Какво влијание има сонот врз мозочните ќелии?

Животните и луѓето спијат за да им дозволат на сопствените неврони да ја одржат ефективна ДНК и тоа е причината зошто сонот е толку присутен во анималното царство

Сонот е неопходен дел од 24-часовниот циклус кај поголем број од живите организми, вклучувајќи го и човекот. Но кога животните спијат, се доведуваат во опасност, бидејќи ја смалуваат можноста за одбрана. Во состојба на сон, намалени се сензорните перцепции и затоа е можно да не се почувствува дека демне некоја опасност. Затоа е големо прашање дали и ние луѓето го преземаме овој ист ризик кога легнуваме да спиеме? Па зарем крадците не ја користат оваа состојба за полесно ограбување на жртвите?

Кога не сме наспани се чувствуваме мрзливо, слабо, исцедено. Затоа, го пиеме утринското кафе, за да се освежиме и за да можеме нашата активност да ја одржиме до идната вечер. Покрај овие лоши субјективни знаци што го следат недостигот од сон, научниците откриваат посуптилни податоци зошто сонот е неопходен за животните и за луѓето.

Скоро сите истражувачи тврдат дека сонот има огромна улога од аспект на нашето целосно здравје. Скорешни студии потврдуваат дека добриот ноќен сон го подобрува васкуларното здравје (состојбата на нашите крвни садови). Од друга страна, сонот е потврден како поттикнувач на имуниот систем, но претставува и заштитник на севкупниот метаболизам, а особено е корисен против појавата на дијабет. Луѓето поминуваат околу една третина од својот живот во спиење. Но зошто сонот е толку неопходен? Во природата, веќе нагласивме, сонот кај живите организми е состојба кога напаѓачите имаат полесна цел, зашто самозаштитата е многу смалена. Зошто тогаш, аналогно на животните, луѓето толку долго спијат и се подведуваат на слични ризици?

Најновата студија во Израел го потврдува непобитниот факт: дека сонот има реставрирачки ефект на мозочните ќелии. Наодите на тимот на проф. Апелбаум се објавени во високорангирано научно списание минатиот месец. Во ова истражување е користен еден вид риба (зебрафиш), која во многу карактеристики е слична на човекот. Всушност, над 70 отсто од гените на ова водно животно се исти како кај хуманиот род. Со помош на 3Д имиџинг-техника, научниците ги следеле ефектите на сонот на микроскала и набљудувале како тој влијае на мозочните ќелии (невроните).

Високорезолутивната технологија му дозволила на овој научен тим да ги следи движењата на ДНК и протеините во самите мозочни ќелии. Тие потврдиле дека за време на сонот, индивидуалните неврони биле способни да ја одржуваат работата во јадрото, централниот елемент на секоја ќелија, која го содржи најголемиот дел од генетскиот материјал. Кога јадрото ќе почне да не функционира и да се распаѓа, ДНК-информацијата што ја содржи се оштетува и тоа доведува до стареење, до болест и до лошо севкупно функционирање на еден орган или ткиво.

За време на сонот, невроните имаат можност да закрепнат од стресот акумулиран за време на денот и да ја надминат која било штета што ја добиле.

Исто така, научниците забележиле дека за време на будноста, нивото на хромозомска динамика е пониско отколку за време на сон. Тоа значи дека мозочните ќелии се неспособни да ја одржат ДНК-активноста постојано на исто ниво. Бидејќи овие процеси се извонредно витални, тие обезбедуваат мозокот да остане здрав. Затоа и животните, слично како луѓето, поминуваат долго време во спиење, иако во тој период се изложени на ризици во самата природа.

Со овие истражувања најдена е врската помеѓу сонот, хромозомската динамика, невралната активност и ДНК-оштетувањето и оправување што има директна физиолошка важност за целиот организам. Сонот дава можност да се смали штетата на ДНК што е акумулирана во мозокот за време на будноста. Животните и луѓето спијат за да им дозволат на сопствените неврони да ја одржат ефективна ДНК и тоа е причината зошто сонот е толку присутен во анималното царство.

Скоро истовремено со горното истражување, во универзитетот „Рочестер“, направена е студија за поврзаноста на сонот со Алцхајмеровата деменција. Бидејќи сонот е еден вид „прочистувач“ на мозокот, ако нема квалитетен сон, тогаш мозокот останува непрочистен и повреден. Кога сонот е нарушен, тогаш тоа има одраз на мозочните бранови (РЕМ-фазите на сонот), на срцевиот ритам и нема можност за исфрлање на „отпадот“ од мозочните ќелии. Акумулираните токсични протеини, како и бета амилоидот и тау-протеинот (поврзани со Алцхајмер) се таложат и настанува мозочно оштетување. Затоа длабок сон е неопходен за мозочното здравје.

Овие наоди објаснуваат и зошто анестезијата може да има штетни последици кај повозрасната популација. Познато е дека когнитивното оштетување по анестезија е голем проблем за пациентите. Многу од нив по хируршкиот зафат минуваат најпрвин низ период на делириум, за потоа да пројават влошување на когнитивните функции. Наведените наоди помагаат во развивање нови методи за надминување на овој проблем.

Кафето, најпознатата рекреациска дрога, слично на канабисот, го менува метаболизмот многу подлабоко одошто сме свесни. Но освен што нѐ освежува, кафето може да има и штетни последици по здравјето, може да биде потенцијална опасност за кардиоваскуларниот систем и ризик за канцер. Затоа, сонот не треба да се прескокнува! Доброто спиење е услов за добро здравје и особено за добро функционирање на мозокот. Ова особено треба да го запомнат младите што многу често остануваат до зори по кафеаните, а исто така и постарите, зашто објаснивме – сонот го смалува ризикот од деменција.