Итрецот Одисеј наспроти Итар Пејо и Насрадин-(х)оџа

Сигурен сум дека сте го гледале филмот ,,Троја“. Приказната се случила 1.200 години пред да се роди Исус Христос и цели 900 години пред да се роди Александар Велики (трети), кој 1.000 години подоцна, од Римјаните е наречен Магнас, а Грците уште подоцна го преведоа во Мегас.

Овој пат самата Грција е во улога на ,,тројански коњ“ како помош на креаторот на уривање на ,,последното југословенско домино“ и по 70-годишната опсада на ,,измислената држава на Тито“, Грците ќе ги срушат ѕидините до темел, како кула од карти, а не како цврстите бедеми на Троја (Чанак-кале), кои паднаа со итрина, а не со воена вештина. За само 10 години. Паднаа Тројанците на ,,подарокот“ исто како што ќе паднат и Македонците на „подарокот“ ЕУ-НАТО и сами ќе си ги срушат бедемите (Уставот вторпат, знамето вторпат и името првпат) за да влезе коњот во нивниот двор. Зошто распаѓањето (а на македонски да ти било дисолуција) не почна од СРМ, туку од СР Словенија, не е случајно. Созреаја ,,околностите“ (околните). Камен-растемелникот беше ,,милијардата на Циле“. Да не беше Граѓанската војна во Грција и протерувањето на ,,славофоните“ во „Титовата Македонија“ денес немаше да има ниту ,,разлики“ ниту спор, ниту некој ќе забележеше дека постои кротка, незабележлива и занемарена посткомунистичка држава, со името Македонија. Токму тој ,,пакет“ денес треба да се реши само во ,,пакет“ и никако одвоено. Дополнителен пакет е што ,,Титовата творба“ не е повеќе само на ,,Македонците“, туку е,,пакет“ од конститутивни народи и народности. Итрецот Одисеј (денес Ципрас) треба да се почитува. Грците ги ,,вртат“ без око да им трепне, цела Европа и САД, со вечно неплатени долгови и се единствена држава во светот, која за 130 години современо постоење банкротирала 11 пати. Денешниот Одисеј ќе го доврши отвореното прашање со ,,славофоните“ и ќе го кутне ,,последното југословенско домино“.

Тоа ќе креира нова политичка митологија: лав со крилја на орел или нова држава „Нова Македонија“, овој пат составена од две ,,поголеми етнички заедници“ и сите други во „пред амбула“, „зад амбули“ и слични дреболии. Мислам дека местата на преговори не се случаен избор, особено претпоследната на ’ртот Сунион од каде што во морето се фрли атинскиот крал Егеј, по кое морето го доби името Егејско Море. Просто како поука за министерот-преговарач, наследник на ,,дете-бегалец“ и компетентен за преговори околу ,,разликите“, (промени) на името. Бидејќи да не беа ,,бегалците“, немаше да знаеме и да спориме дека сме Антички Македонци. Тие, не само што подробно ни го раскажаа нашето античко потекло, туку тоа ни го илустрираа пластично, со артефакти и восочни фигури во ,Археолошкиот музеј на Македонија и наоколу. Како во ,,Илустрирана Библија за деца“. Така е направено и во ранохристијанскиот период, кога во црквите немало ниту икони, ниту фрески по ѕидовите. Дошла заповед од Рим, Светиот престол: ,,Направете библија за простаци!“ Под поимот ,,простаци“ се подразбирало ,,неписмени“. Нешто од типот на стрип-романи, илустрации за полуписмени, бидејќи Библијата (Светото писмо) тогаш никој не знаел да ја прочита. И да ја прочита, не може да ја разбере. И навистина, преку иконите, фреските, ни се раскажани потеклото, житијата на светците и на сите маченици што страдале во името на Христа. И се створила цела една наука ,,иконопоклонство“ (идолослужение). Но, во 726 година, пак од Светиот престол, по заповед од Леон Трети (Лав број 3) доаѓа уште понова заповед: ,,Се забранува иконопочитанието!“ Уништени се илјадници икони, мозаици, фрескописи и статуи на светци, вклучувајќи и на Христос, Помазаникот. Брзо се разграбувани и уништувани манастирските имоти, прогонувани монасите и следбениците.

На соборот 754 година со поддршка на императорот Константин Петти иконопочитанието е објавено за ,,ерес“ (замислете зборот е старогрчки, кој може брзо да си го преведете како ,,секта“). Со тоа во христијанството почнува религиозна револуција – ,,иконоборство“. Арно ама, неполни петнаесет години подоцна, во 787 година, на Седмиот вселенски собор во Никеја, решенијата за иконоборство се отфрлени, благодарение на императорката Ирина, вдовица на истиот Константин Петти, што ги донесе законите за иконоборство, таа ги отфрли. Убавото е што моите предци, кои да се, од античка до асномска Македонија, не го послушаа Константин Петти да ги сотрат сите ранохристијански цркви, манастири и мозаици со кои сега се гордееме иако сите не се сосема ,,македонски“, туку на територија на Република Македонија и заедно се нашето ,,културно богатство“, признаено дури и од УНЕСКО. Е, сега иконоборството е во вид на ,,разликите“, (промена) на името. Некои, старомодни, како мене, кои со радост и потпис го официјализираа 8 Септември за ,,најнов илинден“, а илиндени колку сакаш, секоја година од нов-понов. Претпоследниот се случи на 13 август 2001 година. Најновиот илинден, треба да се случи и ќе се случи на 8 Септември 2018 година. Но, што ќе правите, ако сопругата на некој најнов император на најилинденска Република Македонија, ги сотре сите претходни илиндени од пред неа и донесе уште понов илинден, како што направи императорката Ирина. Не, не е до кичмата, до карактерот е. Грците имаат убава поговорка: ,,Карактерот е судбина“. Како социјалистичка ,,младина“ се потсмевавме на поговорката ,,секој ден не е Велигден“, ама еве, секој ден можел да биде илинден, дури и во некоја година да има и неколку илиндени, во зависност од волјата и паметот на императорот. А дека сме еластична нација по природа, можам да ве потсетам: колку од вашите дедовци, родители, стрини, вујни и почитувани управители, денес дотуркаа до почитувани ,,патриоти и слични“. Уште во СФРЈ ја покажаа таа националкарактерна еластичност. Знаете ли колку од нив, за упис на универзитетот ,,Кирил и Методиј“, кога ќе снемаше квоти ,,за Македонци“ изјавуваа дека се: Срби, Роми, Албанци, Турци или други и во квотата за националност се запишуваа: Митревски Митре, националност Ром (тогаш Циган) Стојковски Стојко, националност Албанец, Никодимовски Никодим, националност Турчин.

А многумина од нив, досегнаа по високоопштествени функции, само нема кој да пресее или ако сакате на македонски, да направи лустрација на таа еластична нација. Не сум сосема убеден дека некој етнички Албанец, по цена на упис на факултет ќе се попише како Ром или некој етнички Србин, по цена за упис на факултет, ќе се запише во графата етнички Албанец. Таква вродена еластичност имаат само етничките Македонци и никој друг на ,,овие простори“ (ама јака фраза). Еластичната традиција се усоврши во ,,самостојна“ Македонија, кога многубројни уште поеластични Македонци земаа многубројни државјанства на речиси сите соседни држави. Сосема фраерски е да имаш по неколку патни исправи во џебот (простете, турски збор, не го знам македонскиот). За малку ќе го прскокневме епилогот (гр. решението) бидејќи е напишано во прологот (гр. воведот). Итрецот Одисеј, победник и креатор на коњот во 10-годишната војна, која се случила пред цели 3.500 години, Насрадин-(х)оџа, османлискиот Езоп и итрец славен во албанскиот, арапскиот, азирскиот, ерменскиот, бенгалскиот, хинду, урду, босанскиот, бугарскиот, грчкиот, италијанскиот, пиштунскиот, персискиот, томанскиот, српскиот и се разбира македонскиот фолклор. Насрадин се родил пред 900 години од овој број на ,,Нова Македонија“. И конечно Итар Пејо, образец на остроумен, итар селанин, мудар и снаодлив, тукашен аналог на претходните. Не знам зошто гледам аналогија за тројна средба на итреци во тромеѓата Преспа, за претстојните денови или недели. Кој ќе биде еластичен, а кој итар, допрва ќе видиме, можеби до следниот број.