И неодлучувањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е одлука

Од една страна големо мнозинство од симпатизерите/гласачите на ВМРО-ДПМНЕ е против спогодбата, а од друга страна слично мнозинство поддржува членство во НАТО и во ЕУ

Деновиве ќе помине рокот во кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го објави својот став за референдумот за спогодбата со Грција. Опозицијата и покрај критиките од сите страни за таквата позиција, за неискажување за референдумот, не го промени ставот, иако и неодлучувањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е одлука. Зошто ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за неодлучување и зошто, веројатно, крајната позиција ќе остане таква? Кои се аргументите за, против или #бојкотирам?
За ВМРО-ДПМНЕ нема јасни аргументи зошто би биле за на претстојниот референдум. Големо мнозинство од симпатизерите/гласачите на опозицијата ја отфрла спогодбата со Грција, а и самата партија има дефинирано ставови дека договорот е лош, претставува капитулација, е на штета на државните интереси на Македонија. Толку силно дефиниран негативен став за спогодбата со Грција, не остава никаков простор за гласање за на референдумот.

Но тоа дека нема аргументи за, не значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи против референдумското прашање. Тоа се должи на двојноста или тројноста на референдумското прашање. ВМРО-ДПМНЕ е против спогодбата со Грција, но не е против членството во НАТО и во ЕУ. Независно од спогодбата и референдумот, поддршката за членството во НАТО и во ЕУ е голема не само меѓу граѓаните туку и меѓу симпатизерите/гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, каде што, според објавените анкети, над две третини од симпатизерите/гласачите на ВМРО-ДПМНЕ поддржуваат членство во ЕУ.

Од една страна, големо мнозинство од симпатизерите/гласачите на ВМРО-ДПМНЕ е против спогодбата, а од друга страна слично мнозинство поддржува членство во НАТО и во ЕУ. Со вакви ставови на симпатизерите/гласачите донекаде е очекувана одлуката на партијата да не одлучува за референдумот. Дали тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе се одлучи за неучество или #бојкотирам?

Кои се аргументите за и против #бојкотирам? Првиот аргумент за ВМРО-ДПМНЕ да повика на бојкот е тоа што одлуката за референдум и за референдумското прашање беше донесена без учество на ВМРО-ДПМНЕ. Власта сама си донесе одлука, самата нека си го организира референдумот. Вториот аргумент е нерамниот терен за кампања за референдумот во корист на за, нераздвојувањето на државата од партијата преку учество на клучните владини функционери во кампањата за, како и целосната нејасност на референдумското прашање, кое меѓу другото вклучува нејасен мандат за измена на Уставот. За потсетување, овие аргументи се истите аргументи поради кои СДСМ имаше намера да ги бојкотира локаните избори во 2013 година, и поради кои не ги призна резултатите од парламентарните избори во 2014 г. Оттука ВМРО-ДПМНЕ има легитимно право да го бојкотира референдумот.

Од друга страна, има аргументи против #бојкотирам. Првиот е дека референдумот како услов го постави ВМРО-ДПМНЕ. Во сите програмски документи, во сите настапи на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ во последните десетина години, се повторува дека одлука за спогодбата со Грција ќе донесат граѓаните. Дури подоцна ваквиот став беше прифатен од СДСМ. Кога ВМРО-ДПМНЕ е партијата што го постави референдумот како предуслов, тогаш евентуалната несогласност со ваквиот референдум, мораа јасно да ја искажат при носењето одлука за референдумот.

Вториот аргумент е дека сите прашања заслужуваат одговор. Точно е дека СДСМ тврдеше дека е легитимно да се бојкотира референдумот за територијалната поделба во 2004 г. со кампањата „Некои прашања не заслужуваат одговор“. Но точно е и дека ВМРО-ДПМНЕ таквата позиција ја сметаше како нелегитимна и ги повикуваше граѓаните да излезат на референдумот. Тогаш дали ставот за бојкот е прашање на прагма или на принципи? Доколку е прашање на принципи, тогаш ВМРО-ДПМНЕ треба да повика на учество во референдумот.

И третиот аргумент против #бојкотирам е истрајноста на ВМРО-ДПМНЕ. И со далеку потешки услови на референдумот во Турција, тамошната опозиција го прифати предизвикот на референдумот и низ кампањата аргументираше зошто е против. И иако за победи на референдумот, против постигна значаен резултат. Во ваков случај веројатно ВМРО-ДПМНЕ ќе беше пооправдано да биде против референдумот, со образложение дека штетноста на спогодбата со Грција, ги надминува добивките од членството во НАТО, а за членството во ЕУ допрва треба да се избориме.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ не се одлучи против, одговорот треба да се бара во тоа што тоа би било толкувано како противење на членството во НАТО и во ЕУ. Или како што деновиве еден германски функционер во една дебата рече, тие што се против референдумот, се противници на Германија, што потоа не го повтори во интервјуто за една национална телевизија, но истакна дека неуспехот на референдумот ќе ја води Македонија во повеќегодишна изолација. Меѓу чеканот на меѓународната заедница и наковалната на сопствените симпатизери/гласачи е сосема јасна одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за неодлучување за референдумот. Тоа беше и претходно со договорот за добрососедство со Бугарија, веројатно ќе биде така во случајот на референдумот. И додека се чека ставот на ВМРО-ДПМНЕ, симпатизерите/гласачите на ВМРО-ДПМНЕ постепено се поместуваат од против во #бојкотирам и веќе е извесно артикулирањето против референдумот низ ставот #бојкотирам. Што за референдумот ќе значи тоа веројатно ќе може да се анализира во подоцнежната фаза на кампањата.
***
Честит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија!

Блог www.megjutoa.mк @sklek #СпоротЗаИмето #Референдум #Бојкотирам #ЕУ #НАТО