Италијанскиот расизам на италијанските Италијанци од Италија

Уште малку фудбал. Или не е баш фудбал. Италија стана европски шампион. И тоа не е во ред. Титулата мора веднаш да им се одземе. Не знам како, но треба да се смисли механизам за тие да бидат тргнати од европскиот фудбалски трон. По секоја цена. Затоа што Италијанците прават сè за да ги нарушат правилата на новата нормалност. Од секој нивни фудбалер, од секој негов здив, излегува неподносливата смрдеа на политичката некоректност.
Не можам да ги набројам сите нарушувања на светата политичка коректност што ја извршија Италијанците. Затоа ќе се задржам на оние најстрашните. Бонучи е политички провокатор. Даде гол, па ѝ се дереше на камерата. Се потсмеваше со англиското it`s coming home. It`s coming to Rome, врескаше провокаторот. А Кјелини се књафтеше како штракнат пред изведувањето пенали со Шпанија. И тоа е чиста политички некоректна провокација. Па уште Манчини потврди дека се радувале и смееле пред секој натпревар. Што е чин на забегана вообразеност. Сигурно им се потсмевале на оние што ги победуваат.
Со химната беше најстрашно. Видовте ли како ја пееја Италијанците? Со затворени очи. Рака залепена на срце. Викаа толку гласно што сигурно сакаа да ја надгласат публиката. Страшно! Тоа е бесрамно презентирање на љубовта кон татковината. А љубов кон татковината, особено така гласно изразена, национализам е. Во овој случај намерно покажан италијански национализам. Италија, пак, е земјата од која тргна фашизмот на Мусолини. Ете, сега е сосема јасно дека италијанските репрезентативци се фашисти.

Има уште. Италијанската репрезентација е шовинистичка. Шири мизогинија. Видовте ли жена во нивниот тим? Не видовте, зашто нема. И хомофоби се. Гадни хомофоби. Сте слушнале некој нивни репрезентативец да се изјасни како геј? Не сте слушнале, затоа што не се изјаснил. Фашисти, шовинисти, хомофоби. И она најстрашното. Италијанските фудбалери се расисти. Да, убаво прочитавте, расисти. Во нивната репрезентација сите се белци. Нема ниту еден црнец. Нема ни од жолтата раса. Едноставно, во италијанската репрезентација има премногу Италијанци… сите се.
И баш затоа мора да им се земе титулата на тие подли жабарски расисти. Што ме гледате така? Не го измислив јас ова. Ете, убаво си пишува британски „Економист“ дека италијанската репрезентација имала премногу Италијанци, немале ниту црнец, ниту косоок Азијат, ниту Марсовец, а камоли геј елиен и слично. Јас само нагазив на нивниот идиотски муабет.
Патем, не е точно дека во италијанската репрезентација сите се Италијанци. Има тројца натурализирани Бразилци. Ама хистеричниве неолиберали мора да мрчат. Нарушена им е нивната нова нормалност, нивната посрана политичка коректност. Ги забрануваат Шекспир, Снежана, Дамбо, Фаличен пансион, Пипи Долгиот Чорап и што уште не, па сега и Италијанците им се премногу Италијанци. Што е следно? Во Русија има премногу Руси? Зошто сите албина се бели? Им пречи на овие од „Економист“ што Италијанциве биле премногу Италијанци, ама не зборуваат за расизмот на нивната публика. Гадостите што им ги дофрлаа на Рашфорд, Санчо и Сака затоа што тројцата промашија пенал. Затоа што тројцата се црнци. Не им пречи што англиската публика беше единствена што ги свиркаше туѓите химни. Лицемери.
Така е тоа во светот. Ете, Џеф Безос леташе во вселената. Мој омилен космонаут по Белка и Стрелка. По Чешка, катастрофално невреме ги погоди Германија и Холандија. Грета Тумберг сигурно ќе ни објасни дека тоа е поради климатските промени. Талибанците немилосрдно ги убиваат Авганистанците што соработувале со Американците, затоа што овие последниве, ги оставија на цедило. Истото беше и во Кореја, и во Виетнам. Така „длабоката држава“ се однесува со своите поданици. Аналитичари алармираат за економски планетарен колапс. По него богатите сигурно ќе бидат побогати. Чудно е како во секоја економска криза подебелиот крај го извлекуваат оние што немаат. Украина му даде ултиматум на рускиот министер Шојгу сам да се појави на сопственото судење. Русија се смее. Украинците и Нордистанците во совршен натпревар кој ќе излезе поглуп пред историјата.

Светот се тркала кон нова форма на фашизам. Невакцинираните ќе бидат бележани. Ќе им биде ограничено движењето. Можеби ќе ги ставаат во гета наскоро. Во САД е изречена првата казна затвор за упадот во Капитол од 6 јануари. Нивниот 6 јануари како нашиот 27 април. Казната е осум месеци затвор. Пред тоа судовите веќе изрекоа неколку условни казни. Кај нив осум месеци, кај нас по тринаесет години. Така суди господарот. Кај себе дома според правото, а во протекторатите под негово владеење, за да покаже сила преку своите закрепостени судии и обвинители, дели страшни казни во политички монтирани процеси, кои доколку ги суди шведскиот врховен суд, на пример, паѓаат како скапани круши.
А Нордистан се забавува. Ако, убаво е тоа, човек да се забавува, особено кога е под окупација среде која скапуваат по затвори невини политички затвореници. Ама пак и што да се прави? Лето е, време за одмор и забава, дури и коронавирусот е заминат на летување, таму некаде до септември. Октроираните се глупираат зашто им се може и глупо е што било да се презема кога и онака, тие, повисоките од горе така сакаат. Не обвинувам, само мрчам. Ама сепак, наспроти глупостите, се случуваат и невидени реформи како во ниту една држава… пардон… како во ниту еден протекторат со закрепостен народ во светот. Толку се добри што и една амбасада повлекува официјален извештај на сопствената држава за состојбите во протекторатот за да биде поправен и усовршен.

Сиот свет ни завидува на реформите. Свечено примопредавање фрижидер во полициска станица. Во него законот ќе се чува замрзнат за некои други, лоши времиња, ако не дај боже на пример, дојде десницата на власт. Свечено отварање граничен премин. Под ведро небо. Една клупа, пар столчиња, никаде пункт, канцеларија, кабини. Постмодерен неокласичен кубизам. Свечено отварање нов кружен тек во Струмица. Ама каков кружен тек. Симболичен. Зборува меѓу редови. Надвор од контекст. Надвор од здравиот разум. Прогресивен. Модерен. Сосема бескорисен. И писоарот на Дешамп може да му позавиди. Можеби Марсел симболично му се помоча на модернизмот, ама овој кружен тек оди подалеку во симболиката. Ѝ се моча на логиката со која одамна не живееме заедно.