Како да се живее вака?

„Тетовирани души“ е последната пиеса од циклусот „Македонија“ на големиот мајстор на македонскиот театарски реализам Горан Стефановски. Наративот е едноставен, но и комплексен во исто време. Но сега сосема неважен, во споредба со вознемирувачката идеја на антагонистот Цибра, кој во еден момент на кавга со протагонистот Војдан засекогаш и непомирливо ќе утврди: „Минатото никако да пројде, иднината никако да дојде, а ние тука глумиме сегашност!“ Како да се живее вака? Не знам. А и не гледам кој знае. Како да се преживее вака? Размислувам интензивно за тоа. Ајде за почеток да се помириме со фактот дека ние повеќе не сме ништо. Дека не сме семејство, роднини, другари и пријатели. Дека ние веќе немаме ништо заедничко. Ова е факт. Зошто да се залажуваме? За да припаѓаш на ист народ треба да споделуваш исти или приближно исти вредности. Прво, тие што припаѓаат на еден народ имаат заедничко минато, односно соделуваат иста историја. Дали оние Македонци што за себеси имаат идентификација дека се Македонци и нација по род и оние што за себеси мислат дека се Македонци и граѓани по ред имаат заедничка историја? Не. Првите веруваат дека се потомци на оние Македонци од древна Македонија, преку Рим, средниот век, Отоманската Империја и револуционерните движења од Димитар Поп Ѓорѓиев, преку Гоце Делчев, па до партизанското движење и антифашистичката борба во Втората светска војна.

Вторите немаат идентификација со минатото и за себеси имаат проекција дека се футуристи, кои историјата ја отфрлаат како непотребен товар и подготвени се да прифатат сѐ што актуелната влада на партијата СДСМ за која гласаат ќе успее да договори со Бугарија во овој момент, сѐ со една и единствена крајна цел, нивната земја Северна Македонија да започне преговори со Европската Унија. И во некоја приближна иднина да станат дел на тоа за нив идеално и единствено прифатливо семејство, роднинство, другарство и пријателство! Првите не сакаат нивната земја да се нарекува „Северна“ и сметаат дека партиите за кои тие гласаат треба да ги поништат договорите со Грција и со Бугарија и да го воспостават стариот поредок во кој земјата повторно ќе се нарекува Република Македонија. Огромен број од нив одбиваат да го прифатат новото име, институциите, уставното уредување и администрацијата отфрлајќи ги условувањата да ги употребуваат променетите називи. Другите, пак, се согласуваат со сѐ и немаат никаков проблем да се идентификуваат и да пристапат кон новите институции и новиот поредок и ги прифаќаат сите дополнителни условувања што на патот кон нивната подобра иднина во Европската Унија знаат дека несомнено ги очекуваат.

Вторите, кои првите пејоративно ги нарекуваат патриоти, а првите пак самите себеси се нарекуваат Македонци, во замена за името и идентитетот за кој мислат дека им е украден, велат дека се подготвени нивната земја Република Македонија да не биде членка на Европската Унија и да ги поднесат сите последици што ќе дојдат по патот надвор од таа зедница. Значи, дотука можеме да заклучиме дека „Македонците патриоти“ и оние што тие исто така пејоративно ги нарекуваат „северџани предавници“ немаат заедничка историја, што, пак, во принцип, според учебниците, подразбира идентификација со иста традиција, култура и духовни достигнувања, кои се обележја на една нација, во согласност со сите современи општоприфатени западни сфаќања на тој поим. Да утврдиме: Македонците и северџаните не споделуваат исти нематеријални вредности и немаат заедничко минато. Да одиме понатаму. Македонците и северџаните денеска не се согласуваат за основната работа за која треба да се согласи една зедница доколку сака да споделува заедничка административна територија, а тоа е таа територија да ја нарекуваат со исто име и да имаат основна идентификација со неа и нејзиното име. Да утврдиме: Македонците и северџаните државата ја именуваат со различно име и го доживуваат како навреда секое различно ословување од онаа нивното.

Особено оние што се нарекуваат Македонци го доживуваат како навреда секое поинакво нарекување на земјата што тие ја идентификуваат како Република Македонија. Значи, Македонците и северџаните не живеат во иста земја што во секоја смисла потврдува дека тие две групи, освен што немаат заедничко минато немаат ниту заедничка сегашност! И на крајот, откако ги потврдивме минатото и сегашноста да разгледаме како стои иднината погледната низ призмата на првите и убедувањата на вторите? Првите отфрлаат по каква било цена за да пристапат кон Европската Унија, а вторите ги прифаќаат и секоја цена и секоја уцена. Значи, да утврдиме: сосема е јасно дека Македонците и северџаните немаат никаква идеја за заедничка иднина! Како да се живее вака? Не знам. А не знам ниту кој знае. Ако Македонците и северџаните немаат заедничко минато, не живеат во заедничка сегашност и не планираат никаква заедничка иднина, што да се прави за да се преживее? Логично би било, оние што себеси се проектираат за држава и власт во исто време да имаат одговорност и обврски да произведуваат секојдневни напори, дејства и состојби, за овие огромни разлики меѓу двете групи да се намалуваат и приближуваат? Дали го прават тоа? Не. Напротив. Власта на СДСМ ги засилува државните, медиумските и судските притисоци против поранешните и сегашните функционери и членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски групи. Владата води дискриминирачка и одмаздољубива политика кон сите што не ја поддржуваа(т) и така го продлабочува општествениот јаз.

Управувачкото раководство на СДСМ воспоставува дневна реалполитика на исклучување од современите текови на културното и духовното живеење на интелектуалци и творци што се членови или поддржувачи на претходната власт или, пак, биле или се нејзини критичари во овој момент сега. И на крајот од сѐ, исправена пред надоаѓачката здравствена и економска катастрофа и политичка дисфункционалност на коалицијата на СДСМ со албанските националистички партии ДУИ и БЕСА, кои, пак, освен што во нивните програми немаат ниту една неалбанска иницијатива или проект што протежира други етнички заедници, дополнително произведуваат со ништо непоттикнат фанатизам за етничка сегрегација и доминација на Албанците во Македонија дури и во приватните претпријатија, па „Зоќи анд компани“, како што веќе се најавува, ќе посегнат по најлошото: прогон на политичките неистомисленици и нивна трансформација од политички противници во животни непријатели! Првиот чекор е веќе определен. СДСМ, премолчено поддржан од ДУИ и од БЕСА, почнува акција за рушење на спомениците од проектот „Скопје 2014“ за покажување сила и скренување на општественото внимание од вистинските проблеми! Не знам кој ги советува оние службеници и политички кловнови од трупата „Илинденска и вила Водно“ и не знам како не разбираат дека таа сега од нив замислена како евтина циркуска забава без леб на крајот Македонија ќе ја претвори во жестока арена со гладијаторска борба и антагонизам што ќе произведе непомирувачка и трајна поделбата на Македонците. Повратната точка се плашам дека веќе е достигната со последните избори.

Не само на „Скопје 2014“, нападот од страна на СДСМ врз кој било споменик што Македонците го идентификуваат како национален ќе биде напад врз нивните духовни убедувања што ќе произведе длабоки општествени лузни што нема да се залечат никогаш! Ние уште не сме расчистиле со емоционалните последици од прогоните врз македонската бела буржоазија и водачите на партизанската војна и не ги расветливме идеолошките прогони од страна на старокомунистите врз нивните политички противници во социјализмот и по него, а новокомунистите веќе се подготвуваат да произведат нови духовни рани! Како да се живее вака? Не знам. Но знам оти е сосема е јасно дека Македонците и северџаните не можат да живеат заедно. Тие не споделуваат ниту една заедничка вредност. А како ќе живеете заедно со некого кому не сакате да му го кажете ниту името? Не знам. Тежок и мизерен живот е тоа. Јас не знам дали таков живот вреди да се живее? А и не знам кој знае. Во секој случај, нема да се срамам да признаам ако дознам кој знае.

Авторот е режисер и универзитетски професор