Како го убив дедо ми пред да се родам

Светот никогаш покопнежливо не сонувал подобар и поправеден свет од денес, а никогаш не бил подалеку од него. Тоа е израз на тоталниот слом на западната филозофска мисла. Таа не може ниту да ги исцрта контурите на еден нов свет, а камоли да го оствари преку некоја филозофија или идеологија. Затоа, се препелка во сопствената мрежа на апсурди. Еден од тие апсурди е дека иднината ќе биде подобра ако се прекрои историјата. Тоа е како проститутка да верува дека ќе почне непорочен и целомудрен живот ако ги убие сведоците на нејзиниот претходен стаж во јавната куќа.
Кога во далечната 1896 година Херберт Џорџ Велс го пишувал својот прочуен роман „Времеплов“, не можел ни да сонува дека по стотина години ќе се измисли изумот за кој тој пишува како за научна фантастика. Не мислам овде на времепловот на свеста (концепцијата за менталното наспроти историското време на Анри Бергсон), зашто познато е дека нашата меморија е веќе самата по себе времеплов свртен кон минатото. Не мислам ни само на Јунговиот архетип како колективно несвесно, со кое ние можеме да патуваме во минатото преку колективни симболи и слики изразени во некој национален еп, на пример. Не мислам ни само на Фројдовото потсвесно, кое исто така „се сеќава“ и може да нѐ врати дури и во најраните години на детството. Мислам на еден посебен вид времеплов, кој во последно време е многу актуелен со „прекројување на минатото“ по целата планета (дури и во САД), а тоа е – ИДЕОЛОШКИОТ, односно ПОЛИТИЧКИОТ времеплов.

Веќе со децении слушаме од политичарите дека треба да се свртиме (и следствено на тоа, да патуваме) кон иднината. До неодамна доминираше концепцијата според која човек треба најпрвин добро да го запознае своето минато, за да може да ја осмисли иднината. Зошто таа потреба од минатото? Да не се повторуваат грешките. Од неодамна, на дело е друга концепција: минатото треба да се заборави, зашто е преполно со трауми, грешки и фалсификати. Никој не видел аир од минатото, гласи резимето на оваа политичка егида. Дури, се исфрлаат слогани: „новите“ и „авангардни“ политички сили се свртени кон иднината, а „конзервативните“ кон минатото. Тоа е климаксот на оваа теза.
Таа теза е спорна од логичка гледна точка, зашто претпоставува дека „новите луѓе“, свртени кон иднината, со самото свое раѓање (без некое посебно образование) ќе бидат толку супериорни во мислењето по однос на старите генерации, што нема да паѓаат во стари историски стапици. Место за таков оптимизам нема, зашто логиката на мислењето не подразбира оптимизам: колку и да е човек оптимист по однос на заклучокот, тој мора да ги почитува премисите пред да дојде до конклузијата. Ако премисата 1 гласи: „Сите луѓе се смртни“, втората „И Сократ е човек“, без разлика на оптимизмот, конклузијата ќе гласи: „И Сократ е смртен“.

Така е и со историските заклучоци: премиса 1. „Националромантизмот има асимилирачки амбиции“; премиса 2. „Денешните бугарски политичари се националромантичари“; Заклучок: „Денешните бугарски политичари имаат асимилирачки амбиции“.
Но таа теза дека иднината не подразбира интерес за минатото е спорна и од праксеолошка гледна точка: ако навистина „новите“ политичари, за разлика од старите, се свртени кон иднината, зошто тогаш толку внимание посветуваат на историските прашања, кои, според нив, „треба да се затворат“ како предуслов за одење напред, кон ЕУ? Факт е дека „авангардните“ поголемиот дел од своето време ѝ го посветуваат на историјата, пеглајќи историски разлики со соседите. Ме потсетува тоа на признанието на Салвадор Дали: во својата автобиографија „Јас, генијот“, овој сликарски гениј признава дека јавно бил авангардист, кој сака да скандализира со својата хипермодерност, а тајно, дома, учел од класичните мајстори и историјата на сликарството. Прашањето што овде и овој пат ме интересира е: што значи да се смени минатото? Патувањето назад во времето е сѐ уште неможно, и покрај вулканскиот дигитално-технолошки напредок. Според тоа: заборавете дека ќе го смените минатото. Но дали менувањето барем на ИСТОРИЈАТА, како пишано писмо за минатото, значи интервенција во иднината?

Дали бришењето на одредени настани и историски личности ослободува од фрустрациите на национот и од колективното несвесно, архетипот? И колку може да влијае врз иднината?
Живееме, за жал, во свет во кој историјата се толкува како да е симболистичка песна: секој ѝ дава значење кое нему му одговара. Вистина е дека историјата е тестимонијална (се базира на лични сведоштва, кои се субјективни, а не објективни интерпретации), но тоа не значи дека во неа нема и факти. Некои од „фактите“ може да подлежат на интерпретација, но некои – не. На пример, факт е дека на 1 септември 1939 година Германија ја нападна Полска, а не Полска Германија. Тој факт е толку очигледен, што не трпи интерпретација, која би довела до „консензуална вистина“. Штом влезе во игра интерпретацијата на очигледните факти, можно е тие да се превртат и да се заменат местата на џелатот и жртвата. Можно е да се интерпретира (и со тоа да се оправда дури и џелатот): на пример, да се тврди дека Полска се однесувала провокативно, па затоа била нападната. Впрочем, оправдувањето на злото е денешна глобална стратегија, од политиката до филмот. Холивуд снима нови цртани филмови во кои на традиционалните Дизниеви негативци им се наоѓа алиби зошто се зли: некој ужасно ги повредил некогаш, та нивното зло се оправдува. На таква филмска лектира растат и моите деца.

Природно е човековото суштество да биде свртено кон иднината. Научникот живее за подобро утре, како и политичарот; студентот живее за блиската иднина во која ќе ја стекне дипломата, верникот за идниот век и денот на воскресението. Но интересно е како модерната наука покажува дека чепкањето во минатото (макар се чепкало и само во ТЕКСТОТ на историјата) е апсурд. Според науката, човекот го доживува времето на еден специфичен начин: феноменологијата на човековата свест за времето е таква што ние сметаме дека времето се движи само од минатото кон иднината, не обратно. Науката вели: дури и кога би се смислил начин да се патува во минатото за тоа да се измени, па со тоа да се „турка“ иднината во посакуваната насока, резултатот би бил АПСУРД. Тоа произлегува и од филозофите (Жак Атали во „Историја на времето“) и од научниците (астрофизичарот Стивен Хокинг во „Кратка историја на времето“). Апсурдот се сведува на познатиот „парадокс на дедото“: да замислиме дека сме се вратиле во минатото, дека живееме во соседство на нашиот дедо, кој уште не е женет, дека сме се скарале со него и во гнев го убиваме. Тоа значи дека убивајќи го него, сме си ги убиле таткото или мајката. А со тоа сме се убиле и себеси. Па, кој тогаш се вратил во минатото и кој интервенира во него, кога не постоел во сегашноста?
Затоа, не е препорачливо да се прави ботокс-историја. Оној што го прави тоа може да си ги убие своите предци, па да сфати дека и тој воопшто никогаш не бил роден. А тоа е крајно збунувачка позиција дури и за највешт филозоф, а камоли за политичар. Ефектот е егистенцијалистички катастрофален: мислите дека во минатото само менувате фризура кратејќи ја косата, а всушност во сегашноста си ја сечете главата.