Како исчезнуваат книги и имиња?

Откако ќе биде постигнат договор со Бугарите за заедничка историја и за Гоце Делчев, што друго ќе се поставува како дилема во новите книги? Во таа смисла, еве, едно ненаградно, во моментов крајно глупаво прашање: дали по тој пријателски чин главна тема во весниците и во историските дебати ќе биде дилемата чии градови биле Охрид и Прилеп? А можеби Велес и Скопје?

Ќе ви раскажам една вистинита случка како исчезнуваат книгите. Ништо не е измислено, сѐ се голи факти. Настанот е од моето, веќе далечно минато и барем мене ми говори дека времињата врват, но некои нешта колку навидум да се менуваат во заднината остануваат исти.
Еве ја приказната. Дел од воениот рок во Југословенската армија (ЈНА) го служев есента 1974 година во Струмица. Секоја година во армијата се одржуваа квизови на знаење, прво по чети, па по баталјони, па по гарнизони, републички и на крајот сојузни меѓу петте (или беа шест, не се сеќавам) армиски области. Во ноември таа година како единствен војник со завршен факултет бев одреден заедно со уште еден војник и една девојка од Струмица (името ѝ беше Роза) да ја претставувам нашата чета. Роза, како и други девојки, во војничкиот состав беше вклучена како дел од јакнењето на армијата со граѓанскиот сектор и како врска со самиот град.

Да не должам. Ние победивме во струмичкиот гарнизон, потоа ја победивме екипата на штипскиот, бевме први, ги победивме фаворизирани скопјани од скопскиот, во Домот на армијата, на јавен натпревар, пред публика, станавме победници на целата област. Како нејзини претставници во средината на декември учествувавме на сеармискиот натпревар одржан во Домот на ЈНА во Белград, исто пред публика. Освоивме второ место, првото ни побегна поради мое мало невнимание, иако до денес тврдам дека дадов точен одговор. Ова последново го соопштувам не за тврдам дека и во војската работите се местеле, туку да кажам дека речиси цело време, уште од касарната во Струмица до финалето во Белград, постоеше некоја друга фаворизирана екипа на која ѝ се даваа поголеми шанси и логистика.

Ние од почетокот до крајот бевме туркани на страна, нашиот тим беше пешадија, најбезвредниот род по својот образовен состав, затоа нашите успеси се сметаа за најголемо изненадување. Телевизија Белград во една од емисиите посветени на ЈНА даде целосна снимка од тоа финално натпреварување.
Како и да е, по враќањето во Струмица, еден прекрасен град, втор по љубов зад мојот Ресен, како заслуга, од пешадинец, бев префрлен да служам во Домот на ЈНА, поточно во библиотеката. Таму на големо се зборуваше дека по Нова година ќе има контрола на работата на домовите, затоа сѐ требаше да биде како по конец.

Главна беше наредбата „све да сија ко пицино око“, иако такво око ние војниците не гледавме. Едно утро на ред дојде библиотеката. Ги извртевме сите книги. Забележав дваесет-триесет наслови чии автори беа српски и хрватски политичари, филозофи и социолози, политички проскрибирани и елиминирани при големиот судир, кој уште не беше докрај окончан, меѓу титоистите и тогашните таканаречени либерали. Бидејќи претходните две години бев новинар дописник на „Нова Македонија“ од Белград ми беа познати тие околности и имиња.

На началникот на Домот на ЈНА, Јанко, му ги предочив околностите и му предложив тие книги да ги тргнеме на страна, да нема евентуални проблеми и да не биде земен на одговорност, ни крив ни должен за книгите што некој ги ставил пред него. Контролата дојде и пројде. Началникот ја извести за својот „подвиг“, им ги покажа отстранетите книги и доби грст пофалби. Чесно е да се каже дека ми се заблагодари. По неколку дена, гледајќи го расположен и весел, му предложив да ги вратиме книгите кај што беа или да ги сместиме во некој оддел кај што нема да се гледаат. Со насмевка ми кажа дека веќе биле пратени на отпад и изгорени.

Ете, така од воената библиотека исчезнаа дваесет-триесет книги што не беа „погодни“ ниту за времето, ниту за просторот. Епилогот беше како сончево утро. Мојот началник доби одликување, јас станав војнички авторитет. Славата од квизот и придонесот во расчистувањето со книгите на државните непријатели имаа влијание во одлуката по месец-два да бидам прекомандуван во Генералштабот во Скопје. Би се рекло дека експресно напредував во војничката кариера, иако непосредните старешини ме сметаа за недисциплиниран и своеглав војник.

Книги гореле и ќе горат. Ако не горат ќе се фрлаат на буниште. Ајде сега да го земеме другиот, обратен пример, за да дојдам до суштината, ако досега се движев по маргините. Имено, во библиотеката останаа книгите со наслови за Тито и за Југославија и со автори што ги величаа маршалот, партијата и државата. Но по деценија-две, дојде време не само од воените туку и од цивилните библиотеки полека да се отстрануваат, незабележливо да се повлекуваат и да се даваат во отпад тие книги и автори. Важна поента е што ги снема и оние титоисти што ги елиминираа либералите, се најдоа во исти историски околности по своето страдање. Првин се чистеа едните, потоа другите. Значи, едни напредуваат, други одат во заборав или обратно.

Го нема Тито, ги нема неговата слика, името во книгите, во учебниците, а го имаше во сите. Ги нема книгите од Титова Југославија на мегдан, освен во темните депоа на библиотеките, во влажните архиви или чувани во домашни услови кај некои поединци како спомен на нивната убава доба. Образложение: тие биле лоши, книги што прикажувале лажна историја, а ги напишале автори, историчари, публицисти, што користеле фалсификат документи за да ја направат светла темната слика. Биле оптоварени со политика и идеологија, не со факти.Тивка вода брег рони, брза река со себе сѐ носи.

Како што за времето на младоста на дедо ми исчезнаа турските султани и китапи, како што генерацијата на татко ми наизменично ги поставуваше и ги вадеше сликите на крал Петар и на цар Борис и ги учеше српскиот и бугарскиот јазик, додека не се појавија Тито, партизаните, комунизмот, социјализмот. Мојата генерација ги избриша и него и Југославија и поимите спомнати погоре со кои живееше долги години. Ништо веќе нема во учебниците, во образовните книги, како да е срамно да се споменува таа заедничка историја, како да е срамно да се спомне тој блескав период во таа заедница. А со што се постигнува тоа. Со нови фалсификати. Било – поминало, како ништо да не било.

Сега, најверојатно, ќе се поставува прашањето кои книги ќе се повлекуваат од јавните простори, какви наслови ќе бришат овие актуелни и идни генерации, кои автори ќе заминуваат во историјата, кои ќе одат на отпад, на ѓубриште или огниште, кои ќе ја гледаат светлината на новиот ден. Тоа прашање е отворено, засега не е одговорено, а сите одговори се можни. Ќе исчезнуваат ли старите книги како што исчезнуваат кутии со грашок од полиците на продавниците без некој да види, без некој да забележи, некој да ја проверува крајната сметка?

Ќе останат ли некаде македонски книги со името Македонија или секаде ќе се додава Северна. Ќе преовладее ли бесмислениот новоговор по кој Гоце Делчев и Даме Груев се бореле за Северна Македонија или дека создавањето на Северна Македонија била вековен идеал на делегатите на АСНОМ, на партизаните што ги победија бугарските фашисти? Што не личи, не личи, иако тоа можеби ќе го пишува во новите учебници.
Откако ќе биде постигнат договор со Бугарите за заедничка историја и за Гоце Делчев, што друго ќе се поставува како дилема во новите книги? Во таа смисла, еве, едно ненаградно, во моментов крајно глупаво прашање: дали по неколку години главна тема во весниците и во историските дебати ќе биде дилемата чии градови биле Охрид и Прилеп? А можеби Велес и Скопје? Во чии книги ќе бидат запишувани тие свети места?

[email protected]