Како ни ја продадоа сенката

„Хилјада седимстотин и шесдесет и второ лето в Охрида од Цариграда дошел Салаор. Еј! Дошел Салаор“. Точно пред двесте шеесет и две години се случило укинувањето на Охридската архиепископија. На денот на својата свадба, Григор Прличев во дворот на семејната куќа првпат ја испеал песната за која ги напишал стиховите и музиката. И во оној миг песната станала народна, односно во нејзини различни верзии се пее од тој ден, па до денес. Песната зборува за тоа како архиепископот Арсениј во немоќ да направи што било за да ја заштити црквата, ги проколнува тие што ја уништиле.
Драги мои, понекогаш се прашувам нели си здодеавме самите себеси обидувајќи си да си објасниме не знам по кој пат работи што не се објаснуваат? Не, доколку разумен човек бара разумно објаснување за неразумности. Се сеќавам на една таква неразумна работа уште како дете. Беше лектира за петто или шесто одделение и често ја споменувам и ден-денес. Тоа е новелата „Петар Шлемил“ на францускиот Германец Аделберт Шамисо, кој подоцна разбрав, замислете, заради забава на деца ја напишал онаа неразумна приказна за човекот што си ја продал сопствената сенка! Ја знаете, претпоставувам? Ќе ви ја раскажам по сеќавање.

„Еден човек, ми се чини беше богат гроф, еден ден од обичниот и сосема скромен граѓанин Шлемил ќе побара да му ја продаде сенката. Аргументите на грофот му се едноставни: што ќе ти е сенка? Не ти врши никаква работа. Ако ја имаш, не ти тежи, но и ако ја немаш, не губиш ништо? И разумниот Петар ќе се согласи, затоа што тоа му звучи логично. А и грошовите му се потребни. Но како што одминува времето, гледа дека нешто му недостига. Неговата сенка. Одеднаш сите почнуваат да забележуваат – дека господинот Шлемил нема сенка! И кутриот Петар ќе отиде да си ја побара сенката. Но и покрај тоа што ќе ги понуди парите назад, грофот на крајот ќе прифати да му ја врати сенката, но само ако Петар се согласи да му ја продаде душата, откако ќе умре од природна смрт! Најпосле, што ќе му е душата на Петар по неговата смрт? Нели е тоа логично прашање?“
Разумно е, драги мои, како што е сосема разумно прашањето на Бугарија: Зошто не ни го продавате јазикот кога веќе си го продадовте името? Што ќе изгубите со тоа? Бадијала зборувавме уште кога почна оваа работа со продажбата на Сенката: дека по Сенката ќе дојде душата, а по душата, телото веќе нема зошто да постои. Така ви е тоа. Прво ја продавате сенката, потоа душата и на крајот нема суштина што ќе го обликува телото на еден човек, на група луѓе или на цел еден народ. Таа работа нема врска со количеството како категорија. Истото тоа важи и за еден и за сто и еден.

Се плашам дека следниот „логичен“ аргумент што ќе ни го понуди богатиот другар Гроф (замислете, сум ги слушал најголемите олигарси, оридинираната македонска лумпенбуржоазија, луѓето што поседуваат цели градови како меѓу себе си се ословуваат со „друже!“) е дека со продажбата на душата нема да изгубиме ништо, затоа што со парите што ќе ги земеме откако ќе заминеме на оној поубав горен свет на европското небо, со тие грошови таму ќе си купиме сѐ што сакаме. И верувам дека стотици илјади ќе го поддржат во таа продажба на нивните души. Како што го поддржаа во продажбата на нивните сенки. Предупредува проклетиот Прличев и на таа работа, па пее: „Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, да се мразат син со татка и со брата брат. Еј! И со брата брат“.
Да не се лажеме, јазикот не секогаш е обележје што е суштествено за една нација. Да не споменувам многу примери, доволни се само Шкотите, Ирците, Велшаните, Индијците. А и Прличев, меѓу другото. Но јазикот е душата на еден човек.

Јазикот е она со кое еден народ општи главно помеѓу себе, главно за нешта што му лежат на неговата душа. Сетете се само, драги мои, кога во некоја странска земја ќе се сретнете со некој сонародник Македонец со кого прв пат се гледате некаде таму далеку од дома. И одеднаш ќе си прозборите на својот јазик. За што си зборувате? За она што ви е во душата, на душата и од душата! Така јас го доживувам ова со „давањето“ на јазикот. Како давање на душата на архиѓаволот. Како отплата на грев што не сте го сториле. Немам никаква дилема. Човекот што формално ја врши функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија е подготвен на сѐ. Да бидеме реални, тој нема повеќе на каде. Тој, сега, дури и да сака да отстапи, нема таква можност! Секој чекор назад за него е пат кон амбисот, кон неговата пропаст. Но секој чекор напред е можност за спас. Тенкичка додуша, ама сепак е некаква можност. Така што тој човек ќе прифати сѐ. И тоа неговиот Гроф многу добро го знае. Си ја продаде веќе сенката, сега е на ред душата.

Додуша заедно со неговата тој ја продава и нашата душа, и тоа е единствениот проблем во целата ова купи-продај души работа. Кај и да е, ќе започне кампања за тоа дека ние, простите и примитивни, антиевропски елементи и егоистични душегрижници со тоа што не сакаме да си ја продадеме својата душа го кочиме нивното телесно воскресение во евроатлантскиот рај, каде што мед и млеко течат насекаде, треба само да се наведнеш и да ги изедеш и испиеш!
Се плашам мене да не ме обвинат дека не ја давам душичката ми затоа што еднаш во гимназија, мислејќи на мојата душа, направив парабола за особената состојба на расказите на Чехов како антипод на руската душа! Кај и да е, ќе прашаат, што сте се фатиле за тој јазик, за таа историја и за тој Делчев. Гоце ли ќе ве храни?! Ама како да објасниш на слепец што е бело? Ако му речеш дека белото е како снег, тој ќе мисли дека белото е ладно! Така не можеш да му објасниш на човек без душа, на луѓе што веќе си ја продале својата душа дека точно тој Гоце Делчев го храни не моето тело туку мојата душа и дека ти не можеш да се наречеш сит човек ако ти е душата гладна. Ако ти е душата празна, бадијала ти е мевот полн! Еве го и десетиот стих: „И ќе викнете до Бога и крило не ќе најдете, смирени ќе наведете глави доземи. Еј! Глави до земи.“

Мислев дека e бесрамник оној што се колне во мртвите предци, живите родители и малолетните деца, јавно на телевизија, и тоа неколкупати пред целиот народ. И дека таков човек не е ништо друго освен едноклеточен организам, кај кого има потполно отсуство на личност. Затоа што невозможно е да имаш личност, а да не го направиш тоа за што јавно си се колнел. Тогаш мислев дека тоа е дното. Но, како и секогаш, наивно сум се лажел, затоа што тој организам, тоа тело, освен сенка за продавање, има и душа. И ако сега е јасно дека тоа е така и дека душата ќе ни биде продадена, но што е следното, драги мои? Ако ни ја продадат душата, сосема е разбирливо дека телото ќе биде раздадено, распарчено и расфрлано. Фрлено на кучињата скитници и дивите чакали што вијат под Беласица. Гробот нема да ни се знае. Оти кои деца и внуци утре ќе сакаат да го паметат животот на некој што си ги продал сенката, душата и телото? Сетете се на некој таков во вашето семејство? Да бидеме искрени. Сите имаме по еден предок што поради ова или поради она си ја продал душата. Кој го споменува? Никој. Зошто? Затоа што се срамиме од него. Ете, тоа ќе се случи и со нас ако си ја продадеме душата. Ќе срамат од нас оние по нас. Оти, ќе има век и наши и по нас! Така било, така е, така и ќе биде.

И ќе бидат запаметени сите како што Прличев ги запаметил и во кулминацијата од песната, може долно, може својствено на жена портарка, но во гнев што трага по одмазда: „Ох, послушај милиј Боже! Аир никогаш да немаат Стамче беј, Бујар Лигдо и Пејко Челеби! Еј! Пејко Челеби“. Не завршија Прличевци, драги мои. Ќе ги испеат во најцрните стихови испреплетени во пајажината на предавствата на својот народ! Боже, гледам и не ми се верува, мислат дека ова ќе трае вечно? Мислат до крајот на светот, до последната жива душа ќе има кој да ги штити од неправдите што му ги чинат на сопствениот народ?! Боже слепци? Мислат не паметиме дека за истото зло и истите злосторници се работеше и четириесет и деветтата? Исто Македонци беа обвинувани за македонство, фамилиите им беа обесчестени, имотите разграбени, а тие самите осудени и затворени токму поради тоа што не сакале да си ја продадат душата! Ама, немојте, знаеме сѐ. Сеќавашто е.

И знаеме како ќе заврши сето ова. Никогаш не сакам да проповедам. Уште помалку да делам совети, но запаметете, вие, кои еден ден, кога повторно ќе се преврти тркалото на историјата и на вас ќе падне тешкиот товар да ја градите татковината одново: не ви се солуѓе оние што си ја продадоа својата сенка за пари. Не ви се собраќа тие на кои вашите татковци им простија за нивните и злосторствата на нивните дедовци – а тие се смееја поради тоа! Не ви се сонарод тие со кои го поделивме срцето и ги нарековме браќа – а тие нѐ презираа поради тоа! Не ви се сожители тие што ги примивме во својот дом и го споделивме со нив – а тие нѐ мразеа поради тоа! Не ви се семејство оние на кои им го дадовме најмилото – а тие го отфрлија и им го предадоа на други, туѓи луѓе! Не ви се ништо тие на кои, и покрај сѐ, им ја подадовме од труд нашата корава рака – а тие ја исплукаа! Ќе ги познаете по тоа што немаат душа. Си ја продадоа за пари. А некои од нив, најлошите од нив, само за ветување. Оградете се, омеѓете се, раздржавете се од нив, ќе сакаат да ја земат вашата душа. Најпосле, Богу Слава, и денес нѐ има секакви. Такви што веруваат дека човек без душа нема како да живее на овој, а уште помалку како да замине на оној свет.

Но има и такви што веруваат дека животот се живее еднаш, тука и сега, и без сенка и без душа. Такви имало отсекогаш. И двесте четириесет и две години пред укинувањето на Охридската архиепископија. И тогаш некои мислеле дека се живее достоен живот без сенка и душа. Таквите денес ич да не се грижат за тоа што пее Прличев во последните стихови од „Хилјада седумстотин шеесет и второ лето“: „Милостивиј Бог послушал патричка горешта клетва, слава нивна, семе нивно погубил со шум. Еј! Погубил со шум. И сега во куќи нивни ткае пајак пајажина и во пусти стреи нивни хукаат утови, Еј! Хукаат утови“.

Авторот е режисер и универзитетски професор