Каква политика – такви политичари

Криминал, корупција, заборавена правда, афера до афера, обиди за успешни и неуспешни пучеви, наместени милионски тендери, рекетирања за вртоглави суми во евра, владеење на мафии и кланови, злосторнички здруженија, економска сиромаштија, низок стандард, испразнети градови и села, таква е тажната слика на Македонија (сега Северна). Како што се менуваат властите, владите, собраниските состави и кадровските ешалони наместо ефектите да бележат позитива, произлегува дека секое зло се заменува со ново зло, со нови актери во главна улога и во слична или во поинаква, пософистицирана изведба

Политиката некогаш била возвишено занимање. Од политичарите барала највисоки знаења, доблест, совест, чесност и морал. Денес е сѐ поинаку. Кај старите народи и на Запад и на Исток политиката била идеалистички замислена како слуга на доброто, на воспитувањето и јакнење на карактерот на луѓето, а со тоа и на царството или кралството, подоцна на државата. Во својата теориска основа повеќе била педагогија, помалку практика, со намера човекот да биде добар и праведен, да ѝ служи на правдата и да биде од општа полза. Во тоа својство и со тие карактеристики таа имала статус на највозвишена наука. Од тоа време е античката мудрост, која остана само теорија, дека „власта треба да им се даде на оние што не ја сакаат, зашто оние што ја сакаат најчесто ја упропастуваат“. Во кратките објаснувања во енциклопедиите стои дека политиката е државничко умеење и вештина на владеење. Неа ја водат организирани групи и поединци, кои настојуваат луѓето да ги придобијат за некоја програма што се нуди и која ветува остварување на повеќе цели.

Според некои теоретичари на политичката историја, наводно сѐ се изменило во почетокот на 16 век кога Николо Макијавели (1469-1527) во својата книга „Владетелот“ ги објавил новите „препораки“ до владетелите за тоа како треба да се владее. Тој ја разбил античката предрасуда дека политиката мора да биде поврзана со моралот, со што ја редефинира целокупната традиција на дотогашната политичка филозофија. Кажал дека дадениот „чесен“ дипломатски или политички збор не вреди речиси ништо, дека договори и сојузи не вредат ништо ако не се газат и не се кршат. Низ низа примери покажа дека луѓето склони кон лукавства секогаш остануваат во играта полна со подметнувања, измами, чистки, елиминации и ликвидации. Оттаму, на оние што се на власт им порачува да бидат лакоми и лукави, да мислат само на доживотно поседување на власта и на апсолутна контрола на (над) сите процеси. Како што е познато, Макијавели државата ја гледал како дело и своина на владетелот и пропагирал да се употребат сите средства, материјални и аморални, за да се стигне до посакуваната цел.
Како што може да се види, денешните политичари, меѓу кои и македонските, одлично ја имаат совладано таа технологија на модерно владеење, се држат до неговите совети и ги остваруваат неговите препораки.

За поминатите нецели триесет години независност, во Македонија може да се набројат стотици примери, кои кажуваат дека за да се освои, а потоа да се задржи власта, се користи сѐ можно и неможно, легално и илегално, познато и непознато, реално и иреално, дозволено и недозволено, морално, и (посебно) неморално, креативно, дури и ретроактивно. Не само што на виделина излегоа туку речиси секојдневно излегуваат редица заткулисни работи, ниски и приземни меѓупартиски удари, цел арсенал валкано оружје и главно нечесни работи, сѐ на штета на интересите и развојот на државата. Криминал, корупција, заборавена правда, афера до афера, обиди за успешни и неуспешни пучеви, наместени милионски тендери, рекетирања за вртоглави суми во евра, владеење на мафии и кланови, злосторнички здруженија, економска сиромаштија, низок стандард, испразнети градови и села, таква е тажната слика на Македонија (сега Северна). Како што се менуваат властите, владите, собраниските состави и кадровските ешалони наместо ефектите да бележат позитива, произлегува дека секое зло се заменува со ново зло, со нови актери во главна улога и во слична или во поинаква, пософистицирана изведба.
Актуелните водечки партии пред секои избори ветуваат „кули и градови“, сеат магла, ветувајќи дека ќе ја преродат државата, ќе спасат запустени градови, ќе вработат народ и со нивната власт ќе тече мед и млеко. Кога стануваат власт не прават ништо од она што ветиле, а го прават она што ниту го ветиле, ниту го соопштиле дека ќе го прават. И безмалку сите влади, сите министри, речиси без исклучок, сите директори на големи јавни претпријатија на крајот од мандатот, или во предвреме одземен мандат, завршуваат со опашки зад кои се влече голем сомнеж за криминал, за изигрување на законите и за криминогено лично богатење. Во такви услови и оние чесни луѓе што во власта влегле со најдобри намери не можат да дојдат до израз и се втопуваат во мочуриштето, немоќни и разочарани што било да сторат. Или бидуваат сменети, „ги зафаќа метла“ токму поради нивната чесност, затоа што со таквиот карактер претставуваат брана за вршење финансиски или друг криминал на претпоставените. За разлика од нив, оние што покажуваат „дил ориентид“ способности, оние што се најбезобразни и најдрски во коруптивните дела секогаш остануваат на површина, успешно пливаат со секоја власт.

Општо гледано и кратко речено: власта се заснова на моќ. А моќта може да се оствари со (преку) богатство, углед, способност за убедување и обединување, како и поддршка од верски или политички фанатици или следбеници. Од една страна власта носи углед, почит, богатство, привилегии, признанија и други вредности и погодности, што, само по себе, како вистински магнет ги привлекува оние што имаат амбиции преку политика да постигнат нешто во животот. Од друга носи и одговорност, која најчесто се заборава или забошотува, појава што ѝ дава крилја и ја потхранува самата неодговорност. Не еднаш сме прочитале дека власта е стоглава змија што магнетно привлекува, зашеметува, опијанува, омамува и замелушува слично како што сирените во приказните ги омајувале морнарите. Како што омаено изгледаат македонските лидери и нивните свити, особено кога се во неволја или фатени во стапица. Не е непозната и не е случајна поговорката „еден грам власт е повреден од тон памет“.

Политиката сета своја опачина ја покажува за време на политичка или економска криза на државата, криза со низок интензитет, која ја следи Македонија од нејзината независност. Во занесот што стигнува до екстаза, опиените од сопствената слава, владетели и самоповикани спасители, по стишување на бурата, ги забораваат ветувањата што ги дале, а не ги исполниле, се губи реалноста и почнува период кога толку се замешуваат работите што веќе не се знае што е вистина, што лага, што е реално, што намерно измислено, изведено и пласирано во јавноста. Во таквите ситуации политичарите шират страв меѓу граѓаните, најавуваат опасност од друга страна, од странски служби и од странски држави, измислуваат сценарија за масовно лажење на народот, се прават нови манипулации за да се задржи старата или да се стекне нова доверба.

Не е нешто ново или некое откритие ако се каже дека во нашата држава е раширено мислењето дека владее време на политички неморал и време на оние што немаат ни срам ни образ. Уште пораширено е мислењето дека парите и личното богатење се основниот двигател во политиката и во борбата за власт. Оттаму, најверојатно, во секојдневието доаѓаат до израз полтронството, камелеонството, итрината, подлоста, лицемерството, лажните обвинувања и напади, подметнувања, поткупувања, инсинуации, демагогии. Доколку нема вистински, се измислуваат афери и скандали, се фабрикуваат или коват завери. Се развива подаништво, лесно и неодговорно се даваат квалификации, се лепат етикети. Некритички и незаконски се следат или им се слушаат телефони на поединци и групи, поинаку мислечките луѓе што јавно ги изнесуваат своите ставови се прогласуваат за кукавици и предавници. На површина излегуваат најниските нагони и гнасотилаци, се појавуваат (дез)информации (лажни вести од највисоко ниво) за разни деформации, криминали, злоупотреби, манипулации и разни други појави, користени во меѓусебни пресметки.
Несомнено дека сите тие негативни трендови крајно неповолно влијаат на расположението на граѓаните, за нивниот очај, наместо надеж, за нивно губење доверба во способноста на власта да ја води државата. Се разбира, тоа силно влијае и за нискиот авторитет на земјата во меѓународната заедница, особено во Европската Унија, која се презентира како новата ветена земја за Македонците.

[email protected]