Како да се врати довербата во медиумите

Во ерата на широкиот пристап до информации, вистинити или не, луѓето од сите возрасти мора да си ја подобрат медиумската писменост. Но тоа не значи дека медиумите треба да бидат изоставени. Со свесна и критички настроена јавност, мора да се внимава на точноста на информациите, како што се правеше во минатото

Во повеќето индустрии, квалитетот на производот лесно се препознава благодарение на цената, брендот и критиките. Но во новинарството, квалитетот што треба да биде пресуден веќе станува сè покомплициран, затоа што во дигиталната ера, докажаните брендови како „Би-би-си“ и „Њујорк тајмс“, од кои се очекува да ги почитуваат долгогодишните новинарски стандарди, генерално се бројно загрозени од инстант-медиумите, блоговите и општествените извештаи.

Ова не е изненадување, затоа што лажните вести многу брзо се шират во изминативе неколку години, па, така, довербата во медиумите, докажани или не, драстично опадна. Според извештајот за дигитални медиуми од 2017 година на институтот „Ројтерс“, оние што редовно следат вести, тоа го следат со одредена доза скептицизам. Само 50 отсто од читателите им веруваат на медиумите што ги следат, а многу е помала довербата во медиумите што не ги следат. Со преголем избор и премалку доверба во медиумите, речиси една третина од луѓето повеќе и не следат вести.
Но новинарството не е непотребен луксуз. Тоа е критичко јавно добро, кое им овозможува на граѓаните да донесат информирани одлуки додека истовремено бара одговорност од власта. Оваа негова функција служи само ако производот е квалитетен и луѓето го знаат тоа. Но нудењето таков производ не е лесна задача.

Првиот проблем е што не постои јасна дефиниција што претставува квалитетно новинарство, поради што се зголемува ризикот дека стандардот за „квалитет“ ќе прерасне во алатка на цензура. Кога Адолф Хитлер сакал да се запалат одредени книги, тоа било поради тоа што не ги исполнувала „стандардите“ на нацистичката идеологија. Слично на тоа, владите денес може да се повикаат на стандардите за квалитет за да ја нападнат веродостојноста на критичарите или да ги оправдаат со тоа што ќе им се одземат новинарските акредитации.
Некои организации што се загрижени за иднината на медиумите се трудат да ја избегнат опасноста со развивање показатели за доверба. Најзначајно е што иницијативата за доверба во медиумите предводена од „Новинари без граници“, креира доброволни упатства и рамка за најдобро работење што ќе се развие во официјален процес за сертифицирање. Некои организации се залагаат за добивање црвено или зелено светло, како показателите што се користат во етикетирањето на храната, додека други го користат системот на стандардот ИСО 9000 за индустриски квалитет.

Но што точно сертифицираат овие системи? Најлогичниот одговор можеби е медиумски организации. Но дури и врвните редакции продуцираат второкласни содржини, што се должи на многу фактори што варираат од достапноста на изворите до човечка грешка. Ова значи дека не може да се верува еднакво на сите содржини од дадена организација.
Секако, некои организации имаат веќе докажан квалитет на следење одредени процедури за да се минимизираат грешките и да се одговори на грешки што се провлекуваат. Но тие се истите организации што веќе ја имаат довербата на јавноста. Каква било доверба да изгубиле во изминатите неколку години нема да има влијание врз нивниот квалитет.
Што се однесува до медиумите што би имале корист од нечие нарушено влијание, тие обично се помали, понови и послабо подготвени да се справат со дополнителната бирократија што ја наложува процедурата за сертифицирање. Сертификатот за квалитет на ниво на организација би можел да им наштети на новите, а да им помогне на веќе докажаните.

Алтернативата за сертифицирањето на организациите треба биде насочена на поединечни делови од содржината. Но ова би било претешка задача во однос на обемот, а уште полошо е што би се создале чудни иницијативи, затоа што новинарите се натпреваруваат за сертификатите на сличен начин како што се натпреваруваат за наградите, понекогаш на штета на работата. Германскиот новинар Клаас Релоциус освои многу награди за неговото брилијантно пишување пред да се открие дека приказните на кои работел не се вистинити.
Во секој случај, останува прашањето што точно претставува квалитетна содржина. Дали треба да биде базирана на факти? Дали се однесува само на сериозни политички и економски вести или вклучува стил, забава, живот? Овие прашања се дополнително усложнети во дигиталната средина: некои блогови може да се сметаат за новинарски, но не значи дека сите можат да спаѓаат во таа категорија.

Новинарството никогаш нема да биде како, да речеме, авионската индустрија, во која строгите стандарди и процедури важат за секоја мерка и производ. Но до неодамна не мораше да биде така. Новинарите се придржуваа до професионални и етички кодекси и беа надгледувани од органи што преземаа мерки доколку се прекршат некои од нив. Правилното постапување беше стандардна процедура, иако концептот за што е „правилно“ секогаш има широко значење.
Општествата функционираат на овој начин. На поединецот не му треба „сертификат за доверба“ за да биде дел од едно семејство или заедница (иако кинеската влада сака да го промени ова). Општествениот договор пропишува одредени норми за однесување, кои луѓето генерално ги почитуваат. Етикетите се воведуваат кога довербата е нарушена. Новинарството мора да се врати на ваквото статус кво. Првенствено, тоа значи дека индивидуални организации мора да преземат одговорност за квалитетот на нивните содржини и да ги почитуваат правилата, тука вклучувајќи го уредувањето.

Ова не може да се направи во самата организација, да речеме кога еден новинар работи во антидемократска средина, тогаш надворешните органи би можеле да ја завршат таа задача. Со воведувањето вакви системи може да се научат лекции од проектите за новинарски соработки, како во случајот со Панамските документи, во кој истражувачите имаа индивидуална слобода, беа вклучени повеќе страни и имаше здрава конкуренција, но мораа да се почитуваат стандардите. Како што напредува технологијата, така може да се воведе брзо прегледување на информациите, особено во помалите редакции. Во ерата на широкиот пристап до информации, вистинити или не, луѓето од сите возрасти мора да си ја подобрат медиумската писменост. Но тоа не значи дека медиумите треба да бидат изоставени. Со свесна и критички настроена јавност, мора да се внимава на точноста на информациите, како што се правеше во минатото.

(Авторката е директорка на програмите за лидерство на институтот за новинарство „Ројтерс“)