Како на богатите гледаат Американците и Балканците?

Нималку не е случајно тоа што сиромашните македонски граѓани не само што не се однесуваат со воодушевување и почитување кон богаташите туку имаат анимозитет кон нив, бидејќи сметаат дека токму тие се виновни за бедата со која се соочуваат!

На средината од минатиот век Американецот Хауард Хјуз важеше за најбогат човек не само во Америка туку и во светот. За личноста на овој богат човек се врзуваа голем број мистерии. Мошне ретко се појавувал во јавноста. Новинар на еден печатен белградски медиум (поради големата историска дистанца, за жал, не се сеќавам ни на името на новинарот, ни на медиумот во кој беше објавен неговиот напис) се нашол, заедно со свои американски колеги, на некоја ексклузивна локација во Њујорк. Кога го здогледале американските новинари потрчале да го видат одблизу. Новинарот од Србија останал сам, не поместувајќи се од местото на кое стоел. Кога се вратиле американските новинари го прашале зошто не дошол да го види одблизу Хауард Хјуз. А, зошто да го видам, прашал српскиот новинар. Американските новинари му рекле дека тој е најбогатиот човек во светот. Па, што ако е најбогат, прашал српскиот новинар.
Неупатен човек може да се чуди зошто Американците се воодушевуваат и со почит се однесуваат спрема богатите луѓе. Тие знаат дека богатство во демократска земја, со пазарна економија и владеење на правото, може да се стекне само со паметна и напорна работа. Хауард Хјуз станал милијардер, магнат, благодарение на тоа што бил инвеститор, авијатичар, филмски продуцент, инженер-конструктор на големи авиони итн. Во медиумите бил присутен како филантроп и како човек што имал врски со, во тоа време, најпознатите холивудски ѕвезди, меѓу кои Кетрин Хепберн, Ава Гарднер, Рита Хејворт, Мерилин Монро и други. Бил роден во 1905-та, а починал во 1967 година од неухранетост!?

Индиферентноста на српскиот новинар кон најбогатиот човек во светот може да се разбере ако се има предвид дека во тоа време Југославија беше социјалистичка земја, а во социјализмот важеше принципот на уравниловка како битен предуслов за правично општество. Во седумдесеттите години од минатиот век социјалистичкиот систем почна сериозно да заринкува, а една деценија подоцна ја загуби трката со капитализмот, така што се наметна потребата за радикални реформи, особено во областа на економијата. Овие реформи беа означени со синтетичкиот израз транзиција! Сите поранешни социјалистички или, како што некои ги нарекуваат, посткомунистички земји пристапија кон транзиција на своите системи по примерот на развиените капиталистички земји. Некои посткомунистички земји направија мошне успешна транзиција. Во овие земји беа воспоставени демократија, пазарно стопанство, владеење на правото, почитување на правата на човекот и на другите цивилизациски вредности. Други посткомунистички земји, за жал, имаа(т) мошне неуспешна транзиција и, наместо прогрес, бележат регрес во општествено-економскиот и политичкиот живот. Посебно влијание на (не)успехот на транзицијата имаше моделот за приватизација на општествениот/државниот капитал во одделните посткомунистички земји!

Македонија и другите земји што настанаа по распадот на СФРЈ, освен Словенија, за жал, имаа(т) мошне неуспешна транзиција, првенствено поради погрешниот модел на приватизација на општествениот, односно државниот капитал! Со криминалната приватизација, која во Македонија беше направена по принципот „шок-терапија“, македонското општество беше поделено на мошне мал број богати луѓе (на основа на некои процени тој број се движи околу 1 отсто од вкупното население во државата) и огромно мнозинство сиромашни граѓани. Со ваквиот приватизациски модел дојде до затворање на голем број фабрики и до отпуштање огромен број работници, што доведе до зголемување на и инаку големата невработеност во државата. Богатите луѓе се збогатија со поддршка и/или со помош на политиката! Дали во Македонија може да се посочи богат човек што се збогатил како што се збогатил Хауард Хјуз во Америка?

Нималку не е случајно тоа што сиромашните македонски граѓани не само што не се однесуваат со воодушевување и почитување кон богаташите туку имаат анимозитет кон нив, бидејќи сметаат дека токму тие се виновни за бедата со која се соочуваат! Сиромашните македонски граѓани со задоволство гледаат како некои алчни политичари и бизнисмени, поради арамилакот на народни пари, се апсат со лисици на рацете или како секојдневно пред судовите ја докажуваат својата „чесност“!

За разлика од Македонија, која, за жал, не може да се пофали со ниеден државник со визија за иднината на државата, Словенија секогаш имала мудри државници, кои воделе сметка за државата и за нејзините граѓани! Едвард Кардељ во 1939 година има напишано дека Југославија е транзитна станица кон независна Словенија! Плејада словенечки политичари постојано водеа и водат сметка не за нивните лични интереси, туку исклучително за интересите на Словенија и нејзините граѓани и нималку не е случајно што ООН за најодржлива земја во светот ја прогласи токму Словенија!

Транзицијата во Словенија е насочена на создавање добро правично општество, а не на промовирање богатници. Пред петнаесетина години во разговор со еден словенечки дипломат во Варшава, прашав дали во Словенија има тајкуни, а тој ми одговори дека за најбогат човек во Словенија се смета еден приватник што работи со багери и слична механизација и кој со таков бизнис се збогатил уште во времето на социјализмот! На крајот морам да кажам дека сум вчудовиден од огромниот порив на македонските политичари и бизнисмени за лично богатење! Мене, поради скромноста и чесноста, најомилен политичар ми е Хоза (Пепе) Мухика, кој од 2010 до 2015 година беше претседател на Уругвај и кој 90 отсто од својата плата донирал за обезбедување покрив за самохрани мајки, со својата сопруга живее во скромна куќа од 40 квадратни, на работа одел со „фолксваген-буба“ од 1968 година. Поради неговата скромност и чесност многу светски медиуми го прогласија за најомилен претседател во светот. Голем број светски медиумски компании за него имаат снимено многу филмски записи. Српските медиуми пред околу две години објавија дека светски познатиот режисер Емир Кустурица изразил желба да сними филм за најомилениот претседател во светот и, по негова покана, Мухика дојде во Србија, меѓутоа, српските медиуми не објавија дали е снимен најавениот филм за него!? За Мухика имам објавено неколку написи, кои се содржани и во мојата книга „Заробена наместо преродена“.
Авторот е поранешен дипломат