Каде сте Македончиња?

Историските околности во кои се Македонија и Македонецот од почетокот на светот до ден-денешен се исклучително тешки. Но силниот дух отсекогаш бил и ќе биде вечна одлика на македонскиот човек. Силната христијанска животворна вера што ја носеле нашите предци, во своите мисли и срца, кога во услови на ропство, нечовечни обиди за нивна асимилација и најсурова немаштија, тие граделе Божји храмови, како благодарност кон Бога за силата што ја наоѓале во Неговите зборови за достоинствено да се одржат во живот, е вечна потврда за нашето постоење, но и тежок и мил аманет врз нашите плеќи, да не заборавиме каква жртва поднеле нашите предци за нас и да го чуваме тој силен христијански оган во нашите души засекогаш. Затоа и црквите и манастирите што ги имаме се вистинското лице на нашиот народ. И покрај тешкотијата на овие времиња во кои денес живееме, кога разни економски, социјални, политички притисоци од многу страни се надвиснати на нашите глави, кога некој сѐ уште се сомнева во нашиот идентитет, во нашето име, па дури и во нашата вера, ве повикувам браќа и сестри да ги издржите сите притисоци, издржете ги сите тешкотии, зашто наградата Божја секогаш доаѓа по искушение, а искушението за нас беше овој мачен период што го поминавме овие неколку години.

Што ли не видовме драги мои! „Неразбрани трговци“, кои, за жал, се од нашиот род, направија трговија со најсветото. Ги ставија на распродажба името, јазикот, историјата, и воопшто идентитетот македонски. Под изговор за светла иднина го избришаа минатото. Она минато во кое нашите мајки ронеа солзи поради крвта, која ја плукаа нашите татковци. Она минато во кое камшик го стишуваше секој обид за национално просветление. Она минато во кое во нашите цркви ечеше српското, бугарското и грчкото молитвословие. Она минато што непобитно поднесе многу човечки жртви и тажни човечки судбини, за кои најодговорни беа оние на кои денес им ја наведнавме главата, им се поклонивме и им положивме извинување во духот на добрососедството. Едно е сигурно, на тоа мора да му ставиме крај и да го оставиме зад нас. Време е да се погледнеме како браќа, да се поздравиме како Македонци, како потомци на оние што ја изградиле и ја зачувале основата на нашето постоење.

Историјата на еден народ е најважниот елемент за неговиот опстанок. Тоа е моментот што ги одредува чувствата на еден посебен ентитет, во однос на националното препознавање и разликување од преостанатите. Изучувајќи ја историјата се образуваме и се обврзуваме да се препознаваме како браќа, да се почитуваме како сродни едни на други. Преку историјата го запознаваме целиот почеток на нашето битие, тука е содржана основата на нашето постоење и смислата на нашиот натамошен напредок.
Денес, за жал, кога е во прашање спознавањето на историјата, живееме во многу бурно време. На Балканот, каде што се наоѓа нашата држава и каде што живеат голем број Македонци и надвор од границите на оваа „денешна“ Македонија владее еден вистински хаос во толкувањето на историските околности на овој голем и значаен полуостров, од кој зависи не само историјата на овој дел од светот туку директно влијае на светските околности и на целокупното културно наследство на сите светски народи. Како историски аргументи во унифицирана форма се нудат многу невистини, кои поединечно се толкувани од долгорочните агенди на балканските држави, а по малку скриено или по малку нескриено, во себе содржат територијални аспирации или зачувување на нешто што ниту судбински, ниту на каков било начин им припаѓа. Но за голема жал, на нас, Македонците, денес им припаѓа.

Повикувајќи се на туѓата историја, присвојувајќи си ја ексклузивноста на историските настани и личности, се создава овој хаос во толкувањето на историјата што му припаѓа на еден народ. На ваков начин, каде што Македонија секогаш е во подредена улога на Балканот, како најмал брат што во себе ја носи благодатта Божја, но секогаш е во исчекување да види што се договориле постарите браќа, историјата во која е пролеана премногу македонска крв и која е исполнета со страдања на македонските души, нашите соседи ја толкуваат како своја, а сѐ за остварување подобри позиции при некој нов „Букурешки договор“ во кој би присвоиле нови делови од оваа мала и напатена земја. „Нашите неразбрани трговци“, во светлата иднина, ја ставија како влог и нашата историја, легализирајќи ги и претворајќи ги небулозите и невистините на нашите „добрососеди“ во вистини.

Националната историја на македонскиот народ во исто време е и свештена и црковна историја на Македонската православна црква, од едноставна причина што токму Црквата на просторите на нашата татковина ги дала личностите што го описмениле, просветиле и умудриле македонскиот човек. Црквата ги родила личностите што ги создале самосвојната македонска литература и уметност, македонската технолошка култура и наука, потоа македонското чувство за државност и политичко дејствување итн.
Но и на неа пробаа да воспостават пранги. И на Црквата, и покрај начелото на секуларност, ѝ поставија маргини и параметри за нејзино однесување и движење. Па, така, на вековната македонска „тврдина“, под називот верска заедница почнаа да ѝ изготвуваат препораки и протоколи за нејзиното свештенодејство. Па остана ли нешто свето за „нашите неразбрани трговци“, драги мои!
Но Господ Бог одредил добрината да биде вечен владетел на светот во кој живееме, а демонскиот обид секогаш и секогаш да биде совладан. Бог ја сместил добрината во нашите срца и одредил секогаш да тежнееме кон неа. Љубовта, пријателството, милоста да бидат вечни идеали, кои ќе се стремиме да ги оствариме. И од тоа нема да отстапиме, бидејќи љубовта и молитвата се нашето најсилно оружје.

Македонскиот народ отсекогаш лесно и со силна вера го препознавал и го примал нашиот Спасител Христос во своите души, зашто имал силна потреба од Неговата поддршка за да ги преброди сите тешки моменти и искушенија, кои се наоѓале на неговиот еволутивен пат. Фактот што ние Македонците, уште од најрани времиња, ги славиме нашите предци, за нивната вековна желба за слобода, за нивната вековна љубов за Македонија, доволно зборува за цврстината на нашата вера, за силната поддршка што ја имаме од нашиот Господ Бог.
Потребни се силна волја, цврст карактер и нескршлив дух за да ги оствариме и одржиме идеалите во кои веруваме, идеалите за кои вреди да се живее, за кои вреди да направи секаков животворен напор, секогаш да се биде предаден на една вистинска цел и секогаш да се остане на патеката, на онаа вистинската, која води до остварување на таа цел.
Денес сме тука и сега е моментот кога мораме да посведочиме уште еднаш пред светот, дека македонската нација постоела од древни времиња, дека сигурно и недвосмислено го чуваме својот национален идентитет и денес, и дека македонското православно опстојување безбедно и беспрекорно ќе плови кон светла и благословена иднина, во Божјата прегратка.

Затоа, сакам да испратам една порака до целиот наш народ македонски, до сите наши браќа и сестри, до сите Македонци што живеат на различни страни од светот, далеку од своето родно парче земја, до сите наши соседи, до Европа и до целиот свет. Македонија е непобитна реалност, секогаш била и ќе биде, колку и да му пречело и да му пречи тоа некому. Ние ќе вратиме со добро на секого, ќе се помолиме за спасение на секоја душа, зашто секој сличен на нас е наш брат. Да се сконцентрираме малку повеќе на самите себе, отколку на тие околу нас, зашто сме си потребни.
Нека евангелските заповеди за љубов, вера и надеж бидат основа на нашата препородба, да се потрудиме во тие зборови да ги препознаеме силата и цврстината на нашиот одговор, на нашата христијанска заповед никогаш да не се предадеме, никогаш да не потклекнеме пред предизвиците што со себе ги носат времињата во кои живееме.

За крај, на сите оние што ни ја свиткаа кичмата, кои нѐ омаловажија, кои сакаат да нѐ понижат и да ни ја уништат гордоста македонска им препорачувам да ги прочитаат последните стихови на големиот македонски поет и учител Григор Прличев во песната „1762 Лето“ во која се опишува болката на архиепископот охридски Арсениј за укинувањето на Охридската архиепископија:
„Милостивиј Бог послушал патричка горешча клетва; Слава нихна, семе нихно погубил со шум.
И сега во куќи нихни ткае пајак пајачина И на пусти стрехи нихни хукат хутове“.
Бог нека ги благослови нашата света земја Македонија и македонскиот народ.