И покрај сѐ, колку сме толку сме токму сме!

Денес кога ќе слушнеме некого како ја негира македонската самобитност, да се потсетиме на зборовите на Гане Тодоровски: „Но ние сме како што сте како што се. И покрај сѐ и покрај сѐ, колку сме толку сме токму сме!“

Вековното негирање на македонската самобитност беше поттик за Гане Тодоровски да ја напише веќе легендарната песна „Нашинска“: Да ни е да сме доста, колку за да се разбистри небото, над Бистрине, Корабине. Да ни е да сме доволно колку за да се довардиме покрај Вардарине и Струмине. Да ни е да сме мерата колку за да се прелееме, од колено во колено докрај истрајвекот. Малцичка сме ли ете па што, малцичка божем, а веќе со векови, по стопати по севезден нѐ пребројуваат. Но ние сме како што сте како што се. И покрај сѐ и покрај сѐ, колку сме толку сме токму сме!

Македонските обележја сѐ уште се омаловажуваат и често можеме да слушнеме дека македонскиот народ е народ без сопствена историја, јазик, култура и обичаи, дека македонската нација е вештачки создадена од страна на Коминтерната и Јосип Броз-Тито и сл. Всушност, македонските особености се наоѓаат во темелите на македонскиот национализам, познат и како сепаратизам, македонизам или македонштина. Но на македонштината не треба да гледаме како на шовинизам, туку како на идеологија што ги заштитува македонските етнички, јазични и културни особености, како и политички интереси. И не треба да се заборави дека македонската нација и државност се крепат токму врз споменатиот македонски национализам.

Во создавањето на македонската нација и држава нема ништо неприродно и тие се исход на еден долг историски процес, кој се нарекува македонска национална преродба, која може да се разбере и како вековна борба на неколку македонски генерации. Не случајно Христо Татарчев вели дека индивидуалноста на македонскиот народ е резултат на еминентни сили што дејствувале низ столетијата. Но кои се овие еминентните сили? Џулијан Алан Брукс вели дека во Македонија се појавила една нова класа на интелектуалци што одлучиле самостојно да работат и станале татковци на македонскиот национализам. Тука треба се споменат Ѓорѓија Пулевски, Теодосиј Гологанов, Трајко Китанчев, Спиро Гулапчев, Коста Шахов, Стефан Дедов, Крсте Петков Мисирков, Димитар Благоев, Димитар Чуповски, Димо Хаџи Димов, Петар Поп Арсов, Јане Сандански, Смиле Војданов, Крсте Гермов-Шаќир, Димитар Влахов, Панко Брашнаров, Методија Андонов-Ченто, Гане Тодоровски, Киро Глигоров и многумина други. Сите тие го прегрнаа македонскиот национализам како единствено решение за македонското прашање. Во 1925 година, Крсте Петков Мисирков за споменатиот македонски национален сепаратизам напиша: „Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонски сепаратизам. Последниов беше и си останува за мене единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ.“

Никола Милошевиќ вели дека историјата има смисла само под услов, прво, нејзината линија на движење да е влезна и, второ, во некоја нејзина точка да завршува со нешто што го надминува сето она што ѝ претходело. Обновата на старите и изградбата на новите македонски цркви во почетокот на 19 век означуваат нова влезна точка во една бурна и сложена историска ера, која има свои особености и се разликува од претходните периоди. Изгрaдбата на црквите, првите книги напишани на македонски народен говор, борбата против Цариградската патријаршија, македонските црковно-училишни општини, борбата против пропагандите, борбата за обнова на Охридската архиепископија, антиегзархиското движење, револуционерните борби, Илинденското востание, антифашистичкото движење и АСНОМ – се мост, а не цел. Илинден, 2 август 1944 година е онаа завршна точка во историјата за која говори Милошевиќ.

Не случајно Панко Брашнаров првото заседание на АСНОМ го отвори со зборовите: „Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединена Македонија… Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја и Крушовската Република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска Република… Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана… Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби.“

Денес кога ќе слушнеме некого како ја негира македонската самобитност, да се потсетиме на зборовите на Гане Тодоровски: „Но ние сме како што сте како што се. И покрај сѐ и покрај сѐ, колку сме толку сме токму сме!“