Како донесуваме одлуки?

Фронталниот лобус претставува најголем дел од хуманиот мозок, кој во еволуциониот тек се развил најпоследен, па затоа се смета за највисоко достигнување во развитокот на нашиот род. Повреди на овој мозочен регион локализирани токму зад и под очите може да предизвикаат длабоки нарушувања во високите мозочни функции, какви што се резонирањето и донесувањето одлуки. За да се најде кои делови од фронталниот мозок се најбитни за овие психолошки функции, научниците од „Калтек“ (Калифорнија технолошки институт) тимски работеле врз регистрирање голем број пациенти со мозочни лезии токму во фронталниот лобус. Мапирајќи ги мозочните лезии на овие пациенти, тимот успеал да покаже дека резонирањето и бихејвиоралната контрола се зависни од активноста на разни региони на фронталниот лобус и дека токму овие региони се битни кога се донесува некаква одлука. Наодите од оваа голема студија скоро се објавени во Зборникот на Националната академија на науки на Америка, едно од најмоќните научни списанија.

Тимот од невронаучници ги анализирал податоците собрани во текот на 30 години на пациенти што имале мозочни трауми, што изнесувало над 350 пациенти и содржеле перформанси што секој пациент ги изведувал заедно со одредени конгитивни задачи. На овој начин можеле да дознаат кои делови на фронталниот лобус се активираат при одредени задачи, кои подразбирале бихејвиорална контрола и донесување одлука.
Било можно да се разликуваат деловите на мозокот одговорни за два типа процесирања: задачи што имаат бихејвиорална контрола и други, поврзани со донесување одлука. Интуитивната разлика помеѓу овие два типа процесирање е нешто што ние секојдневно го практикуваме. На пример, бихејвиорална контрола е кога избегнуваме да си купиме нездраво чоколадо иако ни се јаде. Одлучувањето е базирано на очекуваната награда, на пример да се избере коцкање или играње игри на среќа, кое може да ни донесе многу пари, или сепак да си избереме чоколадна порција.

Пациентите со мозочна траума што ги губат способностите за одредени задачи покажале јасна разлика во регионите на фронталниот мозок одговорни за контролирање на поведението и оние неопходни да се донесат одредени одлуки во зависност од процените, а сето тоа е добиено преку снимања со функционална магнетна резонанса (фМРИ).
Од друга страна, научниците од универзитетот „Јејл“ успеале да најдат три разни циркуити (мозочни кола) во различни мозочни регии што одредуваат дали одлуките ќе бидат добри, лоши и ќе се базирани на запомнети случки од минатото.

Се разбира, овие наоди се врз база на истражувања со глувци, но тие се однесуваат и на луѓето, поради големата сличност на структурите. Основен наод е дека донесувањето одлуки не е поврзано исклучиво со орбитофронталниот кортекс, кој се смета за највисоко седиште на мисловниот процес. Напротив, мозочното поврзување (циркуит) од орбитофронталниот кортекс оди кон подлабоки регии во мозокот што изведуваат три разни калкулации при донесување одлуки.

На пример, кога одиме во ресторан на вечера се случува следното: Ако одиме во добар ресторан (А), каде што докажано има добра храна, се активира еден мозочен циркуит. Ако очекуваме храната да е лоша (Б), се активира друг мозочен циркуит. Третиот циркуит (В) доаѓа од меморијата поврзана со нашето претходно искуство, односно дали тоа било добро или лошо. Сите три циркуити се битни кога се донесува некаква одлука. Имено, без активирање на „добриот избор“ на ресторан, ние нема да се вратиме во оној каде што веќе сме имале добра храна. Или, пак, циркуитот за „лош избор“ ќе се активира за да избегнеме да одиме во оној ресторан што има лоша храна. Третата можност – меморијата, е најбитна за да се донесе одлука дали ќе одиме во добриот ресторан, со можност да добиеме лош оброк по неколку веќе добиени добри.
Растројствата во овие циркуити помагаат да се разбере суштината на зависностите – зошто луѓето продолжуваат да прават лош избор (земање дрога) иако имале многукратни негативни искуства. Кај животни што долго време биле на „метамфетамин“ (психостимуланс), некои од овие мозочни циркуити биле разорени.
Од друга страна, некои одлуки предизвикуваат поголема анксиозност отколку некои други. Најпровокативни за анксиозност се оние поврзани со одлуката за избор на поплатена работа во град, далеку од семејството и пријателите, наспроти онаа работа што е помалку платена, но е поврзана со останување заедно со семејството и пријателите во помало место. Научниците од МИТ идентификувале дека овој тип одлука е познат како „приближување-избегнување“ конфликт. Тоа помага во третманот на психијатриски растројства, каде што е нарушено донесувањето одлука, како што се депресија, шизофренија или гранични нарушувања на личноста.

Исто така, покажан е првиот чекор за развивање на можно лекување кај овие болести: со манипулација на овие циркуити кај животните, тие можеле да ја трансформираат преференцијата за одлука со помал ризик, избор на пониска цена со поголем профит, или обратно.

Уште една многу битна студија во невронауката ја одредува улогата на „стриозомите“, клетки што се дистрибуирани во стриатум, еден регион во мозокот што е одговорен за координација на движењата и емоциите и кој е афектиран кај некои болести. Стриозомите се откриени пред неколку години во регија што е доста мала за да се сними со фМРИ. Овие региони се поврзани со фронталниот кортекс и се битни за процесирање на емоциите. Циркуитот што ги поврзува стриозомите со фронталниот кортекс е битен за донесувањето одлука во задача „приближување-оддалечување“. Или, поинаку кажано, ако се исклучи активноста на стриозомите, одлуките што се донесуваат се поврзани со поголеми ризици.

Со овој наод се докажува дека стриозомите, клетки на мозочниот регион означен како стриатум, во некоја се смисла „чувари“ што сензорните информации и емоциите што доаѓаат од кората ги интегрираат и овозможуваат донесување правилни одлуки.
Овој циркуит во кој се вклучени чуварите подразбира дел од средниот мозок, наречен „супстанција нигра“, кој содржи многу допамин и има огромна улога во мотивациите и движењата. Или, се верува дека ако се активираат стриозомите, тогаш клетките во супстанција нигра ќе произведат подолгорочни ефекти врз одлучувањето.

Сите овие наоди на микроскопско ниво разјаснуваат што се случува кај болните со висока анксиозност, депресија и други растројства каде што се засегнати емоциите.
Со напредокот на новите технологии, експерименталната невронаука е во можност да открива многу нови сознанија поврзани со функциите на мозокот што во претходните децении воопшто не биле можни. Сите тие сознанија се битни и во практиката и основна цел им е: наоѓање можност за лекување на болестите.

(Авторката е педијатарка и психолог)