Како да се понижи, растури и уништи една држава во 12 чекори

За да се уништи македонската држава требаше да се откажеме од идентитетот на нацијата преку откажување од името, историјата, културата, јазикот. Станавме политички дизајн преку промовирана лага како основа што овозможи да се менува иднината преку менување на она во што луѓето веруваат. Без вистината за себе и
нашето постоење загрозени сме од уништување и исчезнување.
Аутопсијата на историјата ќе покаже дека политиката е на пат да изврши евтаназија на македонската држава

Македонија е понижена, растурена и уништена држава. Всушност прашањето е дали воопшто веќе имаме држава? По онаа срамна неодржана седница за (не)доверба на Владата видовме како власта ни даде предметна лекција за тоа како се уништува држава. Видовме изопачена дезинтеграциска визија за македонската држава и демократија како една голема лага – убави зборови залепени врз темелно изгниен систем. Слушнавме излитени клишеа за слобода и еднаквост, за едно општество за сите, за нашата иднина во ЕУ – празни (без)идеолошки пароли во постојаната борба за политички опстанок. Ваквиот временски ограничен политички опстанок е вовед во хаос, фрагментација на државата и вовед во автократија. Срамниот пазар со гласовите е политички ураган што нема да може да се контролира. Привремена победа на политички поразена опција е еднаква на уништување на сите основи на нашиот општествен живот. Лишен од организам на национална држава, македонскиот народ повторно е втурнат во незамислив политички хаос.
Според меѓународното право, држава е ентитет што има дефинирана територија и постојано население под контрола на сопствената влада, која е вклучена или има капацитет да се вклучи во формални односи со други такви ентитети. Распаѓањето на државните структури се случува кога третиот конститутивен елемент на државноста, Владата во ефективна контрола ќе згасне. Тоа вклучува имплозија на националните институции, власта, законот и редот, накратко на целото политичко тело. Тоа, исто така, подразбира распаѓање на збир на вредности на кои се заснова легитимитетот на државата. Самата држава физички не исчезнува, туку постепено ја губи способноста да ги извршува нормалните функции на власта. Веќе долго време дезинтеграциските напади врз вредностите што ја изградија нашата нација се подмолни затоа што тие го заменуваат секое основно верување во нашата способност да имаме национална држава. Онаа држава на македонскиот народ што беше запишани во преамбулата на Уставот од 1991 година.

Сиве години на независна македонска држава самонаречените „државотворци“ станаа главните непријатели на системот, со крајна цел да се борат против неговите две најважни креации: нацијата и националната држава. Нивните аргументи никогаш не изгледале особено софистицирани и имаат форма на силогизми, чија конструкција изгледа многу едноставна, бидејќи тие имаат тенденција да ги поврзуваат националистичките ставови со ретроградни историски заборавени однесувања. Не сфатија, а и како може да сфатат наследниците на бившите анационални комунисти дека нацијата ја создаде модерната држава, додека државата излезе со идејата за модерна нација. И државата нација и националната држава го инкорпорираат истото општествено битие – како две страни на една иста монета. За нив националното претставува реликвија на историјата; феномен што треба да се елиминира бидејќи не дозволува понатамошен незадржлив развој на државата – развој кон нејзина дезинтеграција.
Со вакво дегенеративно неолибералистичко сфаќање не изненадува што нивниот идеолог и лидер на партија октроира ново општество, чија совршена хомогеност ќе се заснова на универзален принцип наместо на национален. Овој „нов храбар свет“ е обликуван од нова општествена формација – мултиетничко едно општество за сите, кое ќе ја замени националната држава на македонскиот народ. Општество што ја зароби македонската држава и е на пат да ја укине во многу блиска иднина. За да се уништи македонската држава требаше да се откажеме од идентитетот на нацијата преку откажување од името, историјата, културата, јазикот. Станавме политички дизајн преку промовирана лага како основа што овозможи да се менува иднината преку менување на она во што луѓето веруваат. Без вистината за себе и нашето постоење загрозени сме од уништување и исчезнување.

Аутопсијата на историјата ќе покаже дека политиката е на пат да изврши евтаназија на македонската држава.
Немам дилема. „Државотворните“ знаат доста добро како да ја понижат, растурат и уништат нашата држава. Тие, не само што го знаат тоа туку намерно прават грозоморно злосторство над една цела нација. Јас би го нарекол ова што ни се случува уништување држава во 12 чекори: прво, се уништуваат идеалите на кои се градела државата и се одржувала заедно; потоа се уништува семејството преку поддршка на секоја агенда што цели на плодноста и раѓањето; се промовира концептот на токсична машкост и екстремен феминизам; се уништува образованието; се корумпира Владата и се демонизира секоја поинаква политичка агенда; се посејува страв; се уништува самодовербата на народот правејќи го зависен од власта; се манипулира со медиумите, посебно со социјалните мрежи; се става Собранието под целосна контрола на Владата; се промовира непочитување на симболите на државата; се креира население што ќе го игнорира сето ова и кое живее живот без цел и смисла.
И сето ова ни се случува пред очи во моментов. Ако нашиот народ не може да ги види лукавите политички измами што ни ги прават, да го види ова трагично предавство извршено пред нивни очи, изгледа не заслужуваме унитарна, суверена, независна, самопочитувачка држава наречена Македонија. Зашто доста ми е да бидам само глас што плаче во политичката дивина на оваа држава. Или, пак, можеби сепак треба да прифатам и да се помирам со новата реалност во која Кастриот Реџепи и вредностите што ги промовира во соработка со неговите партнери ќе нѐ внесе во ЕУ. Да пресечам, што би рекол Реџепи, за иднината на државата. Само се прашувам на која и чија држава?