Како Бугарија ја крши Македонија

По три изгубени оружени војни за освојување на територијата на денешна Република Македонија и по неуспешните обиди за асимилација на македонскиот народ во минатиот век, Република Бугарија ја започна четвртата војна против истиот народ и територија (сега именувана како Северна). Овој пат без воено оружје, во мир војува да го постигне она што не го постигна со војни, одбра поинаква стратегија конечно да ја скрши Македонија и да го реши болното македонско прашање. Во ера на компјутеризација и дигитализација преку модерни политичко-дипломатски, главно насилни, средства ја турка намерата дефинитивно да го урне генетскиот, националниот, културниот и моралниот код на Македонците, код што е различен од нивниот, но го сметаат за свој.
Она што во старите лексикони се нарекуваше психолошка војна, сега се именува и со поимот хибридна војна, а хибридните војни се употребливи за хибридни држави каква што е Македонија. Со еден голем опсег на мерки што ги наметнува Бугарија, целта е да се подведе под сомнение националната самосвест на Македонците, да се внесе раздор и раскине врската меѓу различните генерации, да се поткопаат историјата, митовите и приказните, да се компромитираат хероите на своето време, да се делигитимираат достигнувањата на предците, да се вгради сомнеж во знаењето и образованието на луѓето и да се уништи целокупното историско и културно наследство.
Остварувањето на ваквите планови се одвива по жешка линија на фронт што ги опфаќа идентитетот, историјата, јазикот и писмото и делата што нив ги потврдуваат. Со осмислено наметнати дилеми, употребени единечно или во комбинација, влијаат врз уривањето на темелите на државата или општеството. Не случајно бугарските стратези го прифатиле ваквиот начин на војување, кој е побавен од победа во оружена војна, но процениле дека е посигурен во постигнување ефекти што ги посакуваат. Нивната желба не е само да им ги исперат мозоците на Македонците, наводните браќа, туку да им имплантираат нови глави.

Додуша, иако стратегиите и тактиките добиваат нови називи, споменатите методи се применуваат од памтивек. Сун Цу, прославениот кинески мислител и воен стратег, уште во 6 век пред новата ера како идеал на војната ја означил победата што се постигнува без физичка и оружена борба. Познатиот американски социолог и политиколог Семјуел Хантингтон, кој го создавал геополитичкиот концепт за Судир на цивилизациите тврди дека војните во иднина ќе се водат меѓу културите и цивилизациите, што на некој начин се потврдува во спорот меѓу Бугарија и Македонија, колку и да изгледа поинаку на прв поглед.
Што направи, што доби Бугарија преку осовременетата стратегија, овој пат поткрепена и низ клаузулите на Европската Унија? Бугарската дипломатија калена низ балканските лавиринти, подучена од своите редовни порази од Србите и Грците, лек за исцелување на своите историски рани побара и најде во ресетирање на македонското прашање. Откако преку потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство сегашната генерација неуки, неопитни и наивни македонски политичари умешно ги навлече на отворање на Пандорината кутија, ја почна својата битка за негова целосна узурпација. Кратката синтагма во договорот за „заедничка историја“, крајно невнимателно, непроучено и аматерски прифатена од македонска страна, стана изворот на сите недоразбирања, вулканот што, еве, три години исфрла чад, пепел и лава врз бугарско-македонските односи. Таа реченица всушност ги отвори сите подоцнежни антимакедонски врати, а ги затвори европските.
Во политичко-партиски разделена, економски ослабена, европски запоставена Република Северна Македонија повторно го посеаја семето на злото. Вешто преку граница ја уфрлија наводната потреба од целосна ревизија на македонското минато, внесоа поделба меѓу политичарите, историчарите, интелектуалците, кај обичните граѓани. Ги оживеаја старите пропагандни поделби на србомани, бугараши и гркомани, овој пат во нивна корист, го раширија јазот меѓу постарата и помладата генерација во однос на минатото и иднината, спротивставуваат дедо со внук, татко со син.

Внесувајќи смутови за разни историски настани и личности, за улогата на преродбеници, востаници, револуционери, вешто користејќи фразеологија поубедлива од нашата, успеаја во најголема мера да ги замешаат и заплеткаат работите од минатото што триста комисии не ќе можат да ги отплеткаат.
Ретко кој свесен Македонец помислуваше дека синтагмата „заедничка историја“ ќе биде употребувана за негирање на целокупната македонска историја, за негирање на самобитноста на македонскиот народ, за неговиот идентитет, јазик, писмо, култура, традиции. Она што на бугарската политика не ѝ успеваше сто и повеќе години, да ги наметне нејзините идеи, концепти, историски и научни толкувања, екипата на братот Бојко Борисов успеа да го направи само во неколку чекори, служејќи се со јудини бакнежи, лажни прегратки, празни ветувања и лицемерни сеанси. Сега, по завршените избори во соседната земја, набљудувајќи со минимум дистанца, може да се постави прашањето како една карикатурална политичка личност, каква што е Красимир Каракачанов, ги маѓоса македонските политичари, им влеа страв, ги дисквалификува во секоја пригода, а тие наместо достоинствен одговор, му подаваа рака на разбирање и почит.
Со уценувањата, со поставеното вето околу почетокот на пристапните преговори со ЕУ, Бугарија ја изложува Македонија пред налетите на ветрот на можна политичка, економска, меѓунационална дестабилизација. Ја држи, со цврсто колено ставено врз вратот во европска изолација, рамна на изречен домашен притвор, со одземени лични документи, без лична карта и без свој пасош. Злоупотребувајќи го комунистичкото минато на Македонија, а заборавајќи го своето, бугарската политика практично настојува преку таа идеја да го негира сето она што е постигнато во државата во времето на Југославија и пред тоа. Во тие тунели, што малку ги расветлуваме и разбираме или поинаку ги третираме, обвинувајќи ја Македонија дека не расчистила со комунизмот, тие ја наоѓаат симетралата по која ги негираат македонскиот идентитет, јазик и писмо. Нивната цел е точно насочена: сѐ што Македонците имаат постигнато, сѐ што создале на политички, духовен и културен план во времето на комунистичкото владеење да се прогласи за историска грешка и да се избрише од колективната меморија.

Во последните сто години се водеа војни, се менуваа епохи, се расформираа држави, форми и облици на општествено уредување, пропаднаа комунизмот и социјализмот како идеолошки системи, напредуваа науката и технологијата, човекот го освои небото, стигна до Месечината и тргнува кон Марс, почна новата дигитална ера, се менуваа погледите на (за) светот, ги нема Тито и Тодор Живков. Само жедта и копнежот на Бугарија кон Македонија останаа историска константа, најромантичен недосонуван сон. Тој сон ја спречува Македонија да биде своја на своето, колку може и колку што западните сили ѝ дозволуваат. Во тие лавиринти меѓу минатото, сегашноста и иднината ќе се бара „заедничко прифатливо решение“, кое не е баш охрабрувачко за Македонците, но, секако, е нужно. Прашање е дали и во барањето на тоа заедничко решение Македонија повторно ќе се попари од млекото што го испи со Грција или во однос на Бугарија ќе дува и на матеницата.

[email protected]