Каде се жените во Светското фудбалско првенство?

Со поголема вклученост на жените во фудбалот, со поттикнување и поддржување поголем број спортски новинарки и коментаторки, со поголема медиумска покриеност на женските фудбалски мечеви и еднаква финансиска распределба, ќе се надминат родово базираните стереотипи, а мажите и жените ќе уживаат еднакви можности
во фудбалот.

Силвија Митевска

Пред две години учествував на спортско-менторска програма во САД, заедно со уште петнаесет избранички од светот, жени со големо спортско искуство на теренот, но и надвор од теренот, во менаџментот на спортските институции. Во неколкумесечната обука се спријателивме, споделувајќи информации за положбата и статусот на жените во спортот во нашите матични земји. Од сите, најмногу ме изненади девојката од Нов Зеланд, по име Мелани, која работеше како коментаторка за спортот рагби, инаку најпопуларен спорт во оваа земја. Мелани, која беше на четириесетгодишна возраст, изгледаше самоуверено, со цврст карактер. На завршното обраќање на оваа програма, додека го презентираше својот акциски план, кој се однесуваше на тоа што би сакала да промени преку спортот во својата заедница, одеднаш се расплака пред сите нас. Таа јавно се пожали на дискриминаторскиот однос што го има на своето работно место, споделувајќи ги со нас сите вознемирувачки пораки што ги добива секојдневно од навивачите на овој фудбал во Нов Зеланд, но и од своите колеги, со кои е принудена да соработува секој ден. Се стаписав кога го чув тоа. Во Нов Зеланд престојував еден месец, пред многу години, на натпревар во параглајдерство. За мене оваа земја беше лулка на демократијата, една од малкуте земји каде што жените не се борат катадневно против родовите стереотипи и уживаат во еднаквоста. Арно ама не било така. Мелани не била прифатена како коментаторка за рагби само затоа што е жена (инаку е бивша репрезентативка во рагби).

За време на овој мундијал имаше и постојани телевизиски сцени од „привлечни“ жени во толпата навивачи, а истото тоа се случуваше и на социјалните медиуми, каде што се споделуваа фотографии од „привлечни“ навивачки, кои многупати беа подложени на вербално и физичко вознемирување од страна на различни навивачки групи.

Ова искуство ме наведе да го следам Светското фудбалско првенство 2018 од поинаква перспектива. Имено, и тука некои од светските новински агенции одбраа новинарки и коментаторки да го покриваат фудбалското првенство, жени што пред сѐ се професионалци со големо искуство и познавање на фудбалската игра, но, сепак, многу од нив се соочија со предрасуди и родови стереотипи. Тие беа критикувани, не поради способноста да известуваат за фудбалското првенство, туку заради родовата улога и стигмата дека жените не припаѓаат во фудбалскиот свет. Новинарките беа вознемирувани од навивачи, додека во живо известуваа за Мундијалот од Русија. На дописничката од Бразил, Гимараес, среде известување непознат маж ѝ се приближи и ја бакна, а истото тоа ѝ се случи и на Јулие Гонзалес Теран, дописничка за каналот на шпански јазик на германската телевизиска новинска агенција Дојче веле, која среде емитување во живо од непознат навивач беше бакната во образ, притоа зграпчувајќи ја за нејзината лева града. Токму затоа, ФАРЕ (организација за борба против дискриминацијата во фудбалот) за време на Светското првенство пријави неколку инциденти на вознемирување жени до управното тело на ФИФА. Инцидентите пред сѐ се однесуваат на вознемирување на спортските новинарки што известуваа од Русија и за време на нивниот работен ангажман биле вознемирувани од навивачите, како и кон локалните навивачки од Русија што биле сексуално вознемирувани од странските туристи.

За време на овој мундијал имаше и постојани телевизиски сцени од „привлечни“ жени во толпата навивачи, а истото тоа се случуваше и на социјалните медиуми, каде што се споделуваа фотографии од „привлечни“ навивачки, кои многупати беа подложени на вербално и физичко вознемирување од страна на различни навивачки групи. Понатаму, новинската агенција „Гети слики“ објави, а подоцна, ја избриша фотогалерија со наслов „Најдобри навивачки“ на годинешниот Светски куп, а во поднасловот стоеше: „Фудбалот е познат како убава игра, а тоа ги вклучува и неговите навивачи; проверете фотографии од најсекси навивачките тука“. Секако следуваше лавина од коментари на Твитер нарекувајќи ја објавата сексистичка и несоодветна, по што следуваше нејзино повлекување.

Стивнаа сите импресии од фудбалското првенство, но остана горливиот вкус на неправда и родова дискриминација што не го одмина ниту овој спортски настан. Повеќе од очигледно е дека фудбалот важи за машки спорт и факт е дека во повеќе земји фудбалот сѐ уште се смета за спорт каде што доминираат мажите. Дотаму што на иранските жени им е забрането да присуствуваат на фудбалски натпревари на стадиони, па многу од нив одлучуваат да се маскираат во мажи за да можат да влезат на стадион (многу и издржуваа затворски казни поради овој прекршок).

И како што изјави една од ретките жени што работат во менаџментот на хрватската фудбалска репрезентација, Ива Оливари, која кажа дека треба да им се даваат повеќе можности на жените да се вклучат во фудбалот, алудирајќи на поголема застапеност во раководните структури на фудбалските организации. Со поголема вклученост на жените во фудбалот, со поттикнување и поддржување поголем број спортски новинарки и коментаторки, со поголема медиумска покриеност на женските фудбалски мечеви и еднаква финансиска распределба, ќе се надминат родово базираните стереотипи, а мажите и жените ќе уживаат еднакви можности во фудбалот.

(Aвторката е претседателка на граѓанската организација ТАКТ)