Како до посиромашна, поневработена и попросперитетна Македонија?

Не, не е печатна грешка. Така треба да стои. Моја теза е дека Македонија ќе стане просперитетна само ако биде посиромашна и ако не биде превработена, каква што е во моментов. И не е прекршување на ветеното од претходната колумна – песна: не пишувам повеќе за Македонија и идентитетот. Нека пишуваат оние што молчат, јас кажав сѐ, нема повисоко зна(ч)ење од песната. Ќе пишувам за многу посуштествени прашања – за сфаќањето на поимите „човек“ и „човештина“ во Македонија. Трпение, ќе видите.
Ќе почнам со политичката злоупотреба на статистиката за фалсификација на стварноста. Статистиката како наука, за разлика од хематологијата и лабораториските анализи на крвта, може политички да се злоупотреби, па да ви каже: „Па и не е толку лошо колку што ви покажува стварноста“. Злоупотребена, таа ве убедува дека објективно ви е добро и кога субјективно ви е лошо. Дека сте сит, иако чувствувате глад. Имаше на Јутјуб популарен афоризам што точно ја отсликува суштината на оваа злоупотреба: „Петмина од шестмина испитаници тврдат дека рускиот рулет не е опасен“. Владетелите на Балканот со години нѐ убедуваат дека стандардот секојдневно ни расте. Да, ВО ПРОСЕК е така. Ама ПРОСЕКОТ е теоретска категорија, која не постои во стварноста. Вистината е дека НЕКОЈ живее подобро, ама за сметка на некој што живее ПОЛОШО. Статистички Македонија можеби станува побогата во просек; но во реалноста се зголемува бројот на оние без леб. Што не е јасно тука? Нема „просечен дневен леб“, има само конкретен дневен леб, и или го имаш, или го немаш во моментот.

Затоа, Македонија треба да стане ПОСИРОМАШНА. Ама, не во просек, туку конкретно. Треба најбогатите „да смалат гас“ за сметка на најсиромавите. Сиромавите, ако малку се збогатат, ќе сменат статус: ќе станат средна класа. За разлика од нив, богатите, и да осиромашат малку, ќе си останат – богати. Но ќе им овозможат на другите да дишат. Не мислам јас да им се одземе на богатите спечаленото (некаква Октомвриска револуција, не дај боже). Туку, да речеме, дел од своето богатство по своја желба да им доверат на сиромашните, за овие да поттикнат работни места со кои Македонија ќе стане попросперитетна. Знам: тоа е христијански социјализам, чиста утопија. Но тоа е можеби единствената утопија во која има и економска логика и БРАТСКИ, ЛИТУРГИСКИ пристап кон заедницата – спасение за сите, не само за себе. За кого би била опасна секуларизацијата на една таква ЛИТУРГИСКА идеја? Само за оние егоистични аждери што немаат хуманистичка визија, ни чувство за државата. А заслужуваат ли таквите држава, и уште повеќе – челни места во неа?
На кого конкретно мислам дека треба да осиромаши? Најмалку на бизнисмените. Гласавме за капитализам, никој не нѐ тепаше по уши. Јас мислам на вторите најбогати: политичарите. Бизнисменот најмува работна сила, ја плаќа (вистина, присвојувајќи го вишокот вредност), но бар ПРОИЗВЕДУВА: вино, бетон, челик, згради… и нови работни места! А политичарот? Што произведува тој, за да има највисока буџетска плата во државава? Партиска врхушка? Нови партии? Тоа ли се производи за на пазар? Капиталистите заработуваат од работниците, а политичарите од кого? Од народот, кој е главно невработен? Како можеш да заработиш од невработен човек? Има само еден начин: буквално да му ја цицаш крвта, бесплатно.
Затоа, ако некаде ни требаат масовни отпуштања, тогаш тоа е во примарната стопанска македонска гранка: политиката.

И по број на партии, и по број на политичари (пратеници и други платени функции). Сето тоа треба да се отпушти поради превработеност. Според резултатите што ги постигнуваат, доволен ни е еден претседател, еден премиер, еден министер и за внатрешни и за надворешни работи (тоа е веќе исто, нашите внатрешни работи одамна се надворешни), еден за економија, (најдобро бизнисмен) и еден за ОПИСМЕНУВАЊЕ (каква наука, каква култура, кога нема веќе ни здрава школа, ни потреба од вистинска уметност). И по еден ПЛАТЕН пратеник од секоја партија во Собранието, оти нема потреба еден ист партиски текст да го изговараат дваесет усти. Сето друго е вишок, а ако сакаат бесплатно да бидат пратеници – бујрум. Зошто би се плаќале антропоидни машини за притискање гласачко копче? Нека притискаат копче на машина во некоја фабрика. И сите политички функции да се платат со – професорска плата. Ни денар повеќе. Таквиот политичар нема да живее за плата, туку за идеали и љубов кон професијата. Како што живее скромен професор или сиромав поет. Како последица на тоа, ќе добиеме СКРОМНИ политичари. Кога богатите би биле посиромашни во изборот (кој од петте автомобили да го возам денес?), би биле и ПОВЕРНИ (кон еден автомобил, во случајов). Тоа Малиот Принц со онаа една ружа на својата планета, наспроти цела плантажа понудени ружи на туѓа планета, најдобро го знаеше.
Освен тоа, скромен човек по дефиниција ги цени вистинските вредности, особено знаењето. Тоа го знам како професор. Еве два примера, за кои, разбирливо, не користам имиња. Во јуни 1998 година, трипати го презакажував испитот на Факултетот, поради влошената здравствена состојба на татко ми. И кога конечно го завршив испитот, на почетокот од јули, последна во мојот кабинет влезе студентка од внатрешноста. Изгледаше како секој миг да ќе се струполи. Ме замоли да не полага, туку да ѝ пишам шестка, за да не ја загуби пензијата од покојниот родител, од која живееле и нејзиниот брат и снаата, во малото гратче.

Ја прашав дали учела. Рече: „Да, но вие трипати го одлагавте испитот. Јас и сега знам. Но киријата ми заврши уште во јуни. Бев кај една другарка од Скопје, ама слушнав дека нејзините родители ѝ рекоа: зар секого ќе прибираш дома? И потоа бев илегалка во студентскиот дом, до денес. Мислев ќе можам да полагам, ама не можам. Два дена не сум јадела“. Ѝ пишав шестка во индексот, пријавата ја задржав кај себе до есен, а таа отрча по потврда за пензијата. Рече дека ќе дојде во септември да ја оправда оценката. И ја оправда. Знаеше за 10 cum laude, ама рече дека не сака повисока оценка.
Во истата сесија, една вонредна студентка од угледно скопско семејство, ВЕЌЕ ВРАБОТЕНА преку партиски врски, се поигруваше со мене на испит од факултативен предмет: дваесет минути зборуваше за романтизмот, зашто знаеше теорија на литературата (претходно положена), ама не спомна ниедно романтичарско дело, зашто не беше прочитала ни едно. Кога ја насочив кон конкретно дело, почна повторно да ми зборува општо. Конечно, ѝ поставив трик-прашање: ја прашав која верзија од делото „Смртта на Смаил ага Ченгиќ“ ја читала – пократката и цензурирана, од 40 страници, или онаа подолгата, нецензурираната, од 100 и кусур? Рече: „Подолгата“. Ѝ го вратив индексот и ја замолив да ми ја донесе таа верзија, за и јас да ја прочитам. До денес ми ја нема донесено. Зашто таква – нема.
Па, кој од овие два лика е попросперитетен за „наративот Македонија“, драги мои? Мојот наслов и не е толку ступиден колку што изгледа, а најмалку е „политички“. Зашто, ние денес градиме АЗДИСАНА, а не ПРОСПЕРИТЕТНА Македонија. Поточно: градиме држава за аздисани, не за скромни луѓе на кои навистина им треба и личен и колективен напредок.