намразиш падишахот, но на великиот везир сосе царот и целата царска порта слободно може да им се напцуеш мајка најсочно на свет. Но она што ме натера повторно да си ги поставам секогаш нужните прашања на себесомневање е денешната, на осумнаесетти јуни две илјади дваесет и првата година, напишана и објавена колумна во „Нова Македонија“, значи на истите овие страници што сега ги читате, од нејзиниот автор д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, или како и да се нарекува таа институција со она друго име. Застрашувачко е, да, барем јас така го доживеав она што на крајот, како цитат се нуди во вид на парабола, а во суштина е завет на човек на извесна возраст. „Дали би гладувал, би плачел, би се тепал? / Дали би се кинел себеси, дали би пиел оцет? / Би јадел крокодили? Гледаш, јас би… (Шекспир)“ (Котеска, страна 73). За Македонија, …., јас би, а вие? Вознемирен сум, драги мои, од фактот дека седумдесет години подоцна, од оној 11 Октомври 1941 година ние сѐ уште сме во илегала, во партизанска борба против фашизмот на фашизмот, против фашизмот на комунизмот и против фашизмот на капитализмот, да му се сневиди. Ова што академик Коцарев го напишал е на ниво на онаа литературна измислица, а е прифатена како вистинита клетва за борба за слободата на Македонија правена врз Библија, револвер и кама. Како дојдовме, драги мои, до тоа да се кинеме себеси и да јадеме крокодили, денес, во завет за Македонија.

Ви се верува ли? Јас би сакал ова да не е вистина. Сето тоа што го напишав на почетокот на ова писание на себесомневањето во мојата убеденост да не е сон, туку живот, поголем од идејата на истиот тој Шекспир, што академик Коцарев го цитира, и кој навистина нѐ убеди дека „животот е сон“ или она што го вели Хамлет: „Актер беден кој час или два се перчи на сцена, а потоа умира и потоа никој не го гледа“. Се плашам дека премногу шекспировски патоси се собираат во сите нас и да не можеби на најпогрешниот можен начин се самообидуваме да се самоубедиме себеси, а со тоа и другите во вистинитоста на ова што го живееме и во единствениот можен пат за промена на оваа вистина преку борба, во која треба да бидеме подготвени да гладуваме, да плачеме, да се тепаме, да се кинеме себеси и да пиеме оцет… за Македонија. Не се сомневам во академиковата убеденост во своите мисли и зборови.

Како што не се сомневам во сопствените, впрочем?! Или не се сомневам сега, додека го пишувам ова дека не се сомневам. Подготвен ли сум јас да го направам сето она што се сомневам дека треба да го направам? И пак на почетокот? Веќе сум на извесна возраст. Да не можеби нешто грешам? Да не можеби има работи што не ги знам, не ги гледам и не ги разбирам? Сигурно дека има. Ама јас не ги знам, не ги гледам и не ги разбирам. Ми се чини дека ако ни се случи револуција сега, верувам дека има шанси да успее, да го цитирам уште еднаш академик Коцарев, само ако е предводена од луѓе подготвени да гладуваат, да плачат, да се тепаат и да се кинат меѓу себеси… за Македонија, јас би, а вие? И за да не остане неразбрано, јас исто така, немам никакви дилеми дека Република Северна Македонија ќе пропадне во измет и урина. Така рекол свети Августин за нашето раѓање. Дека се раѓаме во измет и урина. Овој пат, нашата смрт ќе биде, да ме извините, во сопствените мочки и лајна. Република Северна Македонија е создадена да се урниса во крвав антагонизам. Република Северна Македонија е тумор што мора да се извади со голи раце од сопствениот стомак. Или ќе си го самоизвадиме туморот во болна агонија или ќе умреме во лелеци и јад. Звучи проклето идиотски? Знаете ли кој кажал дека убавината ќе го спаси светот? Ви спомнав погоре. Бадијала се сите Зосими и Алјоши на овој свет.

Авторот е режисер и универзитетски професор